33.8 C
Skopje
Tuesday, June 28, 2022
spot_img

Внимателно следење, организација на времето и ограничување на часовите поминати на дигиталните алатки можат да спречат интернет зависност

Изливи на гнев, вознемиреност или фрустрација поради забраната за користење на интернет. Различни видови негативни последици – кавги, лажење, слаби резултати на работа или училиште, апатичност, лутина и агресивност, напнатост и депресија. Ова се само дел од симптомите на интернет зависност кои можат да се групираат како психолошки и физички.

Во Србија, пред околу една година, една самохрана мајка со дете од две и пол години, имала пријател со кој комуницирала преку мрежата Фејсбук. За тоа време додека комуницирала, а тоа траело со часови, детето огладнело и почнало да бара храна. Прво таа го игнорирала, меѓутоа детето од потреба за храна почнало да плаче, додека таа станала да му даде храна-во тие десетина минути додека му подготви нешто, нејзиниот пријател се исклучил од Фејсбук, кај неа се запоставува мајчинскиот инстинкт и се тоа што значи емоција. Таа го фаќа детето и го фрла во ѕид, посочува професорката Татјана Стојановска Иванова.

Професорката Татјана Стојановска Иванова

Овие примери укажуват дека дефинитивно станува збор за многу специфична зависност. Кога вие најзначајните емоции кои треба да бидат на пиедестал – како љубовта кон семејството и кон детето, вие ги запоставувате, тогаш дефинитивно може да кажеме дека постои интернет зависност, додава професорката Татјана Стојановска Иванова.

Прекумерното користење на интернет платформите може да се претвори во сериозен проблем. Неограничениот пристап до таблети, лаптопи и паметни телефони претставува голем потенцијал за понатамошен развој на зависност од дигитална содржина.

Децата стануваат недостапни, а тоа го отежнува процесот како можеме ние да им помогнеме. Меѓутоа, секако како родители коишто се загрижени, потребно е да посветат повеќе внимание и клучно е да одвојат повеќе од своето време за детето, да прават активности, да му помогнат на детето да се врати на себе, да се врати во социјализација, комуникација, во еден здрав начин на живеење, смета психологот Деспина Стојанова.

Психологот Деспина Стојанова

Децата кои играат игри онлајн дејствуваат како група која е поподложна на зависност од интернет.

Ги гледаме децата на едногодишна возраст, оние кои се учат за основните навики за исхрана – мајката ги седнува во столче за хранење и ги учи да користат виљушка, лажица, најголем процент од родителите за им го привлечат вниманието на децата им ставаат пред нив екран со содржини од интернет. Тоа дете гледа содржина со некоја интересна музика, со шарени бои и потоа на три години тоа дете не може само да се храни или ќе се храни, но ако сака да јаде има потреба, дури некогаш уценуваат децата, да имаат пред нив и да гледаат интернет содржини, смета професорката Татјана Стојановска Иванова

Интерактивните игри ги зголемуваат ризиците. Употребувањето на дигиталните алатки и платформи може да предизвика ослободување на ендорфин кај тинејџерите, состојба која е слична како и зависноста од дрога.

Преку видеоигрите, децата доживуваат висок степен на возбуда, тој степен не може да го постигнат во реалниот свет, а кога малите мозочиња ќе се научат на таков интензитет на возбуда, тие ќе ја бараат и во другите сфери од животот и не можејќи да ја најдат, тие се навраќаат на нови нивоа на видеоиграта, открива психологот Деспина Стојанова.

Овие ситуации, доведуваат до бројни последици врз децата и нивниот развој.

Децата стануваат недостапни. Стануваат лесно вознемирени, избувнуваат лесно. Она што кај нив се појавува како симптом е опаѓање на концентрација, опаѓање на фокус, едноставно како да детето почнува да се менува и ќе кажеме „ова не е моето дете“.

Неговото мозоче почнува да работи на малку поинаков начин, зборувам за оние дечиња што се во претшколска или во школска возраст, додека кај адолесцентите зависноста може да има и поразлични симптоми, а тоа е да стануваат поагресивни, конфузни во разговорите, долго време да поминуваат пред малите екрани, открива психологот Деспина Стојанова.

Професорката Татјана Стојановска Иванова укажува на една мошне сериозна состојба, во однос на најмалите. Она што е страшно е дека тие побрзо го учат англискиот јазик и потоа имаат проблем со мајчиниот јазик. Ако поразговарате со логопеди и дефектолози, ќе видите дека децата имаат проблеми во изговорот. Таа нагласува дека ни се случува алиенација – отуѓување, первертирање на вредносниот систем и моралните навики кај децата. Развој на егоизмот и на индивидуализмот, како едни од вредностите, кои според мене, не се општествено посакувани или добри за развој на општеството. Ова се последици на кои ако не се посвети внимание, ќе бидат далекусежни.

Здравствени проблеми што можат да се забележат потенцијалните зависници од интернет се:

-Главоболки, болки во грбот;

-Проблеми со несоница, видот и суви очи;

-Занемарување на хигиената;

-Губење на тежината и избегнување оброци;

-Чувство на еуфорија при користење на интернет;

Според психолог Анѓела Богдановска, физички се проблемите со вид, слух, прекумерна тежина, во некои ситуации и намалување на тежината, а како психички може да бидат намалена концентрација, затвореност во себе, непокажувањето на емоции, па оттука може да постават и лажни идеали кои ги следат и гледаат на интернет.

психолог Анѓела Богдановска

За да се надмине состојбата на зависноста, неопходно е да се преземат одредени мерки со кои ќе се поттикнат други интереси и општествени активности. Компјутерот на децата заменете го со физички активности, прошетка или некако спорт.

Доколку се работи за деца од помала возраст, тука голем удел имаат родителите и како тие ќе се постават, бидејќи треба да бидат пример за детето, да има еден отворен разговор каде ќе се кажат сите последици и позитивни страни од користење на технологијата. Доколку зависноста премине на една повисока фаза, тогаш добро е родителите и децата да се обратат на стручно лице, кое ќе им помогне со дополнителна психолошка помош, смета психолог Анѓела Богдановска.

Поставете граници. Регулирајте каде, кога и колку вашето дете може да биде онлајн. Употребете апликации со кои ќе го ограничите користењето на паметните телефони. Не се плашете да побарате стручна помош. Постојат неколку видови на ефективни терапии на кои може да се потпрете.

За Приказна,

Бранка Чочкова,

Ване Маркоски

Текстовите, фотографиите и останатите материјали што ги објавува Приказна.мк се авторски. Крадењето авторски содржини е казниво со закон. Бесплатно преземање е дозволено само на 20 отсто од содржината со задолжително цитирање на медиумот и хиперлинк до оригиналната содржина на Приказна.мк.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

СЛЕДЕТЕ нѐ на

3,476FansLike
1,414FollowersFollow
spot_img

НАЈНОВИ