22.8 C
Skopje
Saturday, July 27, 2024
spot_img

Дона Костуранова: Младинската миграција не смееме да ја игнорираме

Нашата држава се соочува со трендот на мигрирање на младите луѓе. Каде одат младите луѓе?

Дона Костуранова Ние како држава имаме проблем со населението кое не можеме да го негираме. Имаме младинска миграција, имаме население кое старее, имаме низок наталитет … Сето ова се загрижувачки трендови како во иднина ќе се развива и ќе биде одржливо нашето општество.

Минатата година изработивме едно истражување кое беше посветено на демографските трендови со цел да ги видиме разликите особено кај младата популација помеѓу двата пописи, оној во 2002 и оној во 2021 година. Тука е евидентно не само што нашето население старее, туку имаме и сè помалку млади луѓе во државата.

Ако на претходниот попис четвртина од целокупното население, дури 24% биле млади, сега само петтина односно 18% се млади, а 6% исчезнале. Не можеме да кажеме дека се иселени луѓе, но се различни трендови кои се комбинираат. Ако ги погледнеме лицата кои биле родени во оваа држава и би требало во моментот да се млади, односно лица помеѓу 18 и 29 години, ќе видиме дека ни недостасуваат 77.000 млади луѓе. Тоа е број со големина колку еден град. За жал, ова е рамномерно во речиси сите општини.

Важно е да се забележи како ќе изгледа иднината на ова општество. Младото население е потребно затоа што е економски активно, обезбедува средства и приливи во државата, обезбедува и работи за сервиси кои ги добиваат граѓаните и обезбедува одржливост. Ако ние го немаме ова, ризикуваме многу проблеми. Важно е да се размислува каде да се адресираат овие демографски проблеми, особено затоа што не сме уникатни. Овој проблем го имаат многу држави и од западен Балкан и од Европа.

Што велат вашите анализи, кои се факторите поради кои се иселуваат?

Дона Костуранова Факторите поради кои луѓето одлучуваат да се иселат се комплексни. Една од пораките е дека треба да се прават повеќе истражувања, вклучително и истражувања кои ќе ги преземат државните институции, со цел да се види кои профили се иселуваат, пол, возраст, од која фаза во животот, од кои населени места, од тие што се иселиле кои биле нивните мотиви. Вакви анализи во моментот нема.

Ако ги погледнеме тие анализи кои ни се на располагање, ќе видиме дека 6 или 7 од 10 млади лица, би се иселиле. Од оние кои би се иселиле, шансите да се вратат назад сè уште помали.

Факторите може да се поделат во 2 групи. Првата група е она што те оттурнува од сопствената земја да сакаш да заминеш, а втората група е она што те привлекува да одлучиш да живееш во друга земја. Еден од најчестите фактори е нискиот економски стандард, друг фактор е невработеноста којашто сега е малку поретко застапена затоа што младинската невработеност е на пониско ниво.

За среќа имаме историски најниска младинска невработеност, но приходите се ниски, па така животниот стандард и висината на платите, сè уште претставуваат проблем. Транспорт, инфраструктура, можност за движење, секојдневен квалитет на живот, можност за културни настани и случувања, животната средина, квалитетот на сервисите кои ги добиваат исто така се наведуваат како фактори. Доколку ги разбереме мотивите кои ги привлекуваат младите лица да одат во други земји, полесно ќе разбереме што е тоа што може да го поправиме и подобриме тука.

Сите младите немаат исти проблеми. Како да се направи детална анализа за да се пристапи кон решение?

Дона Костуранова Еден од првите начини е да се изработи демографска стратегија, да видиме кои се состојбите, што ни покажуваат трендовите особено оние помеѓу двата пописи, што знаеме од податоците на државниот завод за статистика и кои се проекциите за во иднина. Без проекции не можеме да направиме стратегии.

Важно е да правиме проекции како се движат трендовите на населението и што не очекува за 5, 10 и 20 години од сега и тука да почнеме со изнаоѓање на решенија. Кога зборуваме за емиграцијата, важно е да видиме кои се групите кои се иселуваат и кои се мотивите за тоа. Хипотетички многу повеќе луѓе ќе кажат дека би се иселиле од оние што ќе се иселат, но важни се факторите зошто некој заминал и што го мотивирало и во која фаза го прават тоа, дали додека се студенти или кога се веќе семејство. Ако ги немаме точните одговори, многу потешко ќе правиме политики.

