16.8 C
Skopje
Tuesday, February 27, 2024
spot_img

Адвокат Марта Гусар: Секоја втора жена, барем еднаш се соочила со онлајн демнење

И како адвокат, и како човек искусен на темата демнење, но и како жртва на социјални мрежи, зборувавме со познатата адвокатка Марта Гусар.

Што значат измените на Кривичниот законик?

Марта Гусар-Со вметнувањето на новите кривични дела за кои се боревме да бидат донесени, ќе има многу промени затоа што веќе нема да биде така лесно некој да вознемирува, сеедно дали полово, на интернет, сега зад тастатурата не е проблем да се напише сè и сешто.

Од друга страна мислам дека треба уште некое време додека сето ова се имплементира т.е. целиот систем да се запознае и да ги имплементираме овие измени во рамки на системот. Промени дефинитивно ќе има и тоа уште во следниве два-три месеци.

Јас го чекав законов и веќе имам подготвено нови пријави. Ќе има и поголема заштита, меѓутоа јавноста треба да биде информирана за постоењето на овие дела. Кога ќе се појават во полиција, од МВР треба да знаат каде да ги упатат и што да се направи.

Сигурно е трнлив, но кој е патот што треба да го изоди жртва на демнење?

Марта Гусар-Првата борбена линија кога некој ќе биде загрозен, сеедно дали од партнер, брачен другар, соработник, а сепак е како резултат на родово базирано насилство, прво се пријавува во полиција. Може ако стане збор за сопружник да се сетат и во Центарот за социјални работи кој може да биде вклучен. Но, претежно вртиме на 192 или одиме во полициска станица. Таму треба да ни земат изјава со сите детали што и како се случило и да нè упатат. Да го известат Центарот за социјална работа дека треба да се преземат дејствија. И МВР има можност да преземат мерки за заштита од насилство, а дополнително со новиот закон кривичната пријава да оди по итна постапка. Со што ќе оди во Обвинителство и ќе може да се преземат дејствија со цел брза заштита. Тука ни треба ажурна и брза заштита.

Не треба само да биде пријавата, па да се чека 15-20 дена или три месеци. Во тој период жртвата е постојано изложена на истиот ризик. Што значи дека треба и полицијата брзо да делува, исто така и Обвинителството кое игра клучна улога. Се надевам таму ќе имаат посебен оддел за овие дела или ќе се земат по итна постапка и побрзо ќе се спроведуваат. Така што се оди во полиција која го известува Центарот за социјални работи и Обвинителството постапува итно, ажурно и брзо за да можеме да стигнеме до разрешница.

За да зборуваме за кривично дело демнење тоа треба да се повторува или да биде во континуитет?

Марта Гусар-Не треба да биде во континуитет и да трае со месеци, туку да се повтори неколку пати. Да се почувствуваме дека сме демнети. Сепак тоа е лично чувство. За некого и со трипати гледање, може да биде демнење, за друг и после три месеци да не биде демнење. Меѓутоа, да, се случува во континуитет.

Ако е со физичко присуство, некој постојано да нè вознемирува кога ќе го видиме, да знаеме дека е тој е тука поради нас, поради тоа што сака да ни влезе во личниот живот. Доколку е преку социјални мрежи постојано да нè вознемирува, да нè повикува, да изнесува наши фотографии, информации во врска со нас, па дури има ситуации во кои и прозивањето на социјална мрежа во одреден период претставува еден вид демнење.

Ако се случува тоа во континуитет кога некој прозива и вознемирува со објава на некаква информација т.е. ги злоупотребува личните податоци. И тоа е демнење. Кога се работеше измената на Законикот, темата беше да не е лично чувство. Ако поаѓаме од субјективното чувство би имало проблем да се утврди дали навистина станува збор за демнење во таа ситуација. Законот вели да биде повторено барем неколку пати и да се чувствуваме вознемирени.

Што е почесто физичкото или онлајн демнењето и што е пострашно?

