16.8 C
Skopje
Saturday, October 5, 2024
spot_img

Вида Гаврилоска: самостојноста на децата се гради, не можете да ја подарите

Она што често се случува кај нас е дека ако детето не е добро по математика, да се казни да не оди на пример на фудбал, а детето е добро во фудбал. Тоа нема да му помогне ниту на детето, ниту на родителот. Последицата е нешто што на детето ќе му помогне да го подобри однесувањето. Дека нема да го доживее како престрога казна, вели во интервјуто за Приказна, психологот од Институт за брак, семејство и системска пракса, Вида Гаврилоска.

Приказна: Секој како родител го сака најдоброто за своето дете, но, честопати, во таа желба да бидеме најдобри, сите ние грешиме. Како да научиме да бидеме подобри родители?

Гаврилоска Кога зборуваме за родителството, тоа е навистина еден голем предизвик, за сите луѓе коишто се родители или сакаат тоа да бидат. Родителските вештини базично се делат според неколку карактеристики на луѓето во однос на родителството, а тоа се емоционалноста и контролата. Во нивна комбинација, базично се добиваат четири типови на родителство.

Едните се луѓе коишто повеќе даваат значење на емоционалноста, поважно им е детето да се чувствува пријатно и задоволно, а за сметка на тоа контролата е понамалена. Тогаш зборуваме за попустлив вид на родителство. Ова се оние типови на родителство коишто ќе дозволат на детето да прави некои работи иако тоа не е дел од ставовите на родителот за да детето биде среќно, задоволно и да не плаче.

Другиот тип на родителство е тип којшто емоционалноста е на пониско ниво, а контролата е на повисоко ниво. Тоа значи дека овие родители многу повеќе ќе обрнат внимание на принципите, вештините, образование, на воспитниот процес, а многу помалку на емоционалноста на детето. Овие родители се перципираат како поригидни, како построги.

Тука се и родителите коишто би било идеално ако и емоционалноста и контролата се на високо ниво и луѓето да научат да ги препознаат соодветните потреби на децата и на тој начин да одговорат. Зборуваме за еден автократски, но сепак демократски стил на родителство, каде што родителите успеваат да разграничат – да одговорат и на емоционалните потреби, меѓутоа да го следат когнитивниот, а со тоа и воспитниот развој на детето.

И секако, има луѓе коишто не ги препознаваат ниту едните, ниту другите потреби и тогаш зборуваме за несоодветно родителство, во однос на непрепознавање на потребите на децата и тоа е блиску до запоставувачки родителски стил.

Приказна Како функционираат децата, кога двајцата родители имаат различни стилови на воспитување?

Гаврилоска Она што е интересно е дека истражувањата и праксата повеќе одат во прилог дека децата повеќе се снаоѓаат кога родителите имаат сличен стил. Дури и да е тоа повеќе обрнување внимание на воспитниот процес, а на нешто друго помалку. Кога едниот родител е на една страна, а другиот родител на друга страна, децата наоѓаат начин да одговорат и на двата воспитни стилови. На пример ако едниот родител сака детето да јаде зеленчук, другиот хамбургер – детето ќе престане да јаде или сè ќе јаде. Се создава еден вид конфузија во главата на детето. Што треба, а што не треба да прави?! Ова е еден пример којшто грубо ги разликува родителските стилови. Родителството е трансгенерациска приказна. Ние немаме школи за родителство, тоа е нешто од поново време и најчесто луѓето учат несвесно, ненамерно од нивните родители и некако се отсликува низ генерациите. Меѓутоа во денешно време навистина е предизвик да се биде родител затоа што некои работи коишто биле важни во минатото, веќе сега имаат поразлично значење. Се наметнуваат нови вредности коишто општеството ги бара и во целата таа збрка, родителите баш и не се снаоѓаат во некои ситуации.

Приказна Колку попустливоста на родителите односно обидот секогаш да бидат блиску до детето, да му помогнат, да му се најдат при рака, може да биде добро или лошо како вештина во поглед на развивањето на личноста на самото дете?

Гаврилоска Кога зборуваме за попустливо родителство, каде што емоционалноста на детето е на многу високо ниво и на родителите им е важно, некаде дел по дел тие почнуваат да го презаштитуваат детето со тоа што ќе пишуваат домашни задачи за него, ќе му бираат другарчиња, постепено сите одлуки во животот на детето ќе почнат тие да ги носат. На некој начин детето, неспецифично за неговата возраст, станува зависно од родителите и на еден начин наместо да ја градат самостојноста – тие сè повеќе ја намалуваат, до степен на инвалидитет, нефизички, меѓутоа ако дете во еден развоен стадиум на возраст од 10-11 години, не може самото да одлучи со кого ќе се дружи, нема да може да се справи ниту во социјалните релации со другарчињата, па тоа тато или мама ќе го прават за него. Тие и ќе учат за него. Детето на тој начин станува сè повеќе и повеќе зависно од родителите. Така што идејата да му се помогне, станува идеја да му се одмогне на своето дете, со тоа што самостојноста се одложува на некој начин.

Приказна Споменавте за родителството нема училиште каде за да го научиме, но постојат некои вештини коишто со помош од психолог или педагог ако разговараме можеме да ги донесеме на едно друго ниво.

