8.8 C
Skopje
Tuesday, October 22, 2024
spot_img

Борче од „Донирај компјутер“: Од месечината се гледаат нашите чесни намери да помогнеме на овој наш напатен народ

Борче Стаменов веќе неколку години поправа стари компјутери и потоа ги донира на млади и семејства кои не можат да си купат нов, а јавноста се повеќе е воодушевена од иницијативата, начинот, пристапот и желбата да се помогне. Самохрана мајка на три деца го инспирирала Борче да ја започне акцијата „Донирај компјутер“.

Приказна: Се соочуваш ли со предизвици поврзани со твојата работа и со какви, со оглед на тоа дека работиш и комуницираш секојдневно со многу луѓе?

Стаменов: Предизвици секако дека има, само јас си имам зададено задача да не прифаќам повеќе отколку што можам да сработам. За мене правилен распоред на работни обврски е најважното нешто во секоја професија. Нешто како Џери Мегвајер во филмот, подобро помалку среќни корисници отколку многу ама незадоволни.

Во фирмата нормално на врвот ми се работните обврски, па потоа доаѓа ова што го работам со донациите. Дневно комуницирам со доста луѓе. Понекогаш, нормално како и сите луѓе, знам да го ставам телефонот на тивко барем половина час и така малку да оладам.

Комуникацијата со дарителите главно се одвива преку електронска пошта затоа што сега откако сум здружение, убаво е да се има се црно на бело. Луѓето и компаниите веќе одамна знаат за Донирај Компјутер и имаат стекнато доверба во неа. Секој што макар и за прв пат се јавува, без разлика дали сака да донира нешто или сака да добие компјутер, се однесува како да сме први комшии.

Главно комуникацијата се одвива преку фан страната донирај компјутер или преку нашата веб страница донирај комјутер.мк која бесплатно ни ја изработи Гимназија „Алгоритам“.

Драго ми е што успеав да воспоставам таков систем на разговор и близина со сите, без разлика дали се тоа обични граѓани, директори на големи компании, министри, премиери или претседатели. Доказ за тоа беше и средбата со Претседателот Стево Пендаровски со кој буквално разговарав како што разговарам и со брат ми без никакви притисоци.

Моментално работиме на тоа да добиеме што е можно поголем број на донации, како би можеле да испорачаме уште повеќе компјутери низ цела држава. За оваа година зацртавме дека мора на некој начин да набавиме и возило за потребите на нашата иницијатива. Со тоа би ни се олесниле многу работи. Засега, за патување на состаноци и преземање донации го користам возилото на брат ми.

Имам доста пријатели низ цела држава, па кога имам потреба нешто да се пренесе од некаде до Кавадарци, доволно е да напишам молба на социјални мрежи и во рок од половина час некој доброволно се пријавува да помогне. Отворивме и сметка за донации за оние кои сакаат да не поддржат на тој начин. Средствата кои ги добиваме ги користиме за набавка на делови кои ни недостасуваат за да комплетираме некој компјутер. Предизвици има секој ден, но, не чекаме да застарат и ги решаваме многу брзо.

Приказна: Како успеваш да се издигнеш над се’, сите коментари, побарувања и успешно да го менаџираш сето ова изминативе години?

Стаменов: Требаше време да научам да се справам со секој што има нешто лошо да искоментира. Главно тоа се луѓе кои дремат на тастатура и чекаат да си најдат погодна тема за да се испокараат или да ти кажат како тоа требало исправно да се направи. Истите тие, не верувам дека имаат мрднато со малото прсте за да направат некоја промена која позитивно ќе влијае на општеството и луѓето. Јас тоа успеав да го постигнам како што до сега имам кажано повеќе пати без да потрошам еден денар. Во последно време не ни губам време да се објаснувам многу. Има премногу семејства на кои им треба нашата помош и едноставно не вреди со секој да се расправаш.

