8.8 C
Skopje
Tuesday, October 22, 2024
spot_img

Ана Аврамоска Нушова: Жените го препознаваат демнењето, но често не го пријавуваат

Демнењето може да се изврши на различни начини. Може да се случи во јавниот простор: те следи од работа, те следи од домот, ги следи сите твои движења, ти навлегува во личниот простор, но може да биде и со злоупотреба на лични податоци, преку кое било средство за комуникација. Најчесто социјалните мрежи кои кај нас веќе сите ги користат. Последицата е загрозена сигурност, вршење психичко малтретирање на една личност кое се повторува, вели Ана Аврамоска Нушова – координатор во Национална мрежа против насилство врз жени и семејно насилство.

Што е демнење?

Ана Аврамоска Нушова-Демнење е ново кривично дело кое за првпат се воведува во нашиот Кривичен законик, но не е ново и непознато дејствие. Бидејќи уште во 2021 година нашиот законодавец го стави во поимникот на Граѓанскиот закон за заштита на жени и семејно насилство. Основно за демнењето е да има повторливост на дејството. Повторливоста значи дека мора да се случи повеќе од еднаш.

Сите треба да бидеме свесни дека треба да биде препознаено. Последицата од демнењето е да ја загрозува нашата сигурност, да бидеме исплашени и да не се чувствуваме убаво односно да бидеме вознемирени. Жените го препознаваат демнењето. Последната студија на ОБСЕ од 2019 година го даде податокот дека 30% од испитаничките го препознале демнењето, но не го пријавиле бидејќи никаде не било инкриминирано.

Нашите податоци со кои располагаме се повеќе од европските земји и од Америка. Податоците се фрапантни. Повеќето случаи кои завршиле со фемицид претходно две години биле демнети. Тоа се податоци за коишто мора да бидеме свесни. Ова е дело кое може да инкриминира бидејќи е дело што може да превенира идни потешки облици на други кривични дела како: телесна повреда, тешка телесна повреда и најтешкото убиство.

Какви видови демнење постојат?

Ана Аврамоска Нушова-Демнењето може да се изврши на различни начини. Може да се случи во јавниот простор: те следи од работа, те следи од домот, ги следи сите твои движења, ти навлегува во личниот простор, но може да биде и со злоупотреба на лични податоци, преку кое било средство за комуникација. Најчесто социјалните мрежи кои кај нас веќе сите ги користат. Последицата е загрозена сигурност, вршење психичко малтретирање на една личност кое се повторува.

Често ли е демнењето кај нас?

Ана Аврамоска Нушова-Сè уште немаме статистика врз основа на која може да извадиме податоци за демнењето. Ние како држава имаме проблем со податоци. Сè уште МВР и Центарот за социјални работи немаат податоци за родово базирано насилство и за овие форми на насилство.

Семејното насилство е тоа за кое се води статистика во нашите институции. Се работи на протоколите кои треба да ги сменат овие работи за да може да ја имаме статистиката не само од институциите што ги напоменав, туку и од Обвинителство, судството, посебно за кривичното дело демнење кое е инкриминирано и од март јавните обвинители, полицијата, судовите можат да почнат да постапуваат.

Што ги советувате оние кои Ви се обраќаат?

Ана Аврамоска Нушова-Во нашиот советувалишен центар често доаѓаат жртви на насилство. Не секоја жртва во определен момент кога доаѓа и го прави првиот контакт со социјалната работничка е подготвена да го пријави насилството. Важно е да се работи со неа. Важно е да ѝ се кажат можностите, правата, што ѝ следува во контекст на преживеаната траума.

Секоја жртва која доаѓа, прво се проценуваат нејзините индивидуални потреби. Сите треба да знаат дека услугите се бесплатни.

Кои се правата на жртвата?

Ана Аврамоска Нушова-Жртвата има права. Ќе дознае каде да го пријави насилството, ако има потреба од преглед се упатува кај доктор, кои и се правата од социјална заштита доколку се регистрира како жртва на семејно насилство, што може да очекува во Центарот за социјална работа и да биде подготвена за соодветните прашања што ќе бидат поставени, кои права ќе ѝ се заштитат и какви мерки за заштита има должност судот да изрече по нејзин предлог, дали сторителот направил кривично дело и како ќе се процесира исто така е еден од советите кои може да ги добие бесплатно.

Второ, треба да работиме на зајакнување на жртвата. За да ја напушти полесно насилната средина, посебно ако има деца кои вообичаено ги зема со неа. Се работи на економско јакнење на жртвата. Да може да посети некоја обука или доусовршување за да стане поконкурентна и економски позајакната на пазарот на трудот.

Документарен магазин Приказна

Дали очекувате дека ќе се променат на позитивно работите после промената на Кривичниот законик?

Ана Аврамоска Нушова-Се разбира. Тоа беше една од главните активности кои ги работевме изминатиов период. Не е само демнењето како ново кривично дело, мора да го нагласам и сексуалното вознемирување.

Ќе оставиме да ја видиме судската пракса и Обвинителството како ќе почнат да постапуваат и како ќе се процесираат овие предмети. Она што треба да знаат сите жртви е дека мора да се пријави насилството. Македонија има многу низок процент на пријавени регистрирани случаи на насилство. Само 2% од случаите стигнуваат до некоја инстанца кај нашите институции. Бројката е петтократна. Сивата бројка на непријавени случаи е многу поголема од она што го читаме од извештаите на институциите.

Наташа Јанкулоска Торевска

Текстовите, фотографиите и останатите материјали што ги објавува Приказна.мк се авторски. Крадењето авторски содржини е казниво со закон. Бесплатно преземање е дозволено само на 20 отсто од содржината со задолжително цитирање на медиумот и хиперлинк до оригиналната содржина на Приказна.мк.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

СЛЕДЕТЕ нѐ на

5,687FansLike
3,355FollowersFollow
spot_img

НАЈНОВИ