Препораката е што помалку сончање, неизложување на сонце, независно колку и да се сака сонцето, колку и да изгледа убаво во летно време, човек треба да е заштитен од сонцето и доколку се почувствува промена, веднаш да се отиде на лекар да се направи дијагностика и да се види дали треба да се интервенира или не, вели проф. Д-р Боро Џонов, специјалист по општа хирургија, супспецијалист по пластична и реконструктивна хирургијa
Приказна Кои се симптомите на рак на кожата и како да се препознаат?
Д-р Боро Џонов: Класични симптоми нема, бидејќи пациентот познал дека развил меланом на кожата. Во доцните фази може да се јави крвавење од промената, чешање, понекогаш и болка поради воспалението, меѓутоа главниот проблем е што овие промени се асимптоматски. Единствениот начин на раното откривање се скрининзите.
Свесноста за меланомот кај нас, во последните 10 години е доста подигната. Пристапот кон оваа болест мора да биде мултидисциплинарен. Во дијагностицирањетп се вклучени колегите дерматолози, ние, хирурзите кои учествуваме во лекувањето, онколозите во подоцното лекување, патолози, и заради сето ова, сепак во денешно време, во нашата држава доаѓа до рано откривање на овие болести.
Приказна Анализите укажуваат дека бројката на светско ниво, а и кај нас, покажува раст и дека често пациентот се јавува во задоцнета фаза.Која е причината?
Д-р Боро Џонов Точно така. Во задоцнета фаза се јавува од практични причини, кога се наоѓа на некој дел од телото каде што е недостапен и каде што не може секојдневно да го гледа, на пример на грбот, задникот, задниот дел на нозете и поради тоа кај оние ризични групи, луѓе со посветла боја на кожа, луѓе кои имаат дермални невуси од раѓање или имаат повеќе концентрација на пигментот на одредени места на кожата, треба да се прават тие скрининзи почесто.
Инциденцата е зголемена секако поради сончевото влијание, барем тоа се теориите. Со глобалното затоплување и сончевите зраци имаат многу поштетно дејство отколку што било порано. Меѓутоа сепак кај нас луѓето, доаѓаат задоцнето, со веќе развиена и проширена болест, не само на кожата.
Гледаме да работиме на тоа да ја зголемиме свесноста и почесто да се оди на дерматолог, со дермоскопски прегледи да се прават тие скрининзи и на време да се открие развојот на оваа болест.
Приказна Често пати се мисли дека УВ зраците имаат штетно влијание само во лето, но дали навистина е така?
Д-р Боро Џонов Секако не е така. Сите одиме на скијање, одблесокот од белата површина на снегот го има скоро истиот ефект како и во лето. Како доаѓаат годините, со промената на климатските услови доаѓаат се’ повеќе сончеви денови и во есенските и зимските денови, па така не може да се ограничи делувањето на сонцето само во летниот период.
Секако се препорачува заштита, се препорачува помалку сончање и главната причина што ги советуваме пациентите да се исфрлат оние навики да се оди постојано на солариуми во летото, затоа што тука зрачењето е некаде 10 пати посилно во однос на тоа што го има сонцето во летниот период.
Приказна Се смета дека жените водат повеќе грижа за кожата и затоа на некој начин се помалку ризична група. Има ли вистина?
Д-р Боро Џонов Има вистина и во тоа. Меѓутоа претходно ги спомнав солариумите, женската клиентела е главна во солариумите. Во однос на заштитата, на облеката, секако позаштитена е женската популација во однос на машката.
Едноставно кажано, физичките работи кога се работат во поле, физичките работи во градовите во летните услови, придонесуваат кожата да биде постојано изложена на сончеви зрачења.
Кај нас кога би се погледнала инциденцата на меланомот, многу е поголема зачестеноста во јужните краеви, особено кај оние луѓе што се занимаваат со земјоделство, од причина што поголем дел од денот се надвор и изложени се на сонце.
ПриказнаКаква е ситуацијата кај децата? Дали ракот на кожата може да се јави и кај најмалите?
Д-р Боро Џонов Во однос на децата, најчеста причина што може да се јави е иритацијата, особено кај деца од 7 години па нагоре. Исто така на местата каде постојано кај малите деца се става облека, се ставаат пелени итн., главна е иритацијата и нанесување на разни хемиски средства и самолекување.
Еден од ризик факторите е и пубертетот, но и бременоста. Во овој период многу е важно да се прават скрининзи.
Постојат неколку ризични групи кај кои треба почесто да се прават тие скрининзи, да ги посетуваат матичните дерматолози, да се прават дермоскопи.
Препораката е што помалку сончање, неизложување на сонце, независно колку и да се сака сонцето, колку и да изгледа убаво во летно време, човек треба да е заштитен од сонцето и доколку се почувствува промена, веднаш да се отиде на лекар да се направи дијагностика и да се види дали треба да се интервенира или не.
За Приказна,
Вики Чадиковска