14.8 C
Skopje
Wednesday, September 28, 2022
spot_img

Душата би ја дала, само син ми еднаш да може да ми рече: мамо!

Лошите денови се дел од секојдневието и дел од нашиот живот. Понекогаш мора да поминеме низ бурата, за да добиеме сончево утро.

Детството и младоста на Душка Јовановска од с. Трнци, Конопница се несреќни и лоши. Но, покрај сè, таа има неверојатна сила да живее за оној кој најмногу го сака и да се бори за него.

Таа има само 25 години. Кога имала седум години, со родителите била избркана од куќата каде живееле под кирија, па, долго време небото и ѕвездите им биле покрив и светлина. Траумите и лошиот живот на оваа несреќна девојка продолжуваат и кога почнува на училиште. Гладна и секогаш омаловажувана, таа едвај завршува основно и средно образование. Велат, кога лошото доаѓа, само отвори му ја вратата. Па, така уште еден лош настан ќе го одбележи нејзиното детство. Душка на десет години останува без татко. Целиот товар од сиромаштијата, паѓа врз грбот на Душка, нејзината сестра, и мајка и.

Мајката на Душка е снаодлива и вредна жена, па, успева да добие земја за која сама купува материјали и со десет прсти прави скромна куќарка во која ќе продолжи нивниот несреќен живот.

Душка додека оди во средно училиште, ќе запознае еден човек кој ќе и вети сè, но, на крајот ќе ја остави сама и повредена. Душка б често била жртва на семејно насилство. Таа била тепана и малтретирана, но, желбата да биде нечија и да создаде семејство, а и да се спаси од сиромашниот селски живот, придонесуваат да го прифаќа човекот, кој и нанесува само болка.

Еден ден полиција го зема нејзиниот избраник бидејќи бил обвинет за тепачка. Таа останува сама, но одлучна да го чека човекот кој за неа бил сè.

Тој излегува од затвор за време на викенди и младата Душка на 21 година, забременува. Кога ќе се обиде да му каже дека ќе станат родители, тој не и дава никаква поддршка и ја тера да се ослободи од животот во неа.

Тој дури бил толку суров што велел дека детето не е негово, а на нејзино инсистирање тој да направи ДНК тест, категорично одбива, затоа што, според него, тоа дете не е негов проблем. Тешко и макотрпно поминуваат девет месеци од бременоста.

На денот на раѓањето на малиот Давид, наместо да добие љубов од родителите, тој мора да остане сам, бидејќи социјалното одлучува дека Душка сама и сиромашна, не е способна да се грижи за овој млад живот. И наместо радост и смеа од раѓањето на нов живот, животот на Давид и Душка се претвора во кошмар.

Грижата не ги решава утрешните проблеми, само го одзема денешниот мир. Болката не се појавува туку така, таа е знак дека е време да промениме нешто во нашиот живот. Понекогаш сè што треба да направиме е да ги слушаме другите, а да го правиме спротивното. Душка ги брише солзите, и оди да си го земе тоа што е нејзино. Нејзиното парче душа, нејзиниот син Давид доаѓа да живее со својата мајка во скромната соба, во селото во кое има едвај неколку десетици жители.

Поминуваат денови и речиси четири години од раѓањето на нејзиното дете, а тој сè уште не и се обратил со мамо! И, оние малку пари кои макотрпно ги заработува, Душка ги троши за да најде лек за состојбата на Давид. Таа работи во смени во фабрика.

Тешка ми е работата, но, морам за него да се трудам. Одам на работа во Куманово во две смени. Патувам со саати за да се вратам дома. Некогаш и на полноќ. Автобусот ме остава пред селото, па половина час се враќам, сама и преплашена во темница. Земам 15.000 денари, но тоа не е доволно ниту за храна, а уште помалку за да го однесам на испитувања за неговата состојба, ја споделува својата мака Душка.

Едно одење во Скопје, само за такси ми е 2000 денари. Сакам да го запишам и во градинка, но и таа е скапа. Најблиската градинка е во градот. Немам како да го однесам. Немам услови. Сите пари од платата ќе ми одат за превоз. Друго е да се дружи со деца. Да му се развие мозочето, низ солзи раскажува оваа млада мајка.

Во близина на нивната куќа, нема соседни куќи, нема ниту дечиња со кои би можел да си игра. Целиот свет му е зеленилото, лулашките во близина и друштвото од неговата мајка и баба.

Имало ситуации кога сум немала ниту за леб, но, како и секоја мајка, се борам, ќе се снајдам, ќе позајмам, ќе му купам јадење. Па, кога ќе земам социјално, ќе вратам на луѓето-дополнува Душка. И куќата ни е тесна. Ако може да се нарече куќа. Има простор да се приправи уште една соба и тоалет, но, со што?!-прашува Душка.

И таа, и нејзината мајка и малиот Давид, се бањаат во корито во истата собата која им е дневна, кујна, но и спална и бања. Едвај 20 м2, но, за нив, се цело богатство.

Животот би го минала и во помала соба, само да има лек за состојбата на Давид.

Оваа млада самохрана мајка е во безизлезна ситуација. Таа очајно бара помош. Иако, неколку пати барала социјален стан, ја одбиле. Колку само би и се олеснил животот, да живее во градот. И за посоодветна работа, но и за малиот Давид, кој има потреба од вежби, посета на логопеди и соодветна грижа. Вака покрај животот на Душка, и животот на ова мало невино дете, е осудено на пропаѓање.

Било каква помош е добредојдена за ова семејство. И финансиска и материјална. Сите што сакате да помогнете на каков било начин, тоа може да го направите на телефонскиот број: 071 611667 или на трансакциска сметка 210501713030040

Автор

Оливера Петрушевска

Текстовите, фотографиите и останатите материјали што ги објавува Приказна.мк се авторски. Крадењето авторски содржини е казниво со закон. Бесплатно преземање е дозволено само на 20 отсто од содржината со задолжително цитирање на медиумот и хиперлинк до оригиналната содржина на Приказна.мк.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

СЛЕДЕТЕ нѐ на

3,649FansLike
1,468FollowersFollow
spot_img

НАЈНОВИ