11.8 C
Skopje
Friday, April 19, 2024
spot_img

Елена Димовска: Вештачката интелигенција не може да ги замени наставниците

Вештачката интелигенција не е таа која го води процесот, туку е алатка во процесот. Затоа таа помага во процесот на креирање апликации, а програмерот е тој што сепак е човечкиот влез, кој ги знае сите останати фактори и го води процесот. ВИ се обидува да ги замени наставниците во пренесувањето на информациите, но не може во емпатијата, во социолошкиот момент, онаму каде што треба да се предаде со љубов, со внимание кон децата. Каде би можела повеќе да помогне на наставниците? Во административните повторливи задачи кои ги имаат наставниците, вели во интервју за Приказна, Елена Димовска – СЕМОС едукација.

Кои се етичките дилеми што ги отвора сè поголемата достапност на чет ботовите?

Елена Димовска – Разумното, рационално и етично користење на чет ботовите е и основата за правилно користење, инаку како и за секој нов производ и услуга постојат дилеми особено во етичноста, нов производ е и се регулира допрва. Веројатно малициозните обиди да се наштети со помош на чет ботовите е тоа што прво треба да се ограничи. Тоа го прават големите вендори кои произведуваат сервиси што користат вештачка интелигенција, но секако треба да се работи и на свеста на корисниците. Затоа што ако тргнеме кон тоа да видиме злоупотреба во секој производ тоа постои дали е индустриска шпионажа, плагијати, или друг вид неетично користење на производи и услуги, но затоа е тука регулацијата, законските нормативи и мерки кои го ограничуваат или го казнуваат таквото користење.

Се работи за спој на различни мерки кои треба да се преземат во насока на етично користење и да се решат тие дилеми.

Што носи иднината, како ќе ни изгледа пребарувањето во онлајн светот, како ќе комуницираме со чет ботовите?

Елена Димовска – Ни претстои дигитализирана иднина, веќе се подготвува таквата средина чекор по чекор. Насекаде околу нас генерираме податоци, поаѓајќи од неофицијалните податоци кои ги генерираме секојдневно, а потоа податоците за медицински цели, бизнис, научни цели … Тие се основата за вештачката интелигенција.

Знаеме дека вештачката интелигенција впрочем претставува манифестација на човечката интелигенција со помош на машините. Ние процесираме информации, а и машините основата ја користат во податоците. Така што веројатно она што ни претстои во иднина, не само чет ботовите, туку сè што ќе вклучи сервис како вештачка интелигенција, ќе ни овозможи да стигнеме до одредени информации многу побрзо, генерално ќе го промени начинот на функционирање на луѓето во секој сегмент на општеството. Ќе го промени начинот на учење.

Некогаш ќе ги поедноставува работите, но секогаш ќе биде тука човекот да ги подобрува истите. Би рекла една симбиоза помеѓу функционирањето на човекот и машините.

Како ќе се вклопи во училниците, каква ќе биде улогата во образованието?

Елена Димовска – Секогаш сакам да кажам дека вештачката интелигенција ќе направи промени во позитивна насока. Особено што ние одамна ја изгубивме битката со машините во делот на процесирање информации, во делот на чување информации тие се многу помоќни од нас, но и побрзи. Тука би требало да ја оставиме задачата да биде нивна, а ние луѓето и во училниците, треба да ги користиме во позитивна насока како наставниците, така и учениците.

Пред сè треба децата да ги научиме на позитивен фидбек и корист од машините, пред деструктивните последици и елементи кои може таа да ги понуди. Во таа насока да го градат истражувачкиот дух, не еден извор или една книга, туку достапноста на информациите насекаде околу нас сега е многу побрза и полесна. Треба да научат како да стигнат до некоја информација, а не само да соберат знаење. Веројатно во таа насока би се движел тој процес на учење.

Што значи вештачката интелигенција од аспект на децата, кои вештини ќе придонесе да се развијат?

Елена Димовска – Некои истражувања велат дека децата кои денес се во образовен процес некаде до 2065 година ќе се вклучат на работни позиции кои денес не постојат. Тоа значи дека ќе се изградат некои нови работни позиции, ќе живеат во еден многу поинаков свет од денешниот очигледно. Веќе тоа почнува да се менува.

Она што има треба на децата да научат технички вештини, пред сè дигитална писменост, да развиваат критички ум и осврт кон технологијата за да дадат подобар фидбек и да ја развиваат технологијата. Таа сепак ќе зависи од човекот.

