Си замина легендата, идол на многумина. Кралицата на рокенролот почина по долго боледување во нејзиниот дом во Цирих. Препознатлива по својот вокал и енергичен сценски настап, таа со години беше инспирација.

Освои осум Греми награди и беше примена во Рокенрол куќата на славните во 2021 како соло пејачка, откако првпат беше примена заедно со Ајк во 1991. Во два наврати успеа да се запише во Гинисовата книга на рекорди. На 16 јануари 1988 година, Тарнер настапува на стадионот во бразилски Рио де Жанеиро пред 188.000 гледачи. Позната е и како пејачка која продаде најмногу билети за нејзините концерти: само во 1990 година настапила 121 пати, а бројот на гледачи надмина четири милиони.
Животот многу често ја ставаше пред најразлични предизвици со кои таа храбро се справуваше
Родена е на 26 ноември 1939 година во Тенеси. Нејзиниот вистинско име е Ана Меј Булок. На 16 години го запознала музичарот Ајк Тарнер, а ова познанство целосно и го променило животот. Тој го смислил нејзиното уметничко име – Тина Тарнер. Нивната врска е бурна, но полна со насилство.
Откако избега од насилникот Ајк, Тарнер ја обнови кариерата и стана една од најголемите поп и рок ѕвезди од 1980-тите и 1990-тите.
Среќата ја најде со својот втор сопруг, германскиот музички директор Ервин Бац. Почнаа да се забавуваат во средината на 1980-тите, а се венчаа во 2013. Двојката живееше во Швајцарија, а Тарнер доби и швајцарско државјанство.
Фановите, колеги, јавни личности се збогуваат со кралицата на рокенролот
Бројни јавни личности се збогуваа со неа, од Барак Обама, Мик Џегер, Елтон Џон, Бијонсе, Глорија Гејнор, Наоми, Мараја Кери …
НАСА ја испрати Тина Тарнер меѓу ѕвездите.
„Едноставно најдобра. Музичката легенда Тина Тарнер блескаше низ сцената и во милиони срца како кралица на рокенролот. Нејзиното наследство засекогаш ќе живее меѓу ѕвездите“, објави НАСА.
Портпаролот на уметницата истакна дека на погребната церемонија ќе присуствуваат само блиски пријатели на пејачката и нејзиното семејство. Информацијата за нејзината смрт е споделена на нејзиниот инстаграм профил.