Важно е вложување во развојот и можностите на младите лица во своите средини. Не е важно само Скопје, туку и другите градови. Важни се и руралните места и селата. Она што е важно е одвојување на средства за млади, со цел повеќе да се вложува во политики кои ќе го подобрат животот на младите. Дали тоа ќе биде преку подобар квалитет на образование, преку младински центри, преку пракса, дали ќе биде да имаат редовна автобуска линија од едно до друго место, дали ако се во универзитетски град и сакаат да имаат библиотека а ја немаат, се конкретни проблеми кои можат да се решат. Најдобар начин за решавање е институциите да ги прашаат младите. Истражувања покажуваат дека младите имаат капацитет да идентификуваат проблем и многу успешно знаат да предложат решение. Дури и кога се работи за млади луѓе, многу јасно тие идентификуваат кои им се проблемите на локално ниво. Знаат да посочат јасни проблеми и добри решенија.

Статистички во нашата земја 3 од 10 млади лица пробале да решат некој проблем, односно 7 од 10 не се обиделе. На тие три не ни им успева да го решат проблемот, но тука е позитивниот податок, дури и да не успеале, понатаму се помотивирани да делуваат, поголема е шансата да се обратат кај институциите да бараат нешто од нив и позадоволни се со своето место во општеството. Таа е истата група, која би била помалку склона да се исели од државата.

Бројот на младите луѓе кои биле консултирани од институциите е нешто понизок. Само 2 од 10 луѓе биле прашани што им е потребно или што треба да се направи. Прашувањето на младите и слушањето на нивниот глас, се многу важни. Механизми има, но треба да ги охрабруваме и поттикнуваме. Ако 7 од 10 се неактивни, тоа е проблем во околината која не ги образувала, не ги поттикнувала и мотивирала да бидат општествено активни граѓани.

Механизми се на пример младински совети на локално ниво, општините формираат тела каде што младите порачуваат на советниците и градоначалниците што им треба. Механизми се средношколските унии и студентските собранија, образовните институции да знаат што им треба на младите. Во државата е предвиден механизам, национално советодавно тело за млади. Тоа треба да постои во рамките на агенцијата за млади и спорт. За жал, уште не е формирано.

Иселувањето на младите има своја цена. Едно е ако некој млад човек се исели тоа значи дека сè што државата вложила во него/неа во однос на нивното образование го зема со себе, го носи надвор од државата и во вложува во друга држава. Втората загуба е го губиме економски активниот граѓанин. Тоа лице правело приходи од коишто понатаму би имало и придонес кон средствата од државата.

Според некои проекции, годишно иселувањето од младите може да ја чини земјата во просек 333.000 евра, средната вредност е 116.000 евра и највисоката 433.000. Ние како држава за некој да се стекне со основно образование во текот на животот вложуваме 9.000 евра, за да се стекнат со средно образование 14.000 евра, 29.000 се за високо итн. Тоа се значајни средства и многу е важно општеството да знае дека тие влогови се губат во моментот кога ја губиме таа популација.

Зошто е важно институциите од својот џеб да двојат за младински политики?

Дона Костуранова Ако не двоиме, губиме. Ако не одвоиме за квалитетен живот, економски можности, активности за младите луѓе, ние ризикуваме да ги изгубиме а со тоа и сè што сме вложиле во нив како општество, но и сè што тие можат да дадат во општеството. Според законот за младинско учество и младински политики, државата се обврзува на централно ниво да одвојува 0,3% од државниот буџет за младински политики и имплементација на законот, а на општинско ниво 0,1%. За жал овие бројки не се остваруваат.

Во последните 4-5 години само 4% од буџетот од агенцијата за млади и спорт оди за млади, што е навистина многу малку. На локално ниво, ситуацијата е иста. Покрај средствата издвоени за законот за младинско учество и младински политики, потребно е да се вложува и во квалитетно образование.

Ване Маркоски

Текстовите, фотографиите и останатите материјали што ги објавува Приказна.мк се авторски. Крадењето авторски содржини е казниво со закон. Бесплатно преземање е дозволено само на 20 отсто од содржината со задолжително цитирање на медиумот и хиперлинк до оригиналната содржина на Приказна.мк.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

СЛЕДЕТЕ нѐ на

5,528FansLike
3,293FollowersFollow
spot_img

НАЈНОВИ