Во нашево општество често многу лесно и брзо се создава хаос. Најновиот пример е со настаните кои се случуваат во извиднички одред.
Тажно е што во овој случај се вклучени деца. Ама токму тоа и треба да не поттикне на поголема одговорност, сите без исклучок.
Секој од нас треба добро да размисли, анализира и истражи, кога носи одлука детето да го испраќа некаде. Без разлика дали е спорт, курс … Што и да е. Нашата улога како старатели на малолетни деца, секогаш треба да вклучува огромно внимание и посветеност.
Не може да не се информирате кога дозволувате вашете дете да оди некаде каде насловот е Есенски бакнежи, прегратки … Никој не може во таа насока, да ви го скрати правото како родител старател и воспитувач, да бидете гласни во барање на одговори кој го прави тоа, како ќе го прави тоа, дали за тоа има вештини, знаење … Сексуална едукација не може да прави секој, особено не лице кое нема педагошки пристап и знаење. Воспитувањето на децата е голема одговорност и секоја грешка може да предизвика хаос во градењето на детската личност. Од овој аспект, убаво е брзо и детално да се изврши надзор дали во овој случај имаме злоупотреба на правата на детето.
Јавноста е гласна. Да, затоа што се работи за дете и ако она што се изнесе во јавноста се покаже како точно, тогаш треба брзо да има санкции. Сите институции треба да се здружат и да бараат ова брзо да се провери. Јавноста нема доверба во институциите и тоа е сериозен проблем кој укажува на постоење на длабок јаз во ова општество, кој мора да се надмине на соодветен начин. Ова е еден од случаите кои имаат таква тежина. Институциите мора да функционираат. Јавноста реагира со право, затоа што многупати системот бил изигран. Јавноста станува гласна, затоа што бара решение и одговорност. Институциите мора да го обезбедат тоа. Транспарентно. Ние сите им го должиме тоа на нашите деца.
Медиумите имаат многу одговорна улога во информирањето. Но, тоа не им дава право да прават сензација и да создаваат дополнителна штета. Секоја чест на медиумите кои професионално и со силна посветеност работат на истражување на вистината во овој случај. Меѓу нив е и медиумот кој ја откри приказната. Но, за жал имаме и медиуми кои наместо професионално, известуваат сензационално и непрофесионално, со што придонесуваат на креирање на лош впечаток дека извидништвото е нешто што е лошо. Кај многу од нив, наместо истражување, се пренесуваат коментари или статуси од профили на социјални мрежи. Ова е сосема погрешно. Она што се случило во еден одред, никако не смее да креира генерален став. Верувам дека многу од вас биле во извидници. Сум била и јас. Од таму сум научила многу корисни нешта. Многу другарства се создале во извидничките одреди. Многу љубовни приказни кои сè уште траат. Токму и затоа овој случај, никако не смее да биде генерална перцепција дека извидниците се лоши.
Политичарите треба да стојат на страна. Може евентуално да дадат свој придонес во заедништво на ставот за брзо расветлување, наместо овој бил крив или не. Тоа дополнително лошо ја насочува целата состојба. Јавноста не смее да биде доведена во заблуда. Извидништвото е убаво и треба да се поддржи. Токму и затоа, политичари, не создавајте непотребна и штетна бучава. Погрешно провоцирање во случај во кој има деца, никако не ви носи поени.
Она што треба да се докаже е дали имало повреда на детските права. Ако се докаже, мора да има лоцирана одговорност, односно треба да се санкционираат само вистинските креатори и учесници. Не може сите извиднички одреди да бидат ставени на клада, заради овој случај. Овој случај мора да биде добра лекција, дека не смееме да правиме групни хајки. Не може сите да бидат виновни заради поединец или група. Не може сите медиуми да бидат непрофесионални заради поединечни случаи. Ова општество е многу кревко. Мора да постојат вредности, систем, доверба. Токму и затоа овој случај мора да се реши под лупа на јавноста. Сите имаме одговорност.
За Приказна,
Вики Ч.