22.8 C
Skopje
Saturday, July 27, 2024
spot_img

Д-р Смилка Јанеска-Саркањац: Гејминг индустријата е многу конкурентна и бара разновиден сет на вештини

Д-р Смилка Јанеска-Саркањац е професорка на ФИНКИ. Таа за Приказна споделува дека ФИНКИ иако е еден од најмладите факултети, тој е најброен.

Оваа година примивме повеќе од 1100 студенти, а вкупниот број на студенти изнесува околу 5000. На ФИНКИ јас предавам менаџмент, маркетинг, евлада и уште неколку предмети во првиот, вториот и третиот циклус на студии. На овие предмети ние учиме и зборуваме како стратегиски да се применува ИТ и во компаниите од приватниот сектор и во институциите од јавниот сектор, открива професорката Сакрањац. Работиме на развивање на меките вештини кај студентите, презентациски вештини, како да склопат приказна, како да направат анализа, како да работат тимски. Освен теорија, работиме многу студии на случај на вистински компании со вистински проблеми коишто ги решиле со помош на информатичката технологија. Еден дел од овие компании се и компаниите од гејминг индустријата.

Во врска со гејминг индустријата, таа е брзорастечка, високопрофитабилна индустрија. Денес брои околу 3 милијарди луѓе коишто играат игри. Во 2025 се очекува вкупните приходи на светско ниво да достигнат 200 милијарди долари. За да добиеме впечаток колку е моќна оваа индустрија може да се спореди со филмската и музичката индустрија. Филмската индустрија во 2025 ќе има 50 милијарди приходи, музичката 35 милијарди долари. Вкупно, музичката и филмската индустрија се 2,5 пати помали од гејминг индустријата. Во овој сектор, сè уште телевизијата е крал и има околу 700 милијарди долари приходи, смета проф. Смилка Саркањац

Кои се факторите кои поттикнуваат ваков брз развој на гејминг индустријата?

Проф. Смилка Саркањац Денес има сè поголем број на паметни телефони и на таблети. Тие се сè подостапни за луѓето ширум светот. Игрите може да се играат во движење. Тоа и луѓето го прават. Игрите се главно бесплатни, но најчесто внатре има некои микротрансакции коишто им овозможуваат на развивачите на игрите да ги монетизираат своите авторски дела.

Еспортот кој претставува натпреварувачки видеоигри, станува сè попопуларен. Наградите на овие натпревари стануваат сè повисоки и тоа дополнително привлекува играчи. Напредокот на технологијата исто така е важен фактор. Се очекува виртуелната реалност во иднина уште повеќе да го подобрат искуството при играњето и со тоа ќе се зголеми бројот на играчи.

Колку и зошто е важно формалното образование?

Проф. Смилка Саркањац Гејминг индустријата е многу конкурентна и бара разновиден сет на вештини, а овие вештини најдобро може да се стекнат воформално образование односно на универзитетите. Секако, професионалците кои работат во гејминг индустријата, а мора да имаат технички вештини. Оваа индустрија бара длабоко разбирање на компјутерските науки, на програмирањето, дизајнот на игри, а сето ова најдобро се учи на факултет. Потоа, потребна е креативност. На неа се работи не само на техничките, туку и на уметничките факултети кои исто така имаат свој удел во развојот на видеоигрите.

Се учи тимска работа, бизнис вештини и на факултетите се стекнува навика за доживотно учење и усовршување. Кога дипломираните студенти на ФИНКИ ќе завршат факултет, тие се свесни дека допрва почнува нивното учење, исто како и сите професионалци во 21 век. Факултетот е само почеток.

На ФИНКИ нудиме неколку предмети од областа на видеоигри. Програмирање на видеоигри, дизајн на видеоигри, визуелни ефекти, вештачка интелигенција во примена. Но и по други предмети, ги учиме алгоритмите, платформите, технологијата коишто се користат при развојот на видеоигри како и при развојот на други видови на софтвер.

Развојот на видеоигрите е тимски спорт. Освен луѓе кои имаат техничко образование, потребни се професионалци од повеќе области. Во врвните универзитети низ светот постојат насоки за компонирање на музика за видеоигри, за развој на музика за видеоигри итн. коишто се најбараните и најпосетените од страна на студентите.

Документарен магазин Приказна

Дали гејминг индустријата е примамлива за студентите?

Проф. Смилка Саркањац Оваа гранка е помеѓу најпривлечните гранки за студентите воопшто. Тие се главните клиенти на гејминг индустријата. Сите тие играат видеоигри. Ако мислат дека страста за видеоигрите и некое техничко знаење се доволни да се работи во гејминг индустријата, се лажат. Индустријата е многу конкурентна и бара разновиден сет на вештини.

Да бидам искрена, јас бев пријатно изненадена кога пред половина година во групата на Фејсбук која брои околу 15 илјади информатичари од Македонија, еден матурант ги праша за совет дали да се запише на некој брз курс, да ги заврши за неколку месеци, и веднаш да почне да работи во ИТ сектор или да се запише на ФИНКИ. Имаше стотици коментари и совети од информатичарите и речиси сите го советуваа да се запише на ФИНКИ. Нивниот став беше дека поширокото образование, темелно образование е долготрајно, и е многу поважно за развој на кариерата отколку некој брз фокусиран курс.

Вики Чадиковска

Текстовите, фотографиите и останатите материјали што ги објавува Приказна.мк се авторски. Крадењето авторски содржини е казниво со закон. Бесплатно преземање е дозволено само на 20 отсто од содржината со задолжително цитирање на медиумот и хиперлинк до оригиналната содржина на Приказна.мк.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

СЛЕДЕТЕ нѐ на

5,528FansLike
3,293FollowersFollow
spot_img

НАЈНОВИ