Дома Став Гласот на двете мајки

Гласот на двете мајки

На децата им требаат другарчиња. Пандемијата ги измени нашите животи од корен. Создаде навики, но и празнини во социјалните релации. Ова особено е тешко за децата. После година и пол седење дома, голем дел од нив се соочени со многу проблеми кои може да влијаат врз нивното здравје и правилното развивање на нивната личност.

Секое дете има право на образование. Токму ова право, силно беше погодено со брановите на пандемијата. За жал, со ова се соочува целиот свет. Многу влади прават различни напори со цел да го трасираат патот на децата. Успешни се оние кои брзо ги трансформираа образовните системи, правејќи ги да бидат еднакво достапни до сите, ефикасни, а едновремено и отпорни на ширење на заразата од новиот вирус. Пандемијата ни наметна потреба од создавање на нов образовен систем кој ќе биде безбеден, инклузивен и квалитетен во исто време. Како да се стигне до него, е прашање кое верувам еднакво не мачи сите.

Кога ја дознав информацијата дека наставата ќе се одвива со физичко присуство, во мене се јави гласот на две мајки. Едната која беше загрижена за менталното здравје на детето и сметаше дека враќањето во училишната група ќе биде добро од повеќе аспекти: дружење, пренесување на знаење преку директна комуникација, градење на навики и одговорности, но и вклучување на детето во една друга средина од онаа во која опстојуваше изминатиов период …

Другата мајка загрижена за општото здравје на моето дете, како да сакаше да вреска онлајн наставата е подобра. Така детето е заштитено. Таа гласно ме потсетуваше дека протоколите ќе постојат само на хартија, дека училиштата не располагаат со доволно ресурси кои ќе осигурат дека протоколите се сигурни, а децата се безбедни …

Верувам дека во секоја мајка се спојуваа овие две во едно, иако е факт дека скоро невозможно е да се избере една опција која ќе биде сигурна и безбедна, секако во најдобриот интерес на детето. Токму и затоа и мене ми беше тешко да соопштам како сакам да учи моето дете. Она што секако е извесно е дека и јас и секоја мајка го сакаме и бараме најдоброто за нашите деца.

Наставата почна со физичко присуство. Син ми е пресреќен. Се радува што повторно е во училиште, меѓу своите врсници. Она што уште повеќе ме радува е дека самиот си го организира времето за пишување домашна и ревносно си го извршува, обврските за учење ги завршува лесно, брзо и со задоволство. Среќен е што е повторно меѓу своите другарчиња.

Јас сум среќна кога тој е среќен. Но, едновремено и исплашена затоа што дознав дека има опции кога на пример еден час се спојува за две одделенија, како на пример јазици или физичко. Факт е дека наставниците прават силни напори децата да бидат безбедни. Но, факт е исто така дека тие не се волшебници. А вирусот за жал е тука. Има дечиња кои се позитивни, без скоро никакви симптоми. Но, има дечиња кои имаат симптоми. Ова е стрес за секое семејство. Секоја мајка сака да знае дали во окружувањето на своето дете, во истата училница има деца кои се позитивни. Факт е дека ова не е баш правилно, затоа што го нарушува здравственото право на секој и неговата дискреција. Но, факт е дека не може да се биде комплетно опуштен. Токму и затоа ги разбирам мајките кои од наставниците бараат споделување на ваквите информации. Сите ние сакаме да имаме безбедност за нашите деца, а тоа за жал во услови на ваква пандемија е многу тешка задача, во која нема привилегирани.

За жал, никој од нас, со сигурност не може да знае што може да се случи во иднина. Дали наставата ќе продолжи да тече вака со физичко присуство или ќе биде онлајн. Дали некое детенце ќе се зарази или не. Но, она што на сите ни треба е малку повеќе простор на разбирање, поддршка и флексибилност од страна на авторитетите. Јасно е дека оваа ситуација не е едноставна и лесна, за кој било од нас. На крај, децата го заслужуваат најдоброто. Секој од нас треба да вложи напор тоа да му го овозоможи.

Многу нешта се менуваат кога некој ќе дознае дека има позитивен во неговото опкружување. Тоа создава силна вознемиреност, страв и неспокојство. Токму и затоа ни треба смиреност, поддршка и многу разбирање.

Институциите мора да проверат дали протоколите постојат само на хартија и да изнајдат начини како тоа да се коригира, доколку има пропусти.

Администрацијата во училиштата да разгледува можности како да ги подобри мерките кои се наложени.

Ние како родители да се погрижиме да пренесеме пораки кон нашите деца.

Педагозите и психолозите малку поактивно да комуницираат со дечињата, помагајќи им на сите да ја поминат оваа стресна ситуација која пандемијата ја наметна. Многу семејства се погодени и економски, преживуваат трауматични мигови, покрај тежината на пандемијата. Мора да се најде разбирање, но, и начин да се пресретнат и да им се помогне. Не е лесно, но тоа е наша должност за доброто на нашите деца.

На крај, не се само податоците кои треба да се совладаат, туку и вештините како да се справиме со вознемиреноста, стравот и чувствата на загриженост кои ги наметна пандемијата. Сите сме обединети во едно: децата да ни бидат здрави.

За Приказна,

Вики Чадиковска

Exit mobile version