19.8 C
Skopje
Friday, April 12, 2024
spot_img

Ана Попризова: На менталното здравје треба да се работи

Менталното здравје не значи отсуство на ментална болест, бидејќи е мултифакторијално. Луѓето треба да си ги поставуваат тие потпрашања, да си ги мапираат актуелните чувства за да видат дека не секогаш, некаков посериозен психолошки симптом укажува на ментална болест. Менталното здравје преку нашето функционирање си го потврдуваме. Тоа е процес, не фиксирана состојба. Тоа не значи ако сум ментално здрав дека цел живот ќе бидам. Секој од нас минува низ различни кризи и периоди кои бараат адаптација, примена на поинакви пристапи и стратегии, вели во разговор за Приказна, училишниот психолог Ана Попризова

Зошто е важна свесноста за менталното здравје кај секој поединец?

Ана Попризова Последниве години интересот за поимот ментално здравје се интензивира, разбирливо поради сите случувања кои ги имавме со пандемијата. Менталното здравје е нашето секојдневно живеење. Како ние функционираме во секојдневието, колку ги развиваме нашите потенцијали, колку успешно комуницираме со околината, сето тоа е одраз на нашето ментално здравје.

Самото ментално здравје е еден мултифакторен феномен кој ги опфаќа нашите социјални аспекти, психолошки аспекти и нашиот емоционален живот и претставува една целина.

Колку пандемијата влијаеше врз влошувањето на менталното здравје кај луѓето?

Ана Попризова Ковидот беше случување коешто претходно никој од нас не го доживеал и не го искусил како искуство, затоа што се работи за егзистенцијална криза којашто беше исклучително интензивна и долго траеше. Кризи од тој тип секако дека влијаат кај индивидуите. Поради тоа што долго траеше пандемијата, голем дел од луѓето ги исцрпија капацитетите за справување и тоа придонесе за појава на различни симптоми особено се зголеми анксиозноста, депресивноста, паничните напади. Нефункционалноста, неможноста за справување со стрес, појава на различни емоции, стравот беше голем, но и голем дел од луѓето беа изложени на загуби на блиски луѓе. Сега сме во една посткризна состојба каде што на некој начин сите се закрепнуваат и враќање во некаква нормалност.

На што сè влијае нарушеното ментално здравје?

Ана Попризова Менталното здравје влијае на нашето секојдневно функционирање. Ние потешко ги реализираме нашите работни задачи, потешко комуницираме со околината, потешко се справуваме со стресот, се појавува психосоматика, почнуваат некои здравствени, телесни проблеми да ни се случуваат, и сето тоа нè прави дека не сме како што сме биле порано, не сме ефективни, ефикасни. Тоа е препорака, секоја личност да го сфати сериозно затоа што на тој начин нашиот психолошки апарат дава сигнал дека на таа личност и е потребна помош. Важно е да се следат тие симптоми, како се чувствуваме, за да можеме кога ќе препознаеме дека нешто се случува, да си побараме помош и поддршка.

Дали има разлика помеѓу ментално здравје и ментална болест?

Ана Попризова Да. Ова е една предрасуда која е присутна во јавноста. Менталното здравје не значи отсуство на ментална болест, бидејќи е мултифакторијално. Луѓето треба да си ги поставуваат тие потпрашања, да си ги мапираат актуелните чувства за да видат дека не секогаш, некаков посериозен психолошки симптом укажува на ментална болест. Ние, менталното здравје преку нашето функционирање си го потврдуваме. Тоа е процес, не фиксирана состојба. Тоа не значи ако сум ментално здрав дека цел живот ќе бидам. Секој од нас минува низ различни кризи и периоди кои бараат адаптација, примена на поинакви пристапи и стратегии.

Кои фактори влијаат врз менталното здравје?

Ана Попризова На менталното здравје влијаат факторите кои го сочинуваат. Многу е важна нашата комуникација, како ние во нашите релации и врски се реализираме себе, колку сме изолирани односно социјално активни, влијаат и некои индивидуални карактеристики коишто се генетска предиспозиција, нешто што го носиме со нас со своето потекло, влијаат и социјалните фактори. Не е исто ако секојдневно сме изложени на кризи, закани од војни, конфликти и општество во коешто постои спокој, каде постои просперитет.

Влијае и економската состојба како фактор. Ако се бориме секојдневно за преживување, се наоѓаме во сиромаштија, секако дека и тоа влијае. Ако забележиме дека сме во стрес и тој стрес ги исцрпува нашите капацитети, се чувствуваме преморени, не успеваме да завршиме, имаме промена во емоциите, поплачливи сме, поизолирани, немаме комуникација, тоа се први сигнали дека нашата добросостојба односно целокупното ментално здравје е нарушено.

Препорака е луѓето да најдат свои начини како да се релаксираат, како да се опуштат и да се погрижат за себе. Менталното здравје е работа на личноста, не е така дадено.

Кои други фактори не смееме да ги игнорираме кога станува збор за нарушено ментално здравје?

Ана Попризова Многу често во денешниот свет се наметнува оној принцип дека мора многу да работиш, мора да постигнуваш високи очекувања, да поставуваш високи цели и често тоа доведува до прегореност на работното место. Многу често луѓето тоа не го препознаваат, едноставно одат п автоматизам се до еден момент кога ќе почнат да им се појавуваат психосоматски манифестации како чир на желудник, зголемен шеќер, несоница, проблеми со хормони. Тоа е веќе знак дека телото алармира дека начинот, стилот на живот не е ефикасен и не е добар за единката.

Документарен магазин Приказна

Појавата на анксиозност, депресивност, повлеченост, изолација се аларми дека моето ментално здравје не е во ред. Многу често ризичното однесување, злоупотреба на психоактивни супстанции, алкохол, дрога е показател дека менталното здравје е нарушено и бара работа. Посегнувањето по психоактивни супстанции е резултат или во функција на намалување на некаква напнатост или во функција на справување со некаква состојба. Тие се доста достапни, па младите многу лесно посегнуваат по нив.

Дали сме писмени за менталното здравје? Дали ја совладавме стигмата дека разговор со психолог или психијатар не те прави болен човек?

Ана Попризова Јас навистина сум задоволна што овие теми се повеќе се отвораат. Многу често гледам текстови, емисии посветени на ова. Добро е што младите сè повеќе се обраќаат кога им е потребна помош. Гледам еден тренд во образовниот процес каде наставниците и професорите препознаваат колку е значајно да се работи на овие теми. Очекувам во иднина во образовните програми овие теми да бидат повеќе застапени. На тој начин ги учиме младите да стратегии за поуспешно адаптирање во нивниот секојдневен живот.

Ване Маркоски

Текстовите, фотографиите и останатите материјали што ги објавува Приказна.мк се авторски. Крадењето авторски содржини е казниво со закон. Бесплатно преземање е дозволено само на 20 отсто од содржината со задолжително цитирање на медиумот и хиперлинк до оригиналната содржина на Приказна.мк.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

СЛЕДЕТЕ нѐ на

5,229FansLike
2,744FollowersFollow
spot_img

НАЈНОВИ