4.8 C
Skopje
Saturday, December 21, 2024
spot_img

Д-р Владимир Чадиковски: Кога спасувате дете, сте направиле нешто неверојатно емотивно

Пред 10 години, во 2013 година во земјава беа поставени темелите на детската кардиохирургија на чело со д-р Владимир Чадиковски, кој е единствениот лиценциран детски кардиохирург во земјава. Тој е еден од нашите херои за 2023.

Секој професионалец треба да си ја сака работата што ја работи. Нашата професија е малку поспецифична, особено оние доктори кои работат со деца се посебна фела на луѓе. Оваа професија бара многу жртва, љубов и пожртвуваност. Ова е една од ретките професии кои кога одите дома знаете што сте направиле. Знаете дека кога дента сте спасиле дете, сте завршиле поголема и емотивна работа, вели д-р Чадиковски.

Некој да ме праша дали повторно сè би поминал, би се запрашал. Пред некое време имав едно предавање и согледав, низ каква голгота поминувавме од 2013 година, за да дојдеме до оваа фаза.

На овој начин се овозможи секое детенце со срцева аномалија, да добие шанса за најдобар третман без листа за чекање. На детската кардиохирургија годишно се третираат до 150 новороденчиња и деца со најтешки срцеви мани.

Беше тешко бидејќи пред 20 години пред ние да започнеме, голем дел од децата се лекуваа во Бугарија. Анализирајќи ги податоците, откривме дека само 37% од децата успеваме да заминат на лекување, односно скоро 63% од децата во Македонија умирале, споделува д-р Чадиковски.

Сега имаме други податоци, кои покажуват дека повеќе од 1300 деца се оперирани во Македонија. Оваа Приказна започна како проект кој прерасна во еден оддел, акредитиран со над 70 луѓе вработени, во одделот за детска хирургија. Имаше голгота за да стигнеме во една ваква фаза. Во нашата држава, но и во сите држави кои се од поранешната Југославија. Најголемиот проблем е системскиот одговор на мултидисциплинарниот пристап. Еден професионалец од секоја професија ќе најдете, но ако треба да најдете оркестар од повеќе профили на доктори, а тоа да функционира како едно, навистина е тешко, додава д-р Чадиковски.

Документарен магазин Приказна

Секогаш потенцирам дека ќе се најде опрема, пари, сè, но најтешко е да најдете човечки фактор, професионалци кои сите ќе живеат како фамилија. Тие како тим да работат заедно и резултатите да бидат, што повеќе спасени деца. Затоа и секогаш велам дека тимската работа е многу важна. ПСЖ ги имаше најдобрите фудбалери во свет, па не беа фудбалски прваци. Не е само да ги имате најдобрите играчи, туку тимот да знае да функционира како еден.

На ова одделение не постојат листи на чекање, секое дете добива шанса за брз третман. Важна е довербата која родителите ја имаат во тимот на доктор Чадиковски.

Се чини дека трендот на носење на лекување на децата во странство е историја.

Во принцип се работи за вродени срцеви маани, за тешки дијагнози. Зборуваме за бројка од 100-тина деца кои се раѓаат и имаат 100% смртност, ако не ги оперираат. Родителите кога ќе дојдат, сакаат да видат систем, тоа е најважната работа, и секако, довербата.

Кога го даваат своето дете, гледаат дека го даваат во некаков систем. Секој си ја знае својата работа, а и тие се чувствуваат посигурни кога ќе го видат тоа. На едно место да ви е сè и да знаете дека на пример за еден час имате дијагноза, третман, подготовка, знаете како родитрел, што ќе го испитуваат, го стабилизирате. Најважната работа е што фамилиите кои доаѓаат тука, забележуваме дека гледаат еден систем кој е многу важен со третманот кој го добиваат за нивнотот дете, додава д-р Чадиковски.

Детска кардиохирургија се наметнува полека како регионален лидер.

Регионално има еден центар во Србија, еден во Софија, еден во Атина и еден во Скопје. Самото тоа покажува дека се работи за една комплексна работа. Имаме блиска соработка со Косово и повеќе од 70 деца, бебиња, опериравме. Среќни сме што голем дел од тие деца ги спасивме и се во добра кондиција, смета д-р Чадиковски.

Нашата визијата е што со самото отворање на одделот за детска кардиохирургија и интензивната нега која ние ја имаме, успеваме да ги згрижиме сите деца во државата, бидејќи имавме деца со ковид, со леукемија, деца со тумори кои сме ги третирале, деца со крварење во глава.

Користа која ја носи кардиохирургија како интензивен оддел и регионално и од Косово, се огледува во тимот кој работи, кој ако може да се справи со детски кардиохируршки интервенции на бебиња од 1,2 кг, значи нема проблем да се справи со сите тешки хируршки состојби кои постојат кај децата, вели д-р Чадиковски.

