16.8 C
Skopje
Saturday, October 5, 2024
spot_img

Доволно сон, балансирана исхрана и физички активности, клучни за правилен детски раст и развој

Свеста за здрав живот според дел од експертите е поразвиена за разлика од претходно. Почетоците за истражување на односот помеѓу физичката активност (спортувањето) и здравјето датираат уште од 1950 година. Постои огромна бројка на научни докази за позитивните ефекти на физичката активност врз здравјето на луѓето. Редовното практикување на физичка активност им помага на луѓето во одржувањето на здрава телесна тежина и го спречува нејзиното прекумерно зголемување. Дополнително, кога освен физичката активност, постои и намален калориски внес, ефектот врз телесната тежина е уште поголем. 

И намалувањето на времето поминато во седење е важно. Постојат силни докази дека зголемено седење, особено при гледање телевизија или активности на компјутер, е поврзано со зголемена телесна тежина и дебелина кај децата.

Физичката активност, во комбинација со добар сон, добро избалансирана исхрана, значи многу за нивниот раст и развој и дали тие ќе пораснат во здрави тинејџери. Ќе продолжам за возрасните, секојдневната физичка активност, два до три пати во неделата, го подобрува и физичкото и психичкото здравје, ве ослободува од стресот, вели за „Приказна“, Ивана Каратукова, пилатес инструкторка.

За одржување на здрава тежина и позитивни ефекти врз здравјето, возрасните треба да практикуваат најмалку 150 минути на умерена физичка активност неделно или 75 минути силна физичка активност или комбинација од двете.

Најмалку 30 минути умерена физичка активност, 5 дена во неделата, го намалува ризикот од некои незаразни болести кај возрасните како:

  • кардиоваскуларни болести
  • мозочен удар
  • дијабетес мелитус тип II
  • рак на дебело црево
  • рак на дојка
Приказна ЕП10 – Тема: Физичка активност

Децата и адолесцентите на возраст од 5 до 17 години треба да практикуваат најмалку 60 минути умерена до силна физичка активност дневно. И децата и возрасните треба да вклучат и физичка активност со која се прави зајакнување на мускулите и коските, 2-3 пати неделно.

Кога зборуваме само за здравје, не за професионално, туку за рекреативно спортување, за да бидеме здрави, потребно е да одвоиме два до три пати во неделата за физичка активност, која ќе ја искомбинираме со здрава исхрана и со тоа да придонесеме за благосостојба на нашето тело. Не треба да е тоа ништо претешко, доволно е само да се пешачи. Важно е да се почне од некаде, бидејќи луѓето често се плашат дека вежбањето е тешко. Јас не се сложувам со тоа. Треба да се најде начинот. Тоа се само три часа во текот на неделата, дали да се влезе во сала или на отворено, вели за „Приказна“ Елена Бубало, фитнес тренер и додава:

Ако имате деца, треба да сте пример. Не може детето да јаде брокула, а вие пица или да му речете на детето да вози велосипед, а вие да пиете кафе. Родителот е најдобриот пример за детето да биде физички активно. Правете заеднички активности со вашите деца. Го имаме Водно. Одете со вашите деца, искачувајте ја планината сите заедно.

Кај децата, физичката активност го зајакнува срцето и им помага на децата да ја задржат нормалната тежина и крвен притисок, што понатаму ќе влијае да се намали ризикот за срцев и мозочен удар кога ќе пораснат. Децата се природно активни, енергични, но, кога не се поттикнуваат на физички активности, може да станат неактивни. Во последно време се’ повеќе, поминуваат време во седење-онлајн настава, играње видеоигри, гледање телевизор, користење интернет.

Најновите истражувања покажуваат дека многу е важно децата од најрана возраст да имаат физичка активност од неколку причини. Прво е правилно држење на телото. Потоа физичката активност ги зацврстува коските кај детето, а вежбањето е корист и за кардио-васкуларниот систем кај децата и затоа е многу важно да имаат одредена физичка активност. Да бидам јасен, тука не говорам за тренажен процес или организирана активност, говорам за каква било активност на децата, вели за „Приказна“ проф. Д-р Иван Анастасовски, факултет за физичко образование, спорт и здравје.

Видот и количината на физичка активност кај децата се менува со возраста. Физичката активност за децата е забавна, се чувствуваат среќни, кај децата се развива самодовербата, а се подобрува и вниманието и учењето. Физичка активност од 60 минути дневно им помага на децата и младите да го подобрат здравјето, учењето, да зајакнат физички, да се забавуваат со пријателите, да бидат посреќни, да им се подобри самодовербата, да ја одржуваат нормалната телесна тежина, да научат нови вештини.

Децата на возраст од 5-17 години, треба да го намалат времето кое го поминуваат седејќи. Времето што го поминуваат пред ТВ или компјутер, треба да се намали на не повеќе од 2 часа дневно.

Умерена физичка активност вклучува аеробни активности, кои придонесуваат кон определено зголемување на срцевата работа и дишењето. На скалата на интензитет од 0 до 10, таквата активност би била 5 или 6. Тоа е брзо одење, танцување, пливање или возење велосипед на рамен терен.

Значењето на здравјето има огромно влијание врз квалитетот на животот на луѓето и воедно претставува основен услов за биолошка и социјална егзистенција. Квалитетното и добро сочувано здравје претставува основа за реализирање на сите цели, идеи, соништа, предизвици на секој човек како и афирмација на неговата улога во креирање на социоекономскиот фактор на една земја.

За Приказна,

Вики Чадиковска

Ване Маркоски

Текстовите, фотографиите и останатите материјали што ги објавува Приказна.мк се авторски. Крадењето авторски содржини е казниво со закон. Бесплатно преземање е дозволено само на 20 отсто од содржината со задолжително цитирање на медиумот и хиперлинк до оригиналната содржина на Приказна.мк.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

СЛЕДЕТЕ нѐ на

5,683FansLike
3,356FollowersFollow
spot_img

НАЈНОВИ