14.8 C
Skopje
Wednesday, September 28, 2022
spot_img

Даниел Трбогазов: Користењето стероиди самоиницијативно е штетно 

Даниел Трбогазов е дипломиран Проф. по физичко образование и е главен уредник и основач на порталот Мој Тренер. Работната кариера ја гради како фитнес тренер и инструктор по пливање. Работи со млади и возрасни почетници, луѓе со посебни потреби и нуди простор за индивидуални тренинзи. Неговата основна цел е да ги поттикне младите и возрасните да водат здрав и физички активен живот. Со Даниел разговараме за употребата на стероиди и нивното влијание врз здравјето.   

Приказна Зошто се верува дека само со стероиди може да се постигнат добри резултати при вежбање?

Даниел Трбогазов Многу интересно прашање. Ајде да се вратиме малку поназад, ќе речеме дека таа идеја доаѓа уште од раните 70-ти години. Самите модели кои се појавија во тоа време како Жан Клод Ван Дам или Арнолд Шварценегер, многу лесно допреа до публиката затоа што за кратко време, се појавија луѓе со многу голема мускулна маса, а тоа и се сервираше на јавноста. Па, така и луѓето го перципираа тоа како нешто лесно кое може да се постигне брзо. Така и почна да се гради една индустрија до денес.

Приказна Дали досега сте се соочувале со прашања од вежбачи околу оваа тема? Кои биле советите, како ги убедувате да внимаваат кога станува збор за стероидите?

Даниел Трбогазов Многу често го среќаваме тоа прашање. Не само во нашите клубови, туку и надвор од нив.

Многу би било интересно да не зборувам од лично искуство, да се случи нешто пореферентно во нашата држава. Тоа би требало да го направиме ние, тренерите во соработка со матични лекари. Да се направи една дебата низ која ние постојано отворено ќе говориме и ќе пренесуваме со какви се проблеми доаѓаат млади кои посегнале по оние анаболни стероиди.

Живееме во брзо време, брз начин на живот, сите сакаме брзи резултати, едноставно е да речеме јас сакам за 2 месеци, тоа е супер, ќе го земам јас на своја рака. Но, не стојат така работите. Има правила на природата, на нашата биологија, кои треба да ги следиме и почитуваме, за да не го нарушиме фундаментот на нашето постоење. Доколу земеме самоиницијативно, следат последици кои ќе го нарушат нашето здравје.

Приказна Свесни ли се младите луѓе за последиците? Кои се најчестите последици?

Даниел Трбогазов Најчесто се заслепени од целните резултати и не ги интересираат последиците. Всушност, што се случува кога се користат анаболни стероиди? Се случува нешто во кое знаеме дека основицата за градење на поголема мускулна маса е тестостеронот во самиот организам. Ние имаме природно количина на тестостерон, кое му е потребно на организмот. Доколку сакаме да имаме поголема густина на маса, „неизбежно“ е кај тие кои тренираат бодибилдинг да користат тестостерон. Но, тоа не значи дека со макотрпна работа, со правилна исхрана, правилно дозиран тренинг, нема да е достигнеме тој резултат, односно поголема мускулна маса.

Приказна Дали се свесни луѓето дека кога ќе престанат со земањето стероиди, многу брзо ги губат постигнатите резултати? Што после тоа? Свесни ли се за последиците?

Даниел Трбогазов Секој од нас има одредено ниво на тестостерон во организмот. На пример стандардно имаме четворка. Доколку јас сега употребам за да го забрзам процесот на градење на мускулна маса, да го згуснам мускулот, користам на пример 7 единици. Што се случува кога ќе земеме 7 единици? Нашиот метаболизам, го детектира и ни вели дека имаме поголемо ниво, па и им вели на нашите тестиси да престанат да лачат затоа што имаме преголема количина. На тој начин ние веќе ги оштетуваме самите тестиси да лачат тестостерон.

Всушност, понатаму тие луѓе и кога ќе се откажат од надворешна анаболна употреба на тестостерон, понатаму нивните тестиси стануваат мрзливи, и не лачат 4-ка туку лачат тројка, двојка и многу помалку. Тука доаѓа до психолошкиот момент, во кој сите тие луѓе кои еднаш посегнале, понатаму не можат да се гледаат дека нивната мускулна маса е мала, не е толку густа, па повторно посегнуваат понатаму да користат анаболни стероиди.

