26.8 C
Skopje
Saturday, April 13, 2024
spot_img

Александра Никифоровски: Верувајте во своите соништа

„Булфрогс балет“е интернационално училиште за балет основано во 2009 година, кое спроведува балетско образование за деца и млади од предучилишна возраст, основно и средно образование. Низ годините „Булфрогс балет“ има продуцирано повеќе балети и одиграни претстави, еден документарен филм, драмски претстави, летни балетски школи, како и повеќеработилници, мастер класови и едукативни предавања. Александра Никифоровски – балетски педагог и кореограф, сопственик на Булфрогс балетска продукција и балетско училиште, со нас ја сподели својата приказна за формирањето и развојот на својата бизнис идеја.

Како се роди Вашата приказна за оформување сопствен бизнис?

Александра Никифоровски Пред 18 години официјално почнав да се занимавам со оваа област поврзана со балетската уметност, но пред 15 решив да го отворам своето прво балетско училиште. Идејата не ми беше на почеток многу да се насочам кон педагогија, меѓутоа подоцна најверојатно сфатив дека сум талентирана да работам со деца. И се роди Булфрокс и од година во година, се случуваа различни настани балетски продукции, нешто што мене многу ме инспирираше. На годишно ниво имаме од 5 до 10 добри проекти.

По професија сте економист.

Александра Никифоровски Да, по професија сум дипломиран економист. Меѓутоа тоа го користам само во оној заднинскиот дел на бизнисот, не ме знаат многу како економист, меѓутоа многу помага во различен начин на размислување кога размислуваш од бизнис аспект. Не дека факултетот кога ќе го завршиш, ќе ти ги даде сите придобивки, туку повеќе искуството, да имаш да научиш од некого и ќе се соочуваш со големи предизвици во текот на работата. И мене не ми било лесно на почеток, сум имала и проблеми, меѓутоа сум ги решавала. Не сум се откажувала. Сум имала периоди кога не бил рентабилно, па станало рентабилно. Меѓутоа, ако веруваш во тоа што сакаш да го оствариш и да имаш сопствен бизнис. Мислам дека може секој.

Млади балерини од интернационалното училиште за балет „Булфрогс балет“ (Bullfrogs Ballet) во Скопје во февруари го освоија прво место на Европското балетско гран-при кое се одржа во Виена. Учениците изведоа фрагмент од балетот „Сон на летната ноќ“, според кореографската адаптација на Александра Никифоровски, според Џорџ Баланшин. Освен првото место во категоријата во која настапија, со 92,33 поени, групната кореографијата беше и третата најбодувана изведба во рамки на целиот натпревар, односно во сите категории, од страна на шестчлената жири-комисија, составена од врвни професионалци.

Дали имавте ментор?

Александра Никифоровски Во балетската уметност да, а во овој бизнис аспект можам да кажам дека ментор може да ми бил татко ми. На некој начин сум го гледала како работи, меѓутоа и доста сама се градев баш во оној дел на бизнисот доста сама се градев.

Кога е во прашање балетската уметност, од кого вие учевте?

Александра Никифоровски Двајца клучни ментори има во мојот живот. Првиот со кого не работев долго е професор Зоран Велевски, меѓутоа ми ја вроди желбата за балет. Од таму најмногу сум осетила дека е тоа што сакам да го правам во животот, а од професор Елена Митевска ги научив сите детали за класичен балет, што е добро што е навистина добро.

Генерално се едуцирам и понатаму воведувам нови методи, го следам светот, сфатив дека балетот и медицината се многу блиски како наука и уметност. Гледам тоа да го пренесам во текот на работата со учениците и исто така користам многу работи што сум ги научила од моите наставници во основно училиште, што за жал можеби денес не е баш така. Оној воспитен процес и таа строгост и дисциплина ми се останати од Весна Џартевска и Лена од моето основно училиште.

Документарен магазин Приказна

Дали сте некому ментор?

Александра Никифоровски На многу деца во балетската уметност, искрено како ментор ми е големо задоволство кога работам на дневно ниво, можеби некогаш ми проаѓаат и над 150 деца.

Каков ментор сте?

Александра Никифоровски Многу строг, многу страст, со многу длабок глас кај мене треба да има дисциплина, да се работи и не знам која е таа магија која децата ја сакаат кога сум строга. А едноставно после добивам гушкање. Добивам со години едни исти деца да бидат овде, дури имав ситуација дете да ми рече: „Викај Сани викај, така сакам да ми викаш“ … Така што не го доживуваат страшно тоа што јас го пренесувам на нив, меѓутоа знаат дека кога ќе се влезе во сала дисциплината е пред сè, првата на која јас инсистирам и природно доаѓа од мене.

Со какви се предизвици сте се соочувале и сè уште можеби се соочувате?

Александра Никифоровски Различни биле на почетокот, биле неискусни работи, па треба да помине време, па ќе згрешиш, ќе се изгориш што би рекле народно, потоа ќе си платиш два пати зашто си се изгорел. Меѓутоа, сега веќе се соочувам со оние работи кои јас лично не можам да ги сменам во нашата држава.

Можеби можам, ама тоа исто треба добар план. На пример, ние немаме каде да репризираме балетска претстава која сме ја дале многу професионално со сите нишани на една балетска продукција и после 12 месеци можеме повторно да емитуваме затоа што сме во приватен сектор.

Недостасува во оваа држава да можеш да репризираш балетска претстава и да заработуваш од неа учениците да се задоволни гостите што си ги повикал првиот пат повторно да можат да ја играат таа претстава има недостатоци во системот, всушност, веќе на оваа возраст и со толку искуство мислам дека повеќе системски недостатоци во оваа држава има.

Што би им препорачале на луѓето што во овој момент размислуваат да си отворат сопствен бизнис?

Александра Никифоровски Да бидат креативни, а тоа што ќе одлучат да го прават да го сакаат вистински да се преиспитаат себе, бидејќи ако вистински не го сакаш тоа бледее после одредено време. Јас сум пример за тоа дека тоа што го правам навистина го сакам, имам голема пасија кон својата работа и ништо не ми е тешко. Да бидат истрајни. Има падови, но не се нерешливи и научив во текот на мојата работа и живот дека нема нешто за кое нема решение.

Наташа Јанкуловска Торевска

Текстовите, фотографиите и останатите материјали што ги објавува Приказна.мк се авторски. Крадењето авторски содржини е казниво со закон. Бесплатно преземање е дозволено само на 20 отсто од содржината со задолжително цитирање на медиумот и хиперлинк до оригиналната содржина на Приказна.мк.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

СЛЕДЕТЕ нѐ на

5,231FansLike
2,800FollowersFollow
spot_img

НАЈНОВИ