Родителите сега се смирени. Важна е довербата која родителите ја имаат во тимот на доктор Чадиковски.

Дефинитивно. Од оваа далечина кога гледам, ми беше чудно бидејќи дел од децата одеа во Бугарија. Пример ниедно дете со Даунов синдром не се праќаше во Бугарија. Ние до сега имаме оперирано 37 дечиња со Даунов синдром со срцеви мани, на кој сум многу горд. Ниедно такво дете не се праќаше во Бугарија на третман, вели д-р Чадиковски.

На почетокот кога го почнувате тоа, недовербата постои и е логична, бидејќи не можете да ја воспоставите таа релација. Имате еден павилјонски систем на клинички центар каде мора да излегувате, да се движите од едно место на друго. Вие немате сè на едно место, а работата бара и налага сè да е на едно место, па затоа и логични беа реакциите на родителите. Ќе речеа немаме доверба тука, сакаме на друго место. Сега навистина тоа е сменето. Не помнам кога сум потпишал документ за дете да се лекува во странство, додава д-р Чадиковски.

Одлуките за фетоцитите се многу тешки.

Да, тоа го предавам на правен факултет. Фетоцидот е дискутабилна варијанта којшто на некој начин законски е пропишан, не само дали е моја желба или не. Јас не сум против абортусот, либерален сум за тоа прашање. Вие имате до 21 недела да одлучите дали сакате да носите тој плод или не. После таа недела веќе се работи за плод кој има глава, раце, нозе и одлуката за прекинување на бременост веќе не е абортус, туку е веќе умртвување на плод. За да се одлучите за тоа постојат комисии.

Јас изричито барав на тие комисии да има присутен специјалист од областа за која детето носи некаква мана, бидејќи навистина постојат огромни маани за кои луѓето се одлучуваат да прекинат бременост, а да ги видите тие дечиња кај нас, нема ни да знаете дека тие дечиња имале некаква срцева мана. Има две-три срцеви мани за кои потпишувам, ако се бара од мене. Тие се комплексни, квалитетот на живот е катастрофален и бара многу операции. Но 90% од дијагнозите се решаваат и имаат сосема нормален квалитет на живот. Мислам дека фамилијата пред да се одлучи за тоа, треба да знае со какви проблеми се справува, за да бидат свесни дека ако го родат тоа дете и ние успееме да се избориме да го спасиме, ќе има нормален квалитет на живот, смета д-р Чадиковски.

Токму и затоа следн мој план на кој сакам силно да се посветам е да се одржуваат повеќе дебати, да им се објасни на луѓето дека навистина во држава каде што наталитетот се намалува, прв пат сме под 20.000, вие имате деца кои навистина може да ги спасиме и да имаат нормален живот. Да не се избрзува со одлуката за прекинување на бремености.

Тимот предводен од доц. д-р Владимир Чадиковски, супспецијалист по детска кардиохирургија, вклучува исклучителни професионалци, секојдневно водат беспоштедна борба да се спаси детски живот.

Тимот е голем. Најгорд сум на тимот, на моите луѓе. Во многу наврати сум кажал дека менаџментот тука ја почувствува потребата дека може да направиме нешто коешто ќе вреди и ќе остане. Мојата кариера вака или така ќе си дојде при крај, но знам дека имам направено тим кој се грижи за сите деца. Горд сум бидејќи сметам дека тимот кој останува зад мене, а во кој имаме и специјализанти, имаме база, го отвори патот за идните генерации да можат да се развиваат и да бидат уште поуспешни од мене. Тоа е мојата цел. Хирургот кој ќе ме замени да биде подобар од мене, тимот што ќе биде по овој тим да бидат уште подобри, додава д-р Чадиковски.

Плановите во иднина, вклучуваат и трансплантација на детско срце.

Да, трансплантација на срце се наметнува како проблем кој државата мора да го реши. Техничкиот момент не бара толку, колку што е организациски многу тешко и бара огромна организација. Јас мислам дека прашање на време е кога ќе мораме да застанеме и да почнат да се прават. Имавме неколку разговори со националните координатори за трансплантација, но проблемот кај трансплантацијата е што не можете да ставите срце од возрасен кај дете. Многу е тешко да се дојде до донор, треба дете за дете. Ако се согледа тоа и сме спремни, ќе почнеме со подготовка. Ќе мора да почнеме, тоа е реалноста, открива за Приказна, д-р Чадиковски.

Ване Маркоски

Текстовите, фотографиите и останатите материјали што ги објавува Приказна.мк се авторски. Крадењето авторски содржини е казниво со закон. Бесплатно преземање е дозволено само на 20 отсто од содржината со задолжително цитирање на медиумот и хиперлинк до оригиналната содржина на Приказна.мк.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

СЛЕДЕТЕ нѐ на

5,762FansLike
3,388FollowersFollow
spot_img

НАЈНОВИ