Гаврилоска Сигурно, сите нас нè обучуваат за разни вештини, да возиме и слично, но никој не нè учи како да бидеме родители и партнери, веројатно животот на тоа нè учи. Она што е важно за родителството, тоа е и наша културолошка приказна, а тоа е дека нам како општество подрага ни е критиката, а многу порезервирани сме кон пофалбата. Се чини дека важи сè уште она „немој да пофалиш – да не расипеш“. И тоа е многу видливо во односот со родителите и децата. Особено со помали дечиња.

На родителите многу полесно им е да кажат „немој да го правиш тоа“, одошто да им укажат на децата што да прават. Ова е една од суштините на родителството, кога станува збор за помали дечиња, кога детето ќе тргне нешто да бара – родителот вели „не може“. Што и да е тоа што не може – сладолед, чоколадо или некоја скапа играчка. Нормално, на тоа детето почнува некако да реагира, можеби да плаче.

Приказна Колку е важна комуникацијата? Често пати се забележува дека родителите се обидуваат да разговараат на јазик како со мали луѓе, односно го употребуваат оној „бебешки“ јазик. Дали тоа е погрешно?

Гаврилоска Кога детето е на мала возраст, ние се приспособуваме на неговиот јазик и тоа е интересно, кога тие нема да изговорат правилно зборови. Меѓутоа, како што расте детето логично е ние да се адаптираме и да бидеме на малку повисоко јазично ниво во комуникацијата со детето и да не се користат такви термини, затоа што сакаме детето тоа ниво да го достигне, а родителот најчесто е модел.

Знаете, кога родителите тргнуваат да зборуваат со децата, тешко им е не само со јазикот – дали е тој бебешки или за возрасен, туку тешко им е да ги приспособат концептите за да ги објаснат. Имаат тешкотија да објаснат што значи љубов, што значи приврзаност, пријателство или особено оние табу теми коишто се во нашето општество. Тоа практично ги блокира, а дечињата ќе прашуваат за нешто што не знаат што значи.

Многу е важно за поимот или за она што е заинтересирано детето да се објасни, да се приближи и поедностави за да детето тоа го разбере. Јазикот не е важен, затоа што како ние ги објаснуваме работите или во литературата ги читаме – децата не можат да разберат што се случува.

Приказна Во последно време сè повеќе се сретнуваме со терминот позитивно родителство. Што значи тој?

Гаврилоска Понекогаш тој термин се подразбира како проамериканска работа, сега сè ќе фалиме. Меѓутоа не е така, навистина не е така.

Позитивното родителство подразбира да родителот повеќе обрне внимание на интеракцијата со детето. Родителот на тој начин повеќе да го запознае детето. Има вежби што се дел од позитивното родителство и траат само пет минути и се клучно важни. Тоа е простор каде што родителот има време со детето. Во тој простор детето треба да биде лидер. Детето да биде тоа што ќе го води родителот низ активноста, а родителот да го следи. Иако трае 5 минути има огромни ефекти. Тоа дава ефект каде детето се чувствува компетентно, расте самодовербата, гледа дека родителот го следи и го почитува, дека тоа што го прави е прифатливо за родителот и некако многу полесно е и родителот да го следи.

Кога ги фалиме децата не ги расипуваме, меѓутоа е важно да ги пофалиме за конкретни активности во конкретно време. Не „многу убаво ја напиша домашната задача пред пет недели“, туку сега, во моментот. Фалбите како „добар си, успешен си, напреден си“, децата не ги разбираат. Ним им треба конкретно да нзаат за што се пофалени.

Кога ќе кажеме дека убаво ја среди полицата или работната соба, тоа е нешто што децата го разбираат. Колку повеќе ги фалат за конкретни активности, толку повеќе децата се трудат да добијат повеќе пофалби. И секако, ми се чини дека многу родители лесно се „лизнуваат“ во нивната амбициозност и ги даваат пофалбите на начин „супер ја среди собата, но ајде сега и тетратките да ги средиш“ Тоа не е пофалба. Кога има пофалба, а потоа критика, тоа кажува „да добар си, ама не си доволно добар, јас не сум доволно задоволен со тебе“ и децата не ги прифаќаат.

Ова се сè концепти од позитивно родителство за децата да се почувствуваат посигурни, посвои и покреативни, за повеќе да споделуваат со родителот, да имаат доверба во родителот и постепено се зајакнува таа релација. И вака кога зборуваме излегува дека сè е пофалба, апсолутно родителите имаат две задачи – тоа е негувањето на децата и тука е воспитниот процес и воспоставување на граници до каде може да се движат нивните деца. Секако, позитивното родителство не кажува дека родителите треба само да се грижат и да ги фалат децата.

Треба да воспоставуваат правила, треба да воспоставуваат не казни, туку последици коишто ќе им помогнат на децата базично да научат дека одредени однесувања, носат и одредени последици.

За Приказна,

Вики Чадиковска

Текстовите, фотографиите и останатите материјали што ги објавува Приказна.мк се авторски. Крадењето авторски содржини е казниво со закон. Бесплатно преземање е дозволено само на 20 отсто од содржината со задолжително цитирање на медиумот и хиперлинк до оригиналната содржина на Приказна.мк.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

СЛЕДЕТЕ нѐ на

5,683FansLike
3,356FollowersFollow
spot_img

НАЈНОВИ