2.8 C
Skopje
Sunday, November 28, 2021
spot_img

Белчева Андреевска: Се гордеам што жени во општеството се вистински носителки на промени!

Јана Белчева-Андреевска е носителка на листата на независната граѓанска иницијатива „Шанса за Центар“ на локалните избори. Таа во интервју за Приказна вели: За мене е неприфатливо она што го видов, луѓе на одговорни позиции да прифаќаат одлуки и да ги поддржат, иако знаат дека се погрешни и ќе остават лоши последици не само за околината, туку и директно за нивните блиски и деца. Се обидувам да дадам поттик и со мој пример да ја подигнам свеста за општото добро. Оттука и се роди повикот „Дај си шанса“ на нашата акција.

Разговорот е дел од серијалот интервјуа што Приказна ги прави со жените политичарки.

Приказна Како ќе се опишете себеси?

Белчева-Андреевска Скопјанка, центарка која е цврсто емотивно врзана за Центар каде го поминав целиот живот. Мајка и сопруга, другарка, електро-инженер по вокација, човек опседнат со бројки и знаење за просторни податоци, консултант за меѓународни и развојни институции, со искуство од општински финансии, мерење на показатели за развој на општини, локализирање на стратешки цели за развој на ООН со програмите и проектите на локалната власт. Не е малку, нели?

Приказна Кои се вредностите во кои се препознавате?

Белчева-Андреевска Вредностите во кои се препознавам се искреноста, борбеноста и непредавањето пред препреките. Ете така и денес како и во изминатиот период, упорно се трудам да поттикнам што е можно поширок круг стручни луѓе да се вклучат во промислувањето на решенијата што ќе доведат до услови за живот на граѓаните во еден спокоен град. Верувам дека квалитетни анализи, базирани на податоци, на знаење и на квалитетна дебата со сериозни аргументи може да придонесе кон подобри решенија.

За мене е неприфатливо она што го видов, луѓе на одговорни позиции да прифаќаат одлуки и да ги поддржат, иако знаат дека се погрешни и ќе остават лоши последици не само за околината, туку и директно за нивните блиски и деца.

Се обидувам да дадам поттик и со мој пример да ја подигнам свеста за општото добро. Оттука и се роди повикот „Дај си шанса“ на нашата акција.

Приказна Дали тие вредности се присутни денес во светот на политиката?

Белчева-Андреевска Како и во сите професии, така и во политиката, има луѓе кои чесно, совесно и искрено се борат за напредок, но и онакви кои лесно ги прифаќаат наследените лоши практики или конформизмот им е помил од борбеноста.

Нашето здружување во независна листа советници произлезе како резултат на несовесните одлуки и креирањето политики за општина Центар. Се обединивме како група не само на ентузијасти, туку експерти, професионалци, луѓе со изградена кариера и со желба за акција. Јас бев силно погодена од начинот на кој се уредува нашата иднина во општината, особено кога директно бев сведок на коалицирање околу лични и партиски интереси, а не оние на граѓаните. Таа емоција на разочараност, а во исто време и решителност дека нема да стоиме настрана додека нашата иднина се крои според интересите на малкумина моќници наместо според потребите на целата заедница ме спои со тимот со кој ја формиравме „Шанса за Центар“. Нашата цел е да го разбудиме интересот за вклучување на многу повеќе граѓани во носењето на одлуки за нивната непосредна околина. Затоа им се обраќаме на сите, од оние кои за прв пат ќе гласаат до граѓаните во поодминати години, да се вклучат во нашето движење и да учествуваат и придонесат кон одлучувањето за тоа каков живот во маалата сакаат.

На светско ниво, партиципативната демократија за локални политики, од урбанизам, до сообраќај, од зеленило, до третман на отпад, се многу развиени. Да учиме од добрите примери и да покажеме дека знаеме и можеме поинаку.

Приказна Што од вашите вредности ќе се најде во вашите планови за Центар?

Белчева-Андреевска Од активизам и протести и вонинституционална борба, со политичко учество се занимавам од своите четириесетти, во момент кога почнав да размислувам дека нашето достоинство не им е важно на оние кои ги носат и креираат локалните политики. Сè уште сметам дека она што е добро, убаво, нормално, квалитетно мора да стане дел од животот на моите, вашите и на сите деца во нашата средина, а не да се навикнуваат на „ненормалното“ прифаќајќи го како неминовност.

Затоа би можела да го сведам одговорот на вашето прашање на еден збор-отчетност. Советот има ингеренции да ги иницира, разгледува и одобрува проектите, градоначалникот има ингеренции со општинската администрација да ги оживотворува одлуките на Советот. Планираме во следниот мандат на Советот во прв план да дојде стручноста, слободната мисла, иницијативноста, а не невидливиот диктат на политичката партија од чија листа е избран советникот.

Отвореноста и одговорноста ќе останат заложби кои ќе ме водат.

Приказна Постојано се зборува за урбаниот хаос, но досега не видовме зафати за решение на урбаниот хаос. Која е вашата визија за решавање на урбаниот хаос?

Белчева-Андреевска Вашата оценка не е сосема коректна. Видовме зафати за решавање иницирани од Советот кои дојдоа дури до највисоките судски инстанции. Не е задача на Советот да ги оценува нивните одлуки. Задача на Советот е да идентификува дали при донесувањето на некој детален урбанистички план општинската администрација, свесно или несвесно, не ги почитувала правилата и прописите при поднесувањето предлози до Советот за овие планови, кои доведуваат до урбан хаос. И тука доаѓаме до клучниот проблем. Ако свесно се прекршени, непосредните извршители мора да бидат санкционирани. Доколку се несвесно прекршени, тоа упатува на потребата во администрацијата да има место само за квалификувани извршители.