Приказна Колку со исхраната можат да се постигнат резултати за мускулна маса и дали суплементацијата е препорачана?

Даниел Трбогазов И кај луѓето кои се на анаболни стероиди всушност основата е тренингот и исхраната. Доколку немаме тренинг и исхрана, попусто користат анаболни стероиди. Ние со правилен тренинг, правилна исхрана, правилен внес врз основа на метаболистичкиот организам, си знаеме кој колку треба да внесе протеини во организмот. Па, соодветно на тоа, ние ќе имаме соодветни резултати на мускулен раст.

Јас лично можам да кажам дека од 3-4 месеци сум можел да покачам мускулна маса од 10 кг на мене со правилен режим на вежбање и правилна исхрана.

Приказна Дали тие кои користеле стероиди ја сфатиле штетноста? И има ли простор тоа да се спречи?

Даниел Трбогазов Генерално гледано, во мојот клуб и круг каде што јас работам, ние сме против самото користење на стероиди. Првото нешто при самото доаѓање на клиентите, ние им објаснуваме дека такви недозволени супстанции, не користиме.

Дали има назад, да, можеби во зависност од тоа какво зло се достигнало од самото користење на стероиди. Доколку е нешто минимално, ситно, самите медицински лица ќе му помогнат. Доколку се оштети нешто, може да се оштети и до крај на целиот живот.

Оние дози кога се препорачуваат анаболни стероиди поради некаква состојба во организмот од стручните медицински лица, се премногу ниски. Тие се корективни дози. Во бодибилдингот, се користат абнормално поголеми дози. За да излезеш на еден натпревар, сите користат анаболни стероиди. Тоа е некаква јавна тајна, сите тоа го премолчуваат. Искрено се надевам дека набрзо во нашата држава ќе се смени тоа.

Приказна Колку медиумите и социјалните медиуми имаат негативно влијание врз промовирање на натпреварите?

Даниел Трбогазов Традиционалните медиумите се регулирани, па се внимателни. Но, социјалните медиуми се анархија. Буквално секој може да се претстави како доктор на наука, специјалист за нешто, па се користат сервисите на пример на Јутјуб и сл. Младите генерации кои не знаат да го препознаат сето тоа, знаат многу лесно да посегнат и да бидат жртва на едно таков избор, кој може многу да ги чини.

Приказна Каква е состојбата со жените?

Даниел Трбогазов Стереотипно се зборува дека само мажите користат анаболни стероиди, но за жал ги користат и жените.

Ќе направам една мала компарација на една здравствена состојба, тоа се вика анорексија, особено кај дамите кои се гледаат во огледало и постојано тие сее предебели, па мора да симнат килажа.

Во бодибилдингот се јавува една обратна состојба, психолошка, која се нарекува бигорексија. Бигорексија е всушност кога луѓето се гледаат во огледало и цело време мислат дека нивните мускули се мали, па мора да надоградат уште поголема и погуста маса.

Во денешно време атрактивен е кај мажите градниот кош, бицепсите, рацете, рамената, да ги развиваат и тоа да изгледа атрактивно. Кај жените се случува нешто подруго, поразлично. Тие сакаат бут со задникот, долниот дел од телото да го набилдаат малку повеќе од нормалното, за да бидат поатрактивни. За да ги направат тие атрактивни задници, тие користат анаболни стероиди и со тоа го нарушуваат целото нивно метаболистичко здравје. Се случува и по неколку месеци да немаат циклус.

Би сакал да нагласам дека на секој организам му треба одмор од сè. Па, во таа насока, би препорачал да одморат и да апстинираат и од кафе, диуретици и слично. Оние луѓе кои ги гледаме дека се постојано во топ форма, убаво е да направат пауза за да го смират нивниот организам, нивното ментално здравје и последователно нивното физичко здравје

Ване Маркоски

Документарен магазин Приказна на тема стероиди

Текстовите, фотографиите и останатите материјали што ги објавува Приказна.мк се авторски. Крадењето авторски содржини е казниво со закон. Бесплатно преземање е дозволено само на 20 отсто од содржината со задолжително цитирање на медиумот и хиперлинк до оригиналната содржина на Приказна.мк.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

СЛЕДЕТЕ нѐ на

3,649FansLike
1,468FollowersFollow
spot_img

НАЈНОВИ