33.8 C
Skopje
Tuesday, June 28, 2022
spot_img

Ана Ендровска: Љубовта кон уметноста како дете, ја определи мојата кариера

Ана Ендровска е дизајнерка во еден од најпрепознатливите македонски брендови Бела. Била вљубена во уметноста уште како дете, па таа љубов и помага успешно да ја одбере својата кариера, прво образувајќи се како  дизајнер за внатрешна архитектура и индустриски дизајн, а потоа да стане дел од македонскиот креативен свет во текстилната индустрија.

Приказна Вие сте дипломиран дизајнер за внатрешна архитектура и индустриски дизајн. Кој беше предизвикот да ја одберете модата како поле за професионално докажување?

Ана Мојата приказна во Бела започна сосема случајно. Како магистер по внатрешна архитектура (дизајн на ентериери) и индустриски дизајн, бев убедена дека тоа е мојот сон, да работам како дизајнер во областа на архитектурата, сè додека не влегов во фабриката на Бела, и се запознав со секој процес на изработка на едно парче облека.

Бев фасцинирана од секој детал што претставува дел од моделите кои секојдневно се креираат. Отсекогаш сум била обожавател на модата, живеев и студирав во Италија, каде дизајнот беше дел од моето секојдневие. Се будев и заспивав со сите форми на дизајн. Така што модниот дизајн не ми беше непозната област за проучување.

Предизвикот беше огромен секако, бидејќи претходно никогаш не сум имала можност да работам во модна индустрија и ми требаше време да ги научам сите процеси на производство. Ја имав таа среќа што имав одличен ментор.

Ана Ендровска

Приказна Што ве инспирира?

Ана Инспирација … тешко е да се дефинира што конкретно ме инспирира. Секојдневно се соочувам со ситуации, звуци, бои и форми, кои поединечно, потсвесно ме инспирираат на еден или на друг начин. Следењето на модни трендови е пред сè извор на инспиациија.

Приказна Колку материјалите се пресудни за моделите кои ги креирате?

Ана Материјалот е пресуден за секој модел. Убавината на дизајнот најмногу зависи од квалитетот на материјалот. И колку тој е соодветен за самиот модел.

Брендот Бела веќе три децении е присутен на македонскиот пазар. Тимот на оваа компанија го градат жени со визија кои прецизно им се обраќаат на македонските жени за градење во обликувањето на нивниот визуелен печат.

Приказна На кои жени им се обраќате со вашите креации?

Ана Бела е бренд што постои веќе 30 години на македонскиот пазар и успешно ги таргетира оние жени кои се љубители на издржана естетика и уникатни модни парчиња.

Како дизајнер се трудам максимално да ја следам дизајн естетиката на брендот, и воедно да оставам и свој уникатен печат во моделите што ги креирам.

Приказна Дали во дигиталната трансформација, гледате можност во модната индустрија?

Ана Модната индустрија е веќе отидена во тој правец. Сè е дигитално … Дизајнерите користат Illustrator и други програми за модни илустрации и скицирање како и 3D моделирање на колекции со помош на аватари. Во самата индустрија во делот на изработка на шаблони се користат CAD системи за моделирање, дигитално ласерско кроење и шиење со помош на автоматски машини.

Пандемијата само го забрза тој процес на дигитализација. Модните брендови кои не беа во можност со помош на ревии да ги претстават своите колекции,со 3D моделирање и анимации, успеаја да отворат комплетно нова ера во доменот на модата.

Приказна Кој е ваш предизвик на кој би сакале да се фокусирате во иднина?

Ана Бела да стане интернационален бренд. Тоа е еден од приоритетите на кои сме фокусирани во моментов.

Приказна Која е вашата асоцијација за брендот Бела?

Ана Сè што е убаво, модерно, со умерена доза на ексцентричност. Елегантно и префинето, доведено до перфекција. Тоа е нашето мото како дизајнерски тим. Секое парче е осмислено за да одговара на овие особини. Се внимава на секој детал од самиот почеток во дизајнот, до крајната изработка на секој модел поединечно.

Приказна Како мајка, дали сте се инспирирале за модна колекција за деца?

Ана Сум размислувала да, но, сепак тоа е започнување на комплетно нова гранка кај нас. Во моментов сме фокусирани на тоа што ни е специјалност и во тоа што сме најдобри. Како и пробивањето на надворешен пазар. Се надевам дека во иднина тоа ќе ни овозможи повеќе слобода за експериментирање во други области на модната индустрија.

За Приказна,

Вики Ч.

Текстовите, фотографиите и останатите материјали што ги објавува Приказна.мк се авторски. Крадењето авторски содржини е казниво со закон. Бесплатно преземање е дозволено само на 20 отсто од содржината со задолжително цитирање на медиумот и хиперлинк до оригиналната содржина на Приказна.мк.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

СЛЕДЕТЕ нѐ на

3,476FansLike
1,413FollowersFollow
spot_img

НАЈНОВИ