Дали вештачката интелигенција може да ги замени наставниците во формалното образование и вас предавачите во неформалното?

Елена Димовска – Се обидува во пренесувањето на информациите, но не може во емпатијата, во социолошкиот момент, онаму каде што треба да се предаде со љубов, со внимание кон децата. Каде би можела повеќе да помогне на наставниците? Во административните повторливи задачи кои ги имаат наставниците.

Некои истражувања велат дека наставниците дури половина од времето го поминуваат во административни задачи, а само половина во директна интеракција со учениците. Во тој дел навистина ќе помогне. Исто така ќе помогне во оценувањето и објективноста, во следењето на процесот на учење кај децата, во наоѓањето аномалии кои постојат во процесот на учење итн.

Како да направиме децата да бидат безбедни кога ги користат алатките на вештачката интелигенција?

Елена Димовска – Тука има повеќе чинители, не би барала еден фактор, туку вклучени се повеќе чинители во тој процес. Тука е примарната социјализација т.е. семејството, родителите, оние кои треба први да зборуваат за свеста кај децата и кои се придобивките од вештачката интелигенција и машините. Потоа тука е формалното и неформалното образование преку едукацијата, многу тренинг центри со технички вештини и се разбира тука се регулативата и законите, доколку не функционира моралот и етиката да ги спречат сите малициозни обиди.

Како помага вештачката интелигенција во програмирањето?

Елена Димовска – Според некои истражувања вештачката интелигенција го намалува времето на изработка на документација за определени решенија како и генерирање на код. За пократок временски период тоа го прават програмерите во однос на некористење на вештачката интелигенција во својот процес, што не е случај со некои комплексни задачи. Во тој случај им помага во постапката на разбивање на некакви дилеми во користење на еден или друг код, учење на непознати нови јазици … Повторно се јавува како сојузник.

Тоа значи дека користењето вештачка интелигенција води кон подобри апликации, подобро кодирање или од друга страна програмерот ја губи креативноста и очекува готов код?

Елена Димовска – Вештачката интелигенција не е таа која го води процесот, туку е алатка во процесот. Затоа таа помага во процесот на креирање апликации, а програмерот е тој што сепак е човечкиот влез, кој ги знае сите останати фактори и го води процесот.

Дали почетниците треба да се плашат од вештачката интелигенција?

Елена Димовска – Баш напротив, со едно побрзо темпо да се развиваат зашто имаат силен сојузник. Не би требало да чекаат некаква помош, туку може да ја искористат вештачката интелигенција за побрзо добивање информации, за побрзо учење нови јазици, во откривање решенија кои претходно не биле познати …

Оптимист сум по природа и не сакам таа карактерна особина да ја рушам со деструктивни особини на вештачката интелигенција. Вештачката интелигенција може да генерира код, но програмерот е тој што треба да го избере вистинскиот код. Не ги знае бизнис вредностите на главните карактеристики на едно решение, ги нема дополнителните влезови од променети околини, го нема фидбекот од корисникот кој треба да биде вклучен за да донесе нова одлука. Нема разум, нема интуиција итн.

Документарен магазин Приказна

Како ја гледате иднината во програмирањето од аспект на вештачката интелигенција?

Елена Димовска – Како сојузник генерално во компјутерските науки и сè она што доаѓа како технологија, не само во програмирањето. Брзо е темпото со кое се развива вештачката интелигенција како поддисциплина на компјутерските науки, има многу нови алатки кои излегуваат постојано, односно секојдневно.

Регулативата е таа која е дел од секоја рамка на сервисите кои вклучуваат вештачка интелигенција. Темпото е брзо. Ние луѓето треба секогаш да сме подготвени, да знаеме да одговориме со ист чекор. Гледам дека човекот и машината би биле еден одличен сојуз ако тоа го гледаме во позитивна насока. Податоците се основа, доколку ги нема, вештачката интелигенција можеме да ја исклучиме.

Наташа Јанклулоска Торевска

Текстовите, фотографиите и останатите материјали што ги објавува Приказна.мк се авторски. Крадењето авторски содржини е казниво со закон. Бесплатно преземање е дозволено само на 20 отсто од содржината со задолжително цитирање на медиумот и хиперлинк до оригиналната содржина на Приказна.мк.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

СЛЕДЕТЕ нѐ на

5,279FansLike
2,913FollowersFollow
spot_img

НАЈНОВИ