24.8 C
Skopje
Thursday, May 23, 2024
spot_img

Анета Додевска: Секој треба да одговара за своите постапки, а институциите се тука да нè заштитат

Сè уште живееме во традиционално општество, каде жените се повеќе изложени на тоа. Прочитав некои статистики, 64% од новинарките изјавиле дека биле изложени на некој вид насилство преку онлај социјалните мрежи, а само половина од нив одлучиле да го пријават. Можеби причината е отсуство на законска регулатива или непостапување на органи. Последиците од таквите напади може да се различни. Кога знаете дека некој во ваша близина може да ви дојде, чувството на страв е природно. Пострашни можат да бидат последниците по професијата – самоцензура. Кај мене за среќа не се случи, вели во интервју за Приказна, Анета Додевска, главен уредник на тв 24.

Сите можеме да биде жртва на демначи. Се чини дека јавните личности се малку поподложни на демнење. Какво е вашето искуство во таа насока? Дали сте имале искуство со некој кој ве следел, демнел во живо и онлајн?

Додевска Јавните личности, сакале или не го носат тој товар на изложеност на критики од јавноста. Кога се работи за критики за нашата работа, па дури и негативни критики секако се добредојдени. Ние треба да го слушнеме гласот на нашите гледачи, на нашите слушатели, да ги прифатиме и тие критики доколку се во контекст на добронамерност и конструктивност. Но, скоро три децении ја работам оваа професија новинарство и неизбежно е да сме изложени на критика која во себе носи злоба, навреда, дискриминација.

Сум била изложена на повеќе наврати на вакви форми на навреди, дискриминација, по вреска, национална припадност, па дури и родов клуч. На почетоците од мојата професија, кога работев во еден од националните медиуми имав една ситуација, по завршување на дневникот, добивав анонимна пратка од непознат човек. Внатре имаше честитка, некое цеде со музика. Честитка во којашто имаше не баш пријатна содржина за читање. На крајот во честитката пишуваше „Ова ќе продолжи“. За среќа не продолжи, но беше еден од првите моменти каде имав вознемирување од еден таков облик кој може да предизвика страв кај нас.

Како се чувствувате во тој момент?

Додевска Најпрво, пакетот стигна на портирница. Тогаш самите онлај медиуми не беа популарно, не постоеше Инстаграм, па ни Фејсбук. Сето тоа се случуваше на оној традиционален начин, по пошта. Кога го добив пакетот, не знаете, првиот момент е изненадувачки и тоа се случува веднаш штом излегувате од студио. Портирот ве пречекува и ви вели ова е за вас. Кога го отворив на ЦД-то не знаев што има. Музиката беше инструментална. Ги замолив колегите да ги преведат. Тоа беа чудни песни со чудни пораки. Честитката исто имаше чудна содржина. Јас тоа го чувам, како некој белег на нашиот раст во професијата.

Во текот на годините, мобилните телефони кога не беа популарни сме имале повици на фиксни телефони од луѓе, гледачи кои сакале нешто да ни кажат. Последното искуство содржеше форма која едноставно ме исплаши како човек. Преку онлајн медиуми, на Фејсбук добив порака од лице кое не е анонимно. Не го крие својот идентитет. Може лесно да се лоцира, со име и презиме. Во континуитет добивав пораки од таа личност, особено по завршување на некоја дебатна емисија, со навреди, со омаловажување. Сето тоа го игнорирав бидејќи сфаќаме дека тоа е составен дел од нашата работа и нема бегање. Но, во една од неговите последни пораки, наведуваше точна локација каде работам, каде и кога заминувам од телевизијата. Една од речениците гласеше „Требаше навреме да те пречекам пред телевизија кога излегуваш навечер, да те сопнам малку, за да ти покажам некои работи како изгледаат“. Кај мене овој момент предизвика страв и вознемиреност.

Пријавивте ли некаде? Се консултиравте ли? Побаравте помош?

Додевска Во редакцијата, среќа, работам во колектив со кој меѓусебе се разбираме, поминуваме низ истото. Го споделив тоа, го споделив и со самата телевизија, секако неприкосновена поддршка во секој момент и на секој начин. Но, битката требаше да се води и институционално. Пријавив и во Здружение на новинари, кои одлучија неколку засегнати новинари, да пробаме институционално да го докажеме. Во тоа време имав две дилеми. Ако застанам и го премолчам, би било добро за да не се испровоцира некоја натамошна реакција која може повеќе да ја загрози состојбата. Тоа е веројатно размислување на некоја „жртва“. Втората работа беше да, ќе ја водам битката до крај. Секој треба да одговара за своите постапки, а институциите се тука да нè заштитат.

Преку Здружението се конципираше тој заеднички пакет до МВР. МВР реагираше, бев, дадов исказ. Ги однесов пораките. Укажав дека лицето има профил со име и презиме, дадов примероци од пораките. Дадов изјава и како се чувствувам. МВР рече сега е на потег Обвинителството. По неколку месеци добив известување од Обвинителство, во кое пишува дека не наоѓаат каква било основа за каква било постапка. Во ниедна од тие реченици, во последната порака тие не препознаа ниеден основ за иницирање постапка.

Документарен магазин Приказна

Сега имаме законски измени кои се однесуваат на демнење и на делот на медиумските работници. Дали верувате дека ова би имало поинаква разврска?

Додевска Секоја интервенција во промена на регулатива, особено ако е по иницијатива на новинарите, работите да се сменат би требало да очекуваме тоа што е ставено на хартија треба да ја олесни нашата работа, да ни обезбеди еден побезбеден амбиент за работење. Очекувам да.

За прв пат новинарите, адвокатите и здравствените работници се третираат како службени лица во тој закон и нападот врз нив, физички и вербален се третира како напад врз службено лице. За прв пат мислам дека е ставено делото демнење. Добро е дека е ставено во законот.

Јас не посакувам никој да се соочи со битка преку тој закон, но добро е што го имаме дефинирано како дело и добро е што нападот врз новинари ќе се третира како напад врз службено лице.

Сметате ли дека ова можеби ќе биде ветер во грб на лица кои имале ситуација на бидат демнети и злоупотребени, особено онлајн?

Додевска Би требало да биде ова порака за сите лица. Правам разлика помеѓу оние коментари кои сите ги добиваме и се гледаат на Фејсбук, и негативните се добредојдени. Нека биде јавноста наша корекција, и ние некогаш грешиме. Тие критики се добредојдени. Кога збориме за атак каде се дискриминираме по родова линија, по верска или национална линија, треба да биде порака дека тоа треба да запре.

Сè уште живееме во традиционално општество, каде жените се повеќе изложени на тоа. Прочитав некои статистики, 64% од новинарките изјавиле дека биле изложени на некој вид насилство преку онлај социјалните мрежи, а само половина од нив одлучиле да го пријават. Можеби причината е отсуство на законска регулатива или непостапување на органи. Последиците од таквите напади може да се различни. Кога знаете дека некој во ваша близина може да ви дојде, чувството на страв е природно. Пострашни можат да бидат последниците по професијата – самоцензура. Кај мене за среќа не се случи.

Вики Чадиковска

Текстовите, фотографиите и останатите материјали што ги објавува Приказна.мк се авторски. Крадењето авторски содржини е казниво со закон. Бесплатно преземање е дозволено само на 20 отсто од содржината со задолжително цитирање на медиумот и хиперлинк до оригиналната содржина на Приказна.мк.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

СЛЕДЕТЕ нѐ на

5,401FansLike
2,994FollowersFollow
spot_img

НАЈНОВИ