Потенцијалот се гледа по бројките. Дополнителното доброволно здравствено осигурување е класа која има најголем раст од сите осигурување во изминативе две години. Развојот на ова осигурување дополнително е придружен од фактот што самиот развој на медицинска инфраструктура, особено на територијата на Скопје е доста голема и значајна. Пред сè, тука мислам на приватните болници и ординации, па така луѓето едноставно имаат избор, дали да чекаат во државното здравствено осигурување или да добијат брза и достапна услуга, вели во интервју за „Приказна“, Александар Манев, генерален директор на Кроациа осигурување АД – Друштво за неживотно осигурување Скопје.
ПРИКАЗНА: Кој е потенцијалот на здравственото осигурување?
МАНЕВ: Во овие кризни услови, потребата од приватно здравствено осигурување е водена од фактот колку граѓаните може да дојдат до определена здравствена услуга, колку време треба да чекаат да се оствари. И самите знаеме дека често, посебно во услови на пандемија, најмногу во јавното здравство самата реализација на таа услуга е доведена под знак прашање и тоа од оправдани причини, бидејќи нашиот здравствен државен систем е под сериозен притисок.
Со самото тоа се наметна и потребата од дополнителното здравствено осигурување која пред сè значи брзина и лесна достапност на здравствената услуга. Тоа е оној круцијален фактор којшто доведува до се’ поголем пораст на корисници на дополнително здравствено осигурување. Фактор се и компаниите кои нудат ваков вид осигурување, посебно оние како нашата, кои имаат сопствен контакт центар, а преку кој, на едноставен начин ги водат клиентите, односно го организираат целокупниот процес на здравствена нега на клиентите и ги плаќаат нивните трошоци.
Значи да сублимирам, во услови на пандемија кога имаме сериозен притисок на државниот здравствен систем се’ повеќе се јавува потребата од дополнителното здравствено осигурување, пред сè поради брзината и лесната достапност на услугите.
ПРИКАЗНА: Има ли потенцијал за овој вид на осигурување кај нас?
МАНЕВ: Потенцијалот се гледа по бројките. Тоа е класа која има најголем раст од сите осигурување во изминативе две години. Развојот на ова осигурување, дополнително е придружен од фактот што самиот развој на медицинска инфраструктура, посебно на територијата на Скопје е доста голема и значајна, тука пред се’ мислам на приватните болници и ординации. Па така, луѓето едноставно имаат избор, дали да чекаат во државното здравствено осигурување или да добијат брза и достапна услуга.
Посебно приватното здравствено осигурување доаѓа на „дневен ред“ кога луѓето ќе се изложат на некои високи трошоци или пак често се соочуваат со некои здравствени проблеми и со цел во иднина да превенираат вакви случаи, решението го гледаат во овој тип на осигурување.
ПРИКАЗНА: Дали пандемијата влијаеше врз растот на овој вид осигурување?
МАНЕВ: Ако гледаме хронолошки, здравственото осигурување пикот го достигна овие две години во пандемија.
Самиот факт дека голем дел од државните болници, Министерството за здравство ги претвори во цели ковид одделенија, а со тоа се зголеми чекањето на останатите пациенти за други видови прегледи или друг вид медицинска грижа, влијаеше врз развојот на приватното здравствено осигурување. Со самото тоа што клиентите користат доброволно здравствено осигурување, добиваат избегнување на чекање, добиваат брзина и достапност на услугата.
ПРИКАЗНА: Какви се светските искуства?
МАНЕВ: Тука не би можеле да воопштуваме, бидејќи тоа што е факт во светот, развиеноста на овој вид осигурување, зависи од поставеноста на државниот здравствен систем, поставеноста на државните и приватните болници, но факт е дека секаде постои.
Кога станува збор за здравјето на пациентите, често пати чекањето може да биде пресудно за нив. Затоа секаде, во сите економии, генерално кога зборувам за осигурителната индустрија, доброволното здравствено осигурување добива свој примат.
За ПРИКАЗНА,
Ване Маркоски
Вики Чадиковска