11.8 C
Skopje
Thursday, December 8, 2022
spot_img

Данка Ристова: Сиромаштијата и тешкиот живот ја натераа ќерка ми на 15 години да си замине од дома, не можам да си простам!

Данка Ристова потекнува од Струмица. Во семејниот дом од родителите живеела во сиромаштија. Пред 25 години се мажи во Ињево, но и тука судбината со сиромаштијата ја следи. Станува во 3 часот наутро за да набере повеќе тутун. Набрзо дознава дека сопругот е сериозно болен, а неговите бубрези повеќе не функционираат. Таа е принудена да биде и маж и жена во куќата, која протекува од сите страни.

– Се омажив пред дваесет и пет години, дојдов од Струмица во Ињево. Родив три деца. Со години живеев во заедница со деверите, свекрва и свекор. Во една соба живеевме пет души. Се молев да на заврне, зашто течеше од сите страни. Набрзо и сопругот се разболе, па останавме без приход. Живеевме од социјална помош и ако продадеме нешто од тутунот-започнува да раскажува Данка, за емисијата „Срце на дланка“.

Тешкиот живот и притисокот од него, нема да може да ги издржи поголемата ќерка, па, еден ден од искршените ѕидови, прокиснатиот кров и сиромашниот живот, таа среќата ќе ја бара во нов дом. Се мажи. За жал, само на свои 15 години. За да не повтори историјата и со помалата ќерка, еден ден тие одлучуваат да ги удрат темелите на новиот дом, со помош на нивната тешко спечалена заштеда.

– Најтешко ми е што од сиромаштијата, ја избркав поголемата ќерка од семејниот дом. Таа едвај имаше 15 години, кога одлучи да избега од дома. Уште беше дете, но, не можеше ниту да се избања, ниту пресоблече како девојче. Тоа никогаш нема да си го простам. Затоа, за да не ги изгубам и другите две деца, лани со макотрпно заштедените пари, одлучивме да направиме нова куќа на темелите од старата-вели Данка.

– Јас имам само 15 години и малку се сеќавам од животот во минатото. Многу потешко од мене живееа бато и дада. Јас тогаш бев бебе. Но, знам како е да немаш храна, убава облека и услови за живот, како што имале другите деца со кои учев во училиште. Тешко ми е и денес што морам да живеам како во минатиот век. Немам струја за да учам. Лани морав да одам кај соседите за да следам онлајн настава-вели Марија, ќерката на Данка.

Еден човек успеа да не излаже и саатот за струја од старата, ни го пренесе на новата куќа, поради што ни го зедоа броилото. Сега имаме нова куќа, ама пак не сме среќни. Веќе една година живееме без струја. Мислевме дека конечно ќе се средиме, но, сега имаме куќа, а пак не може да живееме во неа, зашто немаме струја-вели низ солзи Данка.

Семејството на Данка живее тешко. Преживува од берење тутун, бидејќи 10.000 денари месечно не се доволни за ништо. И за да се наниже и продаде тутун, потребна е струја, па, во текот на денот кратко ја земаат од соседите. Од тешката ситуација, често ова семејство останува и без храна.

Живеевме во една соба и животот беше тежок. Неспоредливо е колку е тешко да се живее без струја. Ниту може да нижеме тутун, ниту да исперам, ниту да зготвам, ниту да се избањаме како луѓе. Се вративме векови наназад со животот. Сега сме принудени да бараме помош од народот и институциите да ни дозволат да го вратиме саатот за струја, за да продолжиме нормално да живееме-завршува Данка.

Доколку сакате да и помогнете на Данка и нејзиното семејство тоа може да го направите на следниот телефонски број 070/471811 или оваа жиро-сметка 200001766742860

Автор Оливера Петрушевска

Текстовите, фотографиите и останатите материјали што ги објавува Приказна.мк се авторски. Крадењето авторски содржини е казниво со закон. Бесплатно преземање е дозволено само на 20 отсто од содржината со задолжително цитирање на медиумот и хиперлинк до оригиналната содржина на Приказна.мк.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

СЛЕДЕТЕ нѐ на

3,820FansLike
1,515FollowersFollow
spot_img

НАЈНОВИ