26.8 C
Skopje
Saturday, April 13, 2024
spot_img

Д-р Афродита Шаља: Незадоволените права на населението, придонесуваат за миграции

Миграциите најмногу се должат на незадоволување на правата на населението и на квалитетот на услуги во државите. Луѓето природно се движат таму каде што има подобри услуги, каде нивните права се повеќе задоволени. Нашиот фокус треба да биде да не ги спречуваме луѓето да не одат, но да им обезбедиме услуги да сакаат да останат и да дојдат, вели во интервју за Приказна, Д-р Афродита Шаља, шефицита на Канцеларијата на УНФПА.

Какви се демеграфските трендови во светот?

Д-р Афродита Шаља Минатата година на 15 ноември светот го одбележа 8 милијардитиот жител што значи бројката расте. Но за да се достигне бројката од 7 до 8 милијарди требаа да поминат 12 години. Се предвидува дека за од 8 до 9 милијарди ќе бидат потребни 15 години. Општо во светот постои тренд на намалување на бројот на населението кое се должи на повеќе фактори меѓу кои фертилитетот, миграциите и морталитетот. Она што е побитно, не се бројките само туку структурата и составот на населението.

Самото одбележување на 8-те милијарди е момент кога треба да направиме пресвртница кои се демографските трендови односно да се видат разликите помеѓу населението. 2/3 од популацијата живее во држави каде што имаме опаѓање на фертилитетот. Тоа значи дека во тие држави има помалку младо население, има население кое повеќе старее и влијае на општо стареење на населението. Важно е да се градат политики и демографска отпорност. Тоа е еден концепт што значи дека што помалку населението да ги чувствува последиците од демографските промени. Најдобро е да се предвидуваат демографските трендови за да може после да се градат политики.

Кога се одбележуваше бројката 7 милијарди население, тогаш во светот имаше една паника дека бројот на население може да опаѓа и сега воведоа политики за зголемување на бројот на население, односно за поттикнување на фертилитет. Но, квалитетот на живот исто така е засегнат и е една од причините зошто треба со воведување и градење на политики кои ќе ги адресираат потребите на различните структури на население.

Зошто е важно земјите да го предвидат и разберат начинот на кој населението се менува и да развијат соодветни одговори?

Д-р Афродита Шаља Во држави во кои имаме население кое е помладо, фокусот ќе се насочи кон здравствени услуги и образованието затоа што тоа се вложувања кои се вложуваат во луѓето. Во општества во кои имаме население кое старее, имаме намален фертилитет, како резултат на успесите во минатото каде што животниот век е продолжен, каде услугите се подобрени и намалена е сиромаштијата, имаме продолжување на животниот век и имаме постаро население.

Во тој случај прилично се засега пазарот на труд, односно недостиг на работна сила. Затоа треба да се градат политики со кои ќе се вклучуваат сè повеќе младите, жените, неактивното население, лицата со попреченост, мигрантите, старите лица и со тоа ќе може да бидат повеќе мобилизирани. Различни политики и различни вложувања за градење на човечки капитал би се правеле во држави во која имаме различна структура во однос на возраст, пол итн.

Каква е ситуацијата во нашата земја? Дали демографските промени можат да не одминат?

Д-р Афродита Шаља Демографските промени не може да не одминат и не нè одминуваат. Битно е како држава да може да градиме општества кои ќе може да одговорат на она што ни се случува. Последниот попис покажа дека 10% од населението е намалено од претходниот попис пред 20 години. Тоа значи дека тоа намалување се должи на намалување на стапката на фертилитет, која и не е толку намалена во споредба со другите држави. Кај нас е 1,59 за 2022 година и е под нивото на основна репродукција. Во последните години не бележиме толку намалување на фертилитетот, колку што имаме зголемување на миграциите.

Миграциите најмногу се должат на незадоволување на правата на населението и на квалитетот на услуги во државите. Луѓето природно се движат таму каде што има подобри услуги, каде нивните права сè повеќе задоволени. Нашиот фокус треба да биде да не ги спречуваме луѓето да не одат, но да им обезбедиме услуги да сакаат да останат и да дојдат. Секако дека и политиките за фертилитет секогаш треба да се основаат на правото на избор. Правото на избор на жената, правото на својата телесна автономија, да можат заедно партнерите да одлучат и да има посакан фертилитет, а не фертилитет кој ќе биде поттикнат вештачки. Сите политики кои биле со поттикнување на фертилитет и зголемување на бројките не значат дека квалитетот на животот на тие луѓе што се раѓаат е подобар.

Документарен магазин Приказна

Канцеларијата на УНФПА е во партнерство со национални институции, дава поддршка во изработка на националната демографска стратегија. Што би значело нејзиното носење?

Д-р Афродита Шаља Луѓето треба да бидат во центарот за развој на едно општество. Кога ќе зборуваме за развој на образование треба да знаеме каква популација имаме и каде треба да ги фокусираме нашите вложувања. Кога зборуваме за здравство, каков тип на услуги ни требаат, дали сè повеќе насочени кон помлада популација дали кон постара, економскиот развој и пазарот на труд. Нашата држава во моментот работи во изготвување на стратегија за демографски развој која се основа на податоци од пописот и од проекциите на населението. Треба да сме подготвени не само што ќе се случи денес туку и за наредните 10 години. Таа стратегија ќе ги даде тие насоки и правци во кои треба државата да одговори. Ја прифаќаме состојбата, ја гледаме, но и да предвидиме што би можело да се случи, во која насока треба да се движи државата за да имаме зголемен економски раст и развој и луѓе кои ќе сакаат да седат и да живеат тука.

Ване Маркоски

Текстовите, фотографиите и останатите материјали што ги објавува Приказна.мк се авторски. Крадењето авторски содржини е казниво со закон. Бесплатно преземање е дозволено само на 20 отсто од содржината со задолжително цитирање на медиумот и хиперлинк до оригиналната содржина на Приказна.мк.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

СЛЕДЕТЕ нѐ на

5,231FansLike
2,800FollowersFollow
spot_img

НАЈНОВИ