15.8 C
Skopje
Saturday, October 1, 2022
spot_img

Сестринската љубов нема граници: мене тепајте ме, неа не!

Александра Спасовска од Куманово е седумнаесетгодишна девојка со тешка судбина. Лошиот живот на нејзините родители, ќе направат таа и сестричката, да завршат во дом. Нејзиниот татко не знаел дека мајката ги оставила во кумановското сиропиталиште. Па, откако еден негов другар му кажува дека ги видел во домот,тој иако самохран и сиромашен не размислува поинаку, освен да ги земе назад девојчињата за кои денес живее.

Животот во домот, не бил воопшто лесен. Александра имала едвај пет години, но, сепак се сеќава на лошото однесување на другите дечиња, кои сакале да им наметнат да бидат послушни кон нив. Еден момент кога тие ја вознемирувале нејзината двегодишна сестра, таа мајчински ја брани велејќи им: мене што сакате правете ми, но неа оставете ја на раат.

Таа и денес, заштитнички се однесува кон Анастасија, која сега има дванаесет години. Александра вели: „Јас ја хранев, јас ја облекував, јас ја учев она што мајката требаше да не учи двете“. Таа е истовремено и сестра и мајка.

Оваа девојка воопшто немала детство. Тогаш кога требала да игра и да ужива во животот, таа ја чувала сестричката, а поради сиромашниот живот, нема шанса да се образува, поради што најмногу жали.

„Најмногу сакам да завршам училиште. Тоа ми е најголемата желба. Мислам дека ако се образувам, ќе станам познат уметник. Сонувам за тоа. Но, ете немам шанса. Моето образование заврши кога бев седмо одделение. Кога сите одеа во училиште и имаа безгрижен живот, јас ја чував помалата сестра и ја одржував куќата. Сега велат возрасна сум за основно, а во Куманово не можам да завршам. За Скопје, немам финансиски услови. Тоа не смеам ниту да го помислам. Кој знае дали некогаш ќе успеам да добијам диплома. Сепак, најважно ми е сестра ми и татко ми да бидат среќни“-завршува таа низ солзи.

Ова сиромашно семејство живее само со осум илјади денари месечно. Тие имаат долг за струја од сто илјади денари.

Не знам како изгледаат тие пари. Со очи ги немам видено во животот. Сè што знам е како изгледаат осум илјади. Многу сум напатен. И, јас и девојчињата. Но, не смеев да ги оставам во дом. Барем пораснаа со татковска љубов и топлина, смета таткото Ице.

Некогаш јадевме само сув леб, а некогаш ниту тоа. Спиеме во една соба. Кој долу, кој горе. Тука се бањаме. Вода добивме во август оваа година. Сите изминати години полневме вода од селска чешма и така живеевме. Немаме ниту тоалет. Немаме дрва. Јас како татко, не сум способен да излезам да донесам некој денар. Порано работев по перални, заработував по некој денар. Денес, секој ден ми е сè полошо. Не можам да станам од кревет. Александра меси леб, готви, пере, мие садови. Таа ако донесе две три дрвца, денес ќе се стоплиме, ако не тогаш смрзнуваме. Се чувствувам предвреме остарен. Од нервози го изгубив здравјето-со солзи во очите го раскажува нивниот живот Ице.

„Малата Анастасија не сакаше да се снима. Кога била бебе, уште пред да биде оставена во домот, таа лазејќи брцнала во штекер и два дена била во кома. Едвај останала жива. Денес има последици и не смее ниту да се преморува, ниту да биде под стрес, бидејќи состојбата и се влошува. Затоа поголемата сестра е многу внимателна и се грижи за неа.

Александра вели: Не и давам ништо да работи, сè правам јас. Готвам, чистам, перам. Порано перев на раце, дури и со студена вода. Од август, откако добивме вода, пуштам еднаш месечно перална. Сè ќе направам, ама на Анастасија не и давам ниту да допре ладна вода. Јас ги чувам и неа и татко ми-раскажува оваа храбра девојка.

Ова семејство не знае што е семеен ручек, што е празник и богата трпеза. Сè што знаат е мака и сиромаштија. Но, и волја да успеат. Барем девојчињата. Зашто животот е пред нив.

Сите кои сакате да помогнете на ова семејство тоа може да го сторите на телефонскиот број 077/763190 или на сметката 320500023540135

Автор

Оливера Петрушевска

Текстовите, фотографиите и останатите материјали што ги објавува Приказна.мк се авторски. Крадењето авторски содржини е казниво со закон. Бесплатно преземање е дозволено само на 20 отсто од содржината со задолжително цитирање на медиумот и хиперлинк до оригиналната содржина на Приказна.мк.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

СЛЕДЕТЕ нѐ на

3,649FansLike
1,467FollowersFollow
spot_img

НАЈНОВИ