33.8 C
Skopje
Tuesday, June 28, 2022
spot_img

Ана Карајанова Димитрушева: Животот со мултипла склероза е предизвик секој нов ден

Можеби ќе звучи чудно, но, секој пат кога престојував на Клиниката за неврофизиологија имав поглед на детска онкологија. Сфаќав дека за жал, има деца кои не го ни доживеале тоа што јас го имав. Мултипла склерозата е предизвик, макотрпна, тешка, но во моменти како тој што го спомнав, сфаќаш дека сепак и покрај сета тежина во животот ти имаш ЖИВОТ. Секогаш најтешките војни им се доверуваат на најдобрите борци, па гордост е да си најдобриот, вели Ана Карајанова Димитрушева, споделувајќи ја за Приказна, личната приказна. Ана Карајанова Димитрушева е претседател на Националното здружение  за МС 

Приказна Како и кога дознавте дека имате мултипла склероза? Имавте ли некои симптоми кои укажуваа?

Ана Карајанова Димитрушева На 20 годишна возраст, втора година на студии се соочив со првиот симптом на мултипла склерозата, кој спаѓа во честите симптоми на МС – оптичкиот неуритис, односно воспаление на очниот нерв. Тоа се менифестираше со замаглен, поточно целосно загубен вид на десното око.

МС има симптоми како 13 други болести, така што јас како лаик во медицината побарав помош на очната клиниката, каде стручниот тим а лекари ми ја даде потребната терапија. Набргу бев примена на Клиниката за неврологија, каде ми беше продолжена кортикостероидната терапија. По испитувањата со земање ликвор од коскена срцевина и направената магнетна резонанца, ми беше воспоставена, констатирана мултипла склероза.

Приказна Какви беа реакциите на вашето семејство? Каква беше вашата реакција?

Ана Карајанова Димитрушева Се разбира моите родители беа загрижени за мојата состојба и воспоставената сериозна хронична дијагноза, во тоа време несвојствена за толку млада личност. Сепак, некако одбегнуваа да ми ја соопштат дијагнозата, давајќи алтернативно одговори со цел да ме заштитат.

По одреден период дознав, но мислам дека едноставно ја прифатив, продолжив со секојдневните активности и ангажмани, бидејќи што поинаку и да направев, состојбата немаше да се промени, туку едноставно мислам дека повеќе би влијаело да се влоши.

Приказна Колку се промени вашиот живот? Направивте ли некакви промени во животните навики?

Ана Карајанова Димитрушева Можеби ќе звучи чудно, но, секој пат кога престојував на Клиниката за неврофизиологија имав поглед на детска онкологија. Сфаќав дека за жал, има деца кои не го ни доживеале тоа што јас го имав.

Мултипла склерозата е предизвик, макотрпна, тешка, но во моменти како тој што го спомнав, сфаќаш дека сепак и покрај сета тежина во животот ти имаш ЖИВОТ. Секогаш најтешките војни им се доверуваат на најдобрите борци, па гордост е да си најдобриот.

По однос на промени во животните навики да, поздраво се хранам, вежбам, но сум ужасно непослушен пациент по однос на мојот единствен порок – цигарите ха, ха, ха. Тука не сум совршен пример.

Приказна Ја споделивте ли информацијата со вашите блиски пријатели? Како тоа влијае врз вашата комуникација со нив?

Ана Карајанова Димитрушева На почетокот апсолутно не споделував со никого, за среќа болеста не ми беше прогресирана, па и моите проблеми не беа видливи за околината, иако немав намера да кријам. Сепак, не сум украла, убила, направила зло некому, болест за жал, може секому да се случи. Не ја бираме, и апсолутно не е наша вина. Тогаш зошто потребата да се срамиме и криеме.

Сепак, општеството во кое живееме прави да создадеме заштитен механизам, со цел да не трпиме негативни последици за нешто што не сме ние виновни. Во нашата околина да имаш болест е да бидеш осуден, а не си виновен.

Оваа година Женската трка во соработка со Националното здружение за помош и поддршка на лица со мултипла склероза, даде придонес во зголемување на јавната свест за мултипла склероза (МС) преку споделување на едукативни банери на социјалните мрежи, за предизвиците кои го носи МС. Приближно две илјади учеснички на трката имаа можност да дадат поддршка на жените со мултипла склероза, со поставување на ПОРТОКАЛОВАТА ПАНДЕЛКА која беше содржана во стартниот пакет.

Приказна Може ли да се контролираат симптомите?

Ана Карајанова Димитрушева За мултипла склерозата единствена предвидлива работа е нејзината непредвидливост.

Може да се потрудиме да превенираме со здрави навики, храна, сон, физичка активност, но, сепак не претставува целосна гаранција дека можеме да ги контролираме симптомите. Да не обесхрабрувам, сепак држете се до културата на живот, здравиот начин на функционирање, сепак позитивно влијае и на здрав човек, а посебно на лица со хронична болест.

Приказна Каква стручна помош може да биде корисна?

Ана Карајанова Димитрушева Со оглед дека при справување со МС потребен е мултидисциплинарен пристап, покрај третманските опции кои ги нуди медицината, потребна е поддршка од семејството, пријателите, колегите, психолошка помош и поддршка, нутриционистичка помош, физиотерапевтска поддршка, дружење, медитација, редовен начин на живот (сон, исхрана, активност, природа), односно еден холистички пристап за успешно справување со МС.

Националното здружението од Македонија за помош и поддршка на лицата со МС учествува во
кампањата на светската МС организација 

На 30. мај, ширум светот се одбележува и празнува Светскиот ден на мултипла склероза. Националното здружение за помош и поддршка на лица со мултипла склероза се обединува заедно со глобалната заедница за мултипла склероза (МС) со единствена цел споделување на стории од пациенти, подигнување на јавната свест за мултипла склероза и водење организирана кампања во која се вклучени сите погодени од оваа болест.

За Приказна,

Вики Чадиковска

Текстовите, фотографиите и останатите материјали што ги објавува Приказна.мк се авторски. Крадењето авторски содржини е казниво со закон. Бесплатно преземање е дозволено само на 20 отсто од содржината со задолжително цитирање на медиумот и хиперлинк до оригиналната содржина на Приказна.мк.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

СЛЕДЕТЕ нѐ на

3,476FansLike
1,414FollowersFollow
spot_img

НАЈНОВИ