Тоа што јас сам го направив, со такви резултати, не може да се пофали ниту некое министерство со стотици вработени. По природа сум голем инаетчија и тој мој „квалитет“ не го менувам. Со иницијативата менаџирам сам, освен делот каде имам волонтери кои помагаат при поправка на компјутерите кои ги добиваме. Дејан Милачески и Жике Коцев се помошници кои секој менаџер би посакал да ги има покрај себе. Несебично го подаруваат секој свој слободен момент за да дојдат и да помогнат да средиме што е можно поголем број на компјутери и сум им вечно благодарен. Знаат дека не се платени за ова но тоа и не зближува, идејата да се помогне и да не се бара ништо за возврат. Останатото е моја работа.

Јас разговарам со дарители и со луѓе на кои им треба компјутер, транспорт на донации, договарање термини за испорака, барање нови донации, потпишување договори и буквално сè што може да замислите. Тоа е тој инает кој го имам од почеток. Понекогаш мислам дека ова го започнав за да им докажам на сите дека доволен е и еден човек да направи промена во општеството. И добро ми оди!

Приказна: Наидуваш на голема поддршка и надвор од Македонија. Дали иницијативата ќе прерасне во регионална?

Стаменов: Поддршката стигнува од сите страни. Секојдневно некој нашинец ми пишува честитки за успехот кој го постигнавме. Од месечината се гледаат нашите чесни намери да помогнеме на овој наш напатен народ. Луѓето тоа го гледаат и го препознаваат. Сум видел коментари на социјални мрежи за Донирај Компјутер од кои ме стегало грлото додека ги читам. Секој од нив се труди да се вклучи и некако да помогне. Некои финансиски не помагаат, некои купуваат ИТ опрема преку интернет и ја доставуваат до наша адреса. Замисли, некој кој ниту те знае, ниту ти него го знаеш добил доверба во нас и помага! Тоа не се постигнува лесно, но ете ние со нашите активности и транспаретност пред сè успеавме.

Инаку јас не сум човек кој планира надалеку во иднина. Јас гледам проблем и барам решение и не се зафатам со нешто друго сè додека не го решам. За сега Донирај Компјутер ќе остане македонска иницијатива потпомогната од наши сограѓани, компании и нашата дијаспора по светот, за понатаму ќе видиме.

Приказна: Како беше на почетокот, а како е сега, мислам на поддршката која ја добиваш од фирми и поединци за да ги реализираш твоите идеи за помош?

Стаменов: Морам за почеток да кажам дека јас не очекував дека „Донирај Компјутер“ ќе порасне во вака голема иницијатива. Се’ започна со зборовите „дечки, имам една идеја но не е ништо посебно“. Како што веќе кажав потребно беше време да се добие довербата од граѓаните и компаниите. Ја добивме! Сега веќе се е полесно.

Сега сме иницијатива која не бара, туку ја бараат. Секој од нив знае дека тоа што ќе го дадат како донација ќе биде детално проверено и ќе заврши на вистинското место. Драго ми е што во последно време таква поддршка почнавме да добиваме и од македонски државни институции. Дел од успешната приказна секако е и компанијата „ЕкоЛогистик Сервис“, која се грижи секоја наша донација да стигне на точната адреса бесплатно низ цела држава.

Отпадот кој инаку би завршил по улици ние прописно го предаваме на компанија која се занимава со уништување на електронски отпад, па од таму можеме слободно да се наречеме и зелена иницијатива. Собаротуваме и со огромен број на невладини и хуманитарни здруженија од цела Македонија. Донирај компјутер е една голема машинерија која функционира беспрекорно без разлика што ја води еден човек.

За Приказна

Ване Маркоски

Текстовите, фотографиите и останатите материјали што ги објавува Приказна.мк се авторски. Крадењето авторски содржини е казниво со закон. Бесплатно преземање е дозволено само на 20 отсто од содржината со задолжително цитирање на медиумот и хиперлинк до оригиналната содржина на Приказна.мк.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

СЛЕДЕТЕ нѐ на

5,687FansLike
3,355FollowersFollow
spot_img

НАЈНОВИ