22.8 C
Skopje
Saturday, July 27, 2024
spot_img

Д-р Неда Ежова: Нутритивната алегрија е еден од најсериозните проблеми во клиничката алергологија

Карактеристично за алергиите на храна е синдромот на вкрстена реакција меѓу инхалационите поленски алергии и алергените од храна може да предизвикаат една пренесена сензибилизација. На пример, опишани се случаи кај луѓе кои се алергични на бреза, или на треви, да реагираат на зелено јаболко, на зелени салати, на грашок, спанаќ, вели за Приказна, алергологот Д-р Неда Ежова

Приказна Колку може да биде опасна алергијата на храна?

Д-р Неда Ежова Сигурно како и сите други и алергијата на храна може да биде и ризична и опасна, и да предизвика опасни состојби коишто брзо треба да се лекуваат, односно да се интервенира се со цел да немаме компликации. Инаку, алергијата на храна или нутритивната алергија, заедно со медикаментозната алергија претставуваат еден од најсериозните проблеми во клиничката алергологија. Кога зборуваме за алергија на храна секогаш треба да имаме во вид уште еден поим којшто се меша во праксата а тоа е т.е. интолеранција на храна. Тоа е затоа што се испреплетени симптомите како кај алергијата на храна така и кај интолеранцијата.

Клиничките симптоми се слични и често пати клинички не можеме да ги разликуваме. Меѓутоа, во патогенезата односно во патогенетските механизми, има голема разлика помеѓу овие два ентитета.

Приказна Што е всушност алергијата на храна?

Д-р Неда Ежова Алергијата на храна е имунолошка реакција т.е. антиген антитело реакција која се одвива со посредсво на антитела. Ние кога дијагностицираме, бараме соодветни антитела за таа алергија или таа појава. Додека кај интолеранцијата на храна патогенетскиот механизам не е поврзан со откривање на антитела, што значи дека со самото внесување на храната, со нејзините состави, супстанции, адитиви, бои, зачини, со внесување во дигестивниот систем или во гастроинтестиналниот тракт самата храна содржат голема количина хистамин кој се разградува во цревата и продуцира енормно високи количини на хистамин без да учествуваат антителата и тука е онаа разлика помеѓу алергија на храната и интолеранција. Тоа понатаму треба да се докаже со соодветни алерголошки тестирања и други постапки кои ги преземаме за да откриеме за што се работи.

Приказна Кои се најчестите можни алергени?

Д-р Неда Ежова Најчесто можни алергени од храната кои кај сензибилизираните лица предизвикуваат некаква болест, се кравјото млеко, кикиритките, рибата скуша, морски плодови, знаат да бидат високи алергени супстанции кои предизвикуваат не само интолеранција, туку да предизвикаат и антиген антитело алергиска реакција. Понатаму, инкриминиран алерген кој често се спомнува уште од детската возраст е кравјото млеко, и затоа кај децата многу повисока е алергијата на храна, од причина што повеќе консумираат млеко, млечни производи. Покрај млекото, силни алергени се брашното како пченичното така и ’ржаното, јаткастите плодови, оревите, сусамот.

Карактеристично за алергиите на храна е синдромот на вкрстена реакција меѓу инхалационите поленски алергии и алергените од храна може да предизвикаат една пренесена сензибилизација. На пример, опишани се случаи кај луѓе кои се алергични на бреза, или на треви, да реагираат на зелено јаболко, на зелени салати, на грашок, спанаќ. Сите овие алергии се ставени во стандардната листа за алергени со кои ние во праксата ги детектираме алергиските реакции. Тука спаѓаат и голем број од овошјата како што е јагодата во прв план, цитрусните овошја кои повеќе даваат интолеранција затоа што ослободуваат хистамин во дигестивниот систем. Тие даваат повеќе интолеранција.

Приказна Дали адитивите во храната, може дополнително да влијаат врз алергиите?

Д-р Неда Ежова Во светот и кај нас се добиваат податоци за зачестеност на алегрија на храна, поради користење на разни адитиви, бои, конзерванси итн. Во Америка, 52% од населението има некој тип на алергија на храна, за разлика во европските земји таа бројка е поумерена, односно 2,5% од населението е со некаков тип на алергија на храна.

Приказна Кои се симптомите на алергијата на храна?

Д-р Неда Ежова Најчесто во праксата се спомнува уртикаријата, потоа атопичен дерматит кој се јавува кај најмалите деца. 20% од луѓето реагираат со респираторните системи како последица од алергија на храна во форма на алергиска ринитис, астма. Тука е дигестивниот систем, со клинички манифестации на подуеност на стомакот, дијареја, пролив, глутенска ентеропатија, грчеви и сл.

Алергијата на храна делува на ткивата, кожата, слузниците на дигестивниот систем, грлото, ринитите и многу други. Кај сите алергии важни се анемнистичките податоци, се со цел да се види хронологијата на појавата на реакциите. Ако некој од семејството имал астма во семејството, не значи дека и детето ќе добие, но може да значи дека ќе добие алергија во смисла на уртикарија, атопичен дерматит итн.

Документарен магазин Приказна на тема безбедност на храната

Се препорачуваат елиминациони и провокативни тестови, односно во мали количини повремено да се внесува дел од храната која е инкриминиран како алерген. Но овие тестови може да предизвикаат ризик, и да дојде до анафилактичен шок, ако се прават во амбулантски услови и затоа се прават најчесто во болници, каде што може да се санира еден таков шок. Кожните тестови кои се прават може да дадат одредена дијагноза, исто така и ин витро тестови, односно лабораториски тестови.

За Приказна, Ване Маркоски

Текстовите, фотографиите и останатите материјали што ги објавува Приказна.мк се авторски. Крадењето авторски содржини е казниво со закон. Бесплатно преземање е дозволено само на 20 отсто од содржината со задолжително цитирање на медиумот и хиперлинк до оригиналната содржина на Приказна.мк.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

СЛЕДЕТЕ нѐ на

5,528FansLike
3,293FollowersFollow
spot_img

НАЈНОВИ