Дома Став Колумна Секоја приказна е важна

Секоја приказна е важна

Живееме во време во кое дигиталните алатки ни сугерираат дека треба да се стремиме кон совршенство. Но, дали ние навистина можеме да бидеме совршени? И дали тоа значи дека притоа треба да ги задушиме сите наши емоции, кои не се вклопуваат во сликата на совршенство?

Секогаш сметав дека медиумите постојат да бидат гласот на јавноста. Но, не за да не втурнат во системот на безгрешноста, затоа што животот се состои од грешки кои не учат да станеме похрабри, посреќни, да се справуваме со неуспехот, да се радуваме на успехот, да тагуваме, да се смееме. Животот е постојана потрага и збирка на различни емоции. Во него, секоја лекција треба да биде добредојдена, а секоја емоција прифатена како дел од нас и нашиот процес на растење.

Често сме сведоци дека ако плачете во јавност, ќе мислат за вас дека сте слаби, емотивни, а во суштина вие сте само човек кој има чувства. Емоциите се нераскинлив дел од нас. Тие се нашата учителка која останува активна до крајот на нашите животи. Емоциите нема потреба да ги криеме, туку треба да ги прифатиме како дел од нас кој зборува за нашите чувства и за тоа кои сме ние.

Не плашете се кога вагата ќе покаже тежина која не одговара на калапот на совршеност кој се пласира преку дигиталните медиуми. Вие не сте кукла. Обидете се да се прифатите токму какви што сте. Не е важен физичкиот изглед, туку вашето здравје. Стремете се да го одржувате и негувате, затоа што токму од него ви зависи животот.

Не постои личност која успеала во сè. Сите ние правиме избори и подредуваме приоритети. Ако сакаме да успеме, мора да сфатиме дека секоја одлука носи свои последици, поради што кога бараме права, не смееме да ги занемариме одговорностите кои го прават балансот. Она што е важно е да знаеме што сакаме ние, а не околината, бидејќи секогаш ќе има некој кој ќе ги критикува нашите дела, затоа што никој не може да им се допадне на сите.

„Приказна“ на телевизија откри дека е гласот на јавноста. На дигиталните мрежи, од денес ќе бидеме присутни на оваа страна, да ги слушнеме и да ги откриеме вашите приказни, затоа што веруваме дека во нив има убава поука.

Приказна.мк ќе биде медиум за тебе и твојот живот. Затоа што и ти си дел од овој систем. Приказна.мк ќе биде медиум во кој ќе се среќаваме со вредностите, затоа што во ова дигитално време, толку многу ни фалат на сите.

Ние не уредуваме совршени слики, ние пренесуваме вредни човечки приказни.

За Приказна,

Вики Чадиковска

Exit mobile version