Дома Инспирација БИЛЈАНА БЛАЖЕВСКА: По пазарите се молам за скапана храна само да однесам...

БИЛЈАНА БЛАЖЕВСКА: По пазарите се молам за скапана храна само да однесам дома на децата

Билјана Блажевска од Скопје како млада имала живот од бајките. Четириесет години била во брак, со Јосиф, човекот на нејзиниот живот. По многу години складен и убав живот, еден ден сè се превртува наопаку. Се разболува поголемиот син и ослепува. Помалиот син добива тешки срцеви опструкции. Починува сопругот, а како капак на сè, истата година Билјана ја губи и куќата.

Образованието не секогаш е мерило дека добро ќе заработувате и ќе имате среќа во животот. Билјана иако е со вишо образование, млада заминува како технолошки вишок, а денес е со минимална пензија. Во најтешкиот период кога губи сè во животот, таа цели седум години останува и без ниту денар приход. Тогаш започнува агонијата. Се задолжува во банки, се задолжува кај поранешни колеги и пријатели, поради што сè уште ги отплаќа тие долгови и денес.

Билјана свесна дека мора да се бори во животот, за да не им уништи животот на болните синови, собира сила и во населбата 11 октомври прави куќа до карабина, а добрите луѓе и помогнале колку толку да ја оспособи за живот.

Тешкиот живот ја принудил да оди дури и на сегашна возраст, да работи за двесте денари дневница, да помага по пазарите, молејќи се дека некој ќе ѝ даде макар скапан зеленчук или овошје, кои дома ќе го јадат со децата.

„До пред некоја година живеевме без струја и вода. Немав ниту за храна. За да има барем децата да јадат зашто пијат силни лекови, пет дена немав ставено залче храна во устата. Колабирав. Ги молев соседите да ми дадат макар сув леб, не ми дадоа. На лекар кога им кажав дека не јадев само децата да имаат што да јадат, се шокираа. Се случува да останеме без храна. Одам по пазарите да молам да ми дадат малку скапан зеленчук што никој не го јаде. Ќе го исчистам и тоа го јадеме дома“.

-Ќе им се заблагодарам на сестрите од католичката црква. Многу ми помогнаа. Ми носеа дрва и храна порано. Но, ги сменија на друг реон, па сега има денови кога немам ниту гранка за да го запалам шпоретот да се загрееме. Соседите ми ја знаат ситуацијата, па ако реновираат дома ќе ми дадат некој стар мебел, сама ќе го искршам и така за некој ден обезбедувам огрев. Се снаоѓам. Но, зарем на овие години заслужив ваков живот да живеам. Да молам за корка леб?!“

Оваа напатена жена денес зема минимална пензија, која ја дава за долгови по извршители, дел од неа враќа и на колеги кои на времето кога немала пари и позајмиле. И остануваат едвај две илјади денари со кои набавува продукти доволни само за неколку денови во месецот.

-„Смачено ми е од сè. Понекогаш сум размислувала и животот да си го одземам, но кога ќе ми текне дека децата ќе ги оставам за никаде, се враќам во реалноста. Не е лесно на седумдесет години да мислиш како ќе го поминеш денот. Знаете, кога сте млади можете сè, ама на овие години е многу тешко. Син ми спие на горниот кат каде нема врати. Тој лежи на неколку пласта јоргани, нема ниту кревет. Јас и другиот син, тука сме во оваа соба. Наутро повеќе сме укочени отколку одморени. Федерите се излезени од креветите. Ставам ќебиња за да не нè прободат во грб. Некој да ми кажуваше дека вака ќе живеам, немаше да му верувам. Но, ете реалноста е таа.“

-Ги сакам и животните. Им помагам. Ќе влезам во месарница, ќе побарам некоја коска и кога се враќам од пазар ги ранам по улица кучињата што ќе ги сретнам. Жал ми е и за нив. Понекогаш викам и куче подобро живее од мене.

Дополнителна болка на оваа жена е неможноста да си го види внучето од помалиот син, кој бил женет, но, поради неможноста да плаќа алиментација не им е дозволено да го гледаат детето.

Билјана е многу повредена. Секој ден и е исполнет со солзи. Но, како и секој човек се бори и верува дека постои надеж за подобар живот како што некогаш го имала. Се надевам и знам дека има добри луѓе. Многу би ми било од помош да добијам врати, дрва, храна, дрва за да ја поминам зимата. Вака ја завршува својата животна приказна оваа напатена жена во интервју за емисијата Срце на дланка.

Сите што сакате да помогнете на оваа жена тоа може да го направите на телефонскиот број 076/237-060 или на сметката 210501586125522

Автор

Оливера Петрушевска

Exit mobile version