4.8 C
Skopje
Wednesday, November 30, 2022
spot_img

Дамјан Манчевски: Дигиталната трансформација е потребна во секоја област

Нема аспект или област во којашто не може да се направи дигитална трансформација. Треба да се запрашаме како она што го работиме, можеме да го направиме поефикасно со користење на дигитални алатки. Достава на роба, трансфузија на крв и крвни производи, услуги до граѓаните. Не постои област којашто не може да се трансформира користејќи дигитални алатки, вели во интревју за Приказна, Дамјан Манчевски поранешниот министер за информатичко општество и администрација, актуелен генерален менаџер на двете компании на MAK-SYSTEM во Скопје и Белград, како и член на Управниот одбор на MASIT ICT Chamber of Commerce.

Приказна Дали дигитализацијата може да се изедначи со дигиталната трансформација?

Манчевски Воопшто не. Дигитализацијата е само алатка, механизам како нешто што се одвива на хартија или на друг начин, да го претвориме во дигитален процес. Дигиталната трансформација реално се сведува на ре-дизајн на процесите. Значи повеќе правна анализа, анализа на процедури, подзаконски акти, процедури на компанија отколку на самата техника на дигитализација на нештата.

Практично првиот чекор што секоја компанија или институција треба да го направи е да направи анализа како процесите коишто сега се одвиваат, на каков начин би требало да ги смениме со помош на дигитализацијата. Значи се работи за целосно различни процеси. Прво е анализата и како нешто ќе правиме, па потоа доаѓа дигитализацијата како алатка за подобрување на процесите, услугите, работата.

Манчевски е актуелен генерален менаџер на двете компании на MAK-SYSTEM во Скопје и Белград. MAK-SYSTEM  е формирана во 1984 година, денес со седиште во Лондон и е водечки светски провајдер на медицински софтвер за менаџмент на крв, плазма, ткива и клетки. Компанијата е пионер во оваа област, а произведува врвен софтвер за контрола на синџирот за менаџмент на крвни продукти, од донација до трансфузија. Компаниите на MAK-SYSTEM се лоцирани во Лондон, Париз, Мадрид, Брисел, Чикаго, Франкфурт, Скопје и Белград.

Приказна Дали дигиталната трансформација може да се примени за подобро функционирање на градовите, државата?

Манчевски Мислам дека од аспект на граѓаните многу поважен е тој момент, односно како можат да ги добиваат услугите од страна на институциите електронски. Тоа е главната корисност на целата дигитализација. Нормално и компаниите и услугите коишто ние ги вршиме, многу подобро би се одвивале ако се вршат електронски.

Нашата компанија MAK-SYSTEM реално тоа го прави. Ние го дигитализираме процесот на менаџирање на крвта во процес на трансфузиологија, или менаџирање на органите, ткивата, матичните клетки во процес на трансплантација или генетски терапии. Многу повидлив е делот на услугите што се кон граѓаните од страна на институциите. Екстремно е важен и секоја држава во следниот период сакала или не, ќе мора да вложува во ова.

Документарен магазин Приказна на тема дигитална трансформација

Приказна Пандемијата ги натера компаниите забрзано да размислуваат за дигитална технологија. Каква е состојбата во нашата земја, две години после пандемијата?

Манчевски Пандемијата за среќа или за жал не натера дека мора тоа да го правиме. Многу работи се започнати од аспект на дигиталната трансформација. Е сега прашање дали ќе продолжат компаниите во таа насока, откако отпадна притисокот на пандемијата. Не знам колку се свесни да бидам искрен.

Работам во компанија којашто е високо дигитализирана на секој начин, и не можам да почувствувам тука на локалниот пазар, како се движат работите, но од она што го гледав што го постигна пандемијата, многу работи помрдна во позитивна насока. Мислам дека самите корист коишто ги гледаат самите компании до овие процеси ќе ги натераат на крајот на денот да размислуваат да го продолжат патот на дигиталната трансформација. Она што е најважно во дигиталната трансформација не е техника, не се ни анализите на процедури. Првиот чекор е прифаќањето на промената. Прифаќањето на нов начин на размислување. Да сакате да промените нешто. И тоа е тешко. Ако некој работел на еден начин 20 или 30 години, многу е тешко сега самоиницијативно да се промени. Но, има чинители во Македонија и на пазарот постојат разни НВО, асоцијации коишто можат да им помогнат на компаниите во таа дигитална трансформација.

Приказна Во кои области е неопходна дигиталната трансформација?

Манчевски Секаде. Апсулутно секаде. Нема аспект или област во којашто не може да се направи дигитална трансформација. Треба да се запрашаме како она што го работиме, можеме да го направиме поефикасно со користење на дигитални алатки. Достава на роба, трансфузија на крв и крвни производи, услуги до граѓаните. Не постои област којашто не може да се трансформира користејќи дигитални алатки.

Приказна Во споредба со земјите од западен Балкан дали дигиталната трансформација заостанува или имаме напредок во некој аспект?

Манчевски Мислам дека не стоиме лошо во споредба со остатокот од Европа. И тоа поради самиот факт дека не бевме или не сме толку развиени. Значи не постоеја традиционални функционални системи и институции, процедури. Кога се наоѓате на едно такво пониско ниво, многу е полесно да имплементирате ново нешто, нова технологија, бидејќи претходно тоа или не постоело или лош функционирало. Многу е потешко кај развиените традиционални економии во западна Европа, кои прилично ефикасно функционираат на еден традиционален начин, да се трансформираат дигитално.

Ние имавме среќа во несреќа. Сите земји од Западен Балкан бевме на прилично ниско ниво на развој на овие процеси, па сега многу полесно може да се искористи користа на дигиталната трансформација кој е повидлив. Така што дури за многу работи, земјите од Западен Балкан, се далеку понапредни од голем број на западно европски земји кои дури сега во овој период влегуваат во одредени процеси.

Приказна Имаме ли национална стратегија за дигитална трансформација и колку тоа е важно?

Манчевски Колку што мене ми е познато мислам дека немаме стратегија за дигитална трансформација. Знам дека се работеше во минатото на една долгорочна ИКТ стратегија, којашто не се однесува само на дигиталната трансформација, туку опфаќа само одредени аспекти. Искрено, не сум во тек дали се работи на една сеопфатна стратегија за дигиталната трансформација.

Ова е добра тема за експертската јавност, стопанските комори да размислуваат на една ваква тема, да се почне со размислување за една ваква стратегија. Ќе се оградам, можеби веќе се работи на такво нешто, но секако ќе имаме сите корист од такво нешто.

Автор Ване Маркоски

Текстовите, фотографиите и останатите материјали што ги објавува Приказна.мк се авторски. Крадењето авторски содржини е казниво со закон. Бесплатно преземање е дозволено само на 20 отсто од содржината со задолжително цитирање на медиумот и хиперлинк до оригиналната содржина на Приказна.мк.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

СЛЕДЕТЕ нѐ на

3,818FansLike
1,514FollowersFollow
spot_img

НАЈНОВИ