Системски промени се можни само ако системот го креираат луѓе кои знаат да оценат, да следат и да предлагаат решенија.

Урбаниот хаос се решава со запирање на незаконитото, со укинување на нелегалното, со одговорност од оние кои намерно направиле пропусти. Урбаниот хаос е производ на луѓе со име и презиме и тој може да се надмине ако тие луѓе не се повеќе на одлучувачки позиции.

Приказна Велосипедот кај вас и без изборната кампања е превозно средство. Како ќе ја подобрите инфраструктурата за велосипеди во вашата општина?

Белчева-Андреевска Велосипедот е најбрзиот превоз во Скопје, но не и најбезбедниот. Нашите заложби се ВИЗИЈА 0. Тоа подразбира бројот на сообраќајни незгоди да се намали со нови сообраќајни политики и одлуки. Крајната цел е во Центар да нема изгубен живот во сообраќајот, што може да се постигне со низа одлуки за приоритети и подобрувања на сегашните состојби на лоши решенија, немање оптимизација, ниту анализа.

Приказна Досегашната пракса во политиката, покажува дека желбите и битките за промени, ги поттикнуваат и реализираат жените. Жените искрено се борат за своите ставови. Како да ги охрабриме жените за поголема вклученост во локалните политики и нивна реализација?

Белчева-Андреевска Особено се гордеам што жени во општеството се вистински носителки на промени. Тоа не е случај само тука, туку и низ светот каде во време на ковид криза видовме дека жените лидерки успеаја да направат подобри решенија за своето население. Сите ние кои сме учеснички во процесите на носење одлуки треба да бидеме гласот на сите жители, а за жените очекувам дека ќе бидат најгласниот глас на оние безгласните, меѓу кои се ранливите категории, оние во ризик или обесправени. Жените ќе бидат повеќе вклучени кога ќе имаат финансиска независност и пристап до пазарот на трудот, што подразбира еднакви услови за образование, надградба и кариера како и мажите, време за себе и своите потреби, поддршка со системски решенија.

Жал ми е што во 21 век застапеноста на жените во кандидати за градоначалнички на локалните избори е толку ниска. Револт и неприфаќање на тие решенија од партиските женски ограноци, не видовме.

Белчева-Андреевска Многу светски метрополи, во централните градски подрачја го исклучуваат сообраќајот, во насока на решавање на проблемот со загадувањето. Каков е вашиот план? Кои се вашите цели во таа насока? Дали можеби ќе воведете токсичен данок за автомобили кои загадуваат?

Белчева-Андреевска Скопје има лонгитудинална позиција, па транзитот од општина во општина нужно води преку нашата општина. Само со солидно планирање, разработка на алтернативи и широка, и стручна и јавна дискусија за долгорочни сообраќајни проекти со вклучување на сите општини ќе дојдеме до одржливи решенија. Се разгледувале досега варијанти за трамвај, за тунели. Советот до денес не расправаше за брзиот автобуски сообраќај на територијата на општина Центар, ниту ја добивме студијата за исплатливост на овој проект.

Нашата заложба е превртување на пирамидата на приоритизација на транспортот, нова хиерархија на учесниците во сообраќајот при сообраќајно и урбанистичко планирање/проектирање со приоретизирање на просторот и потребите на пешаците, велосипедистите и јавниот транспорт за безбедност, погодност и комфорност. Зона 30 на улиците во Центар е решение за безбеден сообраќај, а почитување на веќе донесените одлуки за достава ќе растовари 20% од сообраќајот и ќе придонесе кон намалено загадување.

Паркирањето не може повеќе да се решава на начин кој ќе ги зафаќа сите јавни простори или ќе повикува на нови возила нудејќи катни гаражи како опции насекаде. Сообраќајната инфраструктура го нема тој капацитет, па таквите решенија само на хартија изгледаат добро, а во реалност се извор на загадување и небезбедност.

Нови решенија се можни со нови и квалитетни луѓе кои ќе бидат вклучени, наместо одлуки зад затворени врати, паушални и неодговорни.

Приказна Во каков Центар сакате да живеете? Каква е вашата визија за Центар?

Белчева-Андреевска Општина во која јавниот интерес, дефиниран низ јавна дебата и зачувувањето на јавниот простор ќе имаат приоритет. Општина во која стручната мисла ќе ја има клучната улога. Не беше никогаш јавен интерес градење со крајна цел наметнување некој лажен идентитет, лажна историја и лажен архитектонски стил. Мора да имаме Општина која не прифаќа да биде нагрдена со „квази вредности“. Општина која самокритички ќе го преразгледа своето учество во проектот 2014 и ќе извлече поука од тоа. Општина која ефикасно ќе ги отстрани дивоградбите кои се производ на тој проект. Општина која рамномерно се развива во сите свои маала. Општина која ќе ги употреби сите свои овластувања да не издаде дозволи за градби на местото на запоставените простори, а кои би биле спротивни на важечките регулативи за урбано планирање.

Општина во која достоинството на граѓаните ќе биде на прво место.

За Приказна,

Вики Чадиковска

Текстовите, фотографиите и останатите материјали што ги објавува Приказна.мк се авторски. Крадењето авторски содржини е казниво со закон. Бесплатно преземање е дозволено само на 20 отсто од содржината со задолжително цитирање на медиумот и хиперлинк до оригиналната содржина на Приказна.мк.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

СЛЕДЕТЕ нѐ на

2,348FansLike
1,235FollowersFollow
spot_img

НАЈНОВИ