Марта Гусар-Двете се страшни. Ако е жена жртва физичкото демнење е секогаш пострашно зашто не знаеме за што е подготвено тоа лице. Онлајн демнењето е многу достапно. Секоја втора жена, ако не и секоја, барем еднаш се соочила со онлајн демнење. Пред да се донесе изменава, не бевме ни свесни дека тоа претставува кривично дело. Вознемирувањето е реално и силно, интензивно исто како и физичкото. Кај физичкото демнење зашто е акутно, можеби стравот е поголем. Истото вознемирување се случува и на социјалните мрежи, но дома сме во нашата приватност, па можеби тоа не е толку експлицитно видливо како кога се случува физичко демнење.

Вие и лично почувствувавте ваков шок т.е. траума. Не можам да кажам дека бевте жртва затоа што Вие сте адвокатка и си ги знаете своите права. Секоја друга личност на Ваше место би била класична жртва на онлајн демнење. Колку е полесно кога човек си ги знае правата и како да им се помогне претежно на жените кои се поранлива категорија во демнењето?

Марта Гусар – Шок се секогаш, без разлика дали јас си ги знам правата. Тоа не е пријатен настан. Навистина ми требаше неколку саати додека се соземам. Да сфатам дека мене ми се случува …

Прво не ми беше јасно што сакаат од мене. Кога некој ме прашува дали може да се видиме, јас очекувам дека му треба адвокатска услуга, а не дека бара друга услуга од мене. Чувството е непријатно.

Како да се помогне?

Марта Гусар-Полицијата е таа која треба да ни помогне. Која било жртва што не е дел од адвокатурата или правото, не може да знае што да преземе. Тоа е нормално да не знае. Инаку сите ќе бевме и доктори, и адвокати, вака секој си е стручен во одредена област.

Кога ќе се пријави во полиција, МВР треба да го истражи тоа. Тоа не треба да биде во форма на образец. Не е доволно да се испита жртва по образец. Тоа е стерилно и не може да се извлече тоа што им треба во полиција како податок за да може да се заштити жртвата и да ја упати каде треба да оди. Во тој период немавме измени на закон, немавме вакво кривично дело. Дури ни МВР не знаеше што треба да направи. И навистина не знаеја, сè додека не се одржа протестот, па да преземат дејствија и пак ништо не се постигна.

Жртвата не може да знае како. Треба да знае тој што е стручен и затоа работи на таа област. Барем да биде поексплицитно објаснето што навистина се случува за да може да се извлече заклучок и да се даде помош. Ева кога ќе дојдат кај мене, ако не ми се каже секој детал што се случил, јас можеби нема да можам да го утврдат постоењето на насилството. Стравот е поголем кај тој што не си ги знае своите права. Битно е кога ќе се оди во полиција да нема срам и да се објасни сè. Понекогаш мислат дека ќе ги вратат и ќе им се изнасмеат. Ништо нема да ни се случи. Битно е да ја побараме помошта. Себично е да кажам дека треба да бидат похрабри зашто не е секој храбар.

Документарен магазин Приказна

Конечно, можеме ли да ги победиме демначите?

Марта Гусар-Јас се надевам дека сега нема да се прикријат со лажни профили во онлајн просторот зашто сега знаат дека е кривично дело и дека може да дојде до затворска казна. Се надевам сето ова ќе придонесе да престане демнењето. Не постои демнач кој нема психички проблем, зошто некој би демнел ако е во нормална здравствена состојба? Тука ќе треба и друга помош на демначите. Кога ќе почнат казните (затворски, условни) се надевам ќе се намали демнењето и ќе се сфати сериозно измената на Кривичниот законик. Така ќе ги минимизираме и ќе ги намалиме во целост овие дела.

Наташа Јанкулоска Торевска

Текстовите, фотографиите и останатите материјали што ги објавува Приказна.мк се авторски. Крадењето авторски содржини е казниво со закон. Бесплатно преземање е дозволено само на 20 отсто од содржината со задолжително цитирање на медиумот и хиперлинк до оригиналната содржина на Приказна.мк.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

СЛЕДЕТЕ нѐ на

5,045FansLike
1,952FollowersFollow
spot_img

НАЈНОВИ