20.8 C
Skopje
Friday, June 21, 2024
spot_img

Тиана Ивановска: Грижата за менталното здравје да ни стане приоритет

Луѓето сè уште сметаат дека на психолог одиме кога не сме добри со паметот, за жал. Секогаш нагласувам дека психотерапевтите работат со здрава категорија на луѓе, не работиме со луѓе кои имаат состојби кои се на ниво на ментална болест. Многу е важно да го препознаат својот здрав капацитет и на него да работат, вели во интервју за Приказна, м-р Тиана Ивановска, психолог и гешталт психотерапевт, сопственичката на СебеСложувалка.

Сите знаеме како да го одржиме физичкото здравје и како да практикуваме хигиена на забите. Но, што знаеме за одржување на нашето психолошко здравје?

Тиана Тука сме малку со поголеми отпори. Јас честопати велам дека тоа е нормално затоа што менталното здравје не може да се види со голо око, може само да се почувствува и најчесто за ваквите состојби зборуваме на ниво на субјективно доживување.

Кога ќе скршиме нога одиме на доктор, но може да видиме што е тоа што не боли, можеме да видиме каде е отечено местото, имаме точен протокол што треба да се прави. Кога зборуваме за менталното здравје, малку е покомплексно затоа што е апстрактен поим, не е нешто што е видливо, но е нешто што може да се почувствува и знае да влијае на квалитетот на секојдневието.

Што може да се случи доколу не преземеме нешто за нашето ментално здравје?

Тиана Може да ни го наруши физичкото здравје затоа што едното со другото се поврзани. Кога зборуваме за една комплетна добро состојба кај луѓето, зборуваме за повеќе аспекти. Зборуваме за телесен аспект, ментален, емоционален, спиритуален. Ако која било од овие компоненти ни заостанува, потребно е да се посвети внимание на неа. Затоа е потребно да обрнеме внимание на менталното здравје.

Темите поврзани со менталното здравје на нашето поднебје станаа позастапени по пандемијата со ковид. Јас донекаде тоа го оправдувам, земајќи ја предвид нашата историја, цивилизација и развој кој постоел. За мене како психотерапевт е прифатливо што луѓето чувствуваат отпори, потребно е малку повеќе време да едуцираме и објаснуваме со цел да поттикнеме да се грижат за менталното здравје.

Колку е важна писменоста за менталното здравје? Дали сè уште сме област каде што таа писменост е ниска?

Тиана Таа зависи од генерациите. Секогаш зборувам дека е детерминирано од возраста на луѓето. Сметам дека младите генерации дефинитивно се доста информирани, но кај нив постои и опасноста која е реална, да прочитаат од морето на информации точни но и неточни информации и да се обидат да застанат на место на експерт којшто ги разбира овие тематики поради тоа што има прочитано еден куп статии на интернет пребарувачи или во книги.

Опасноста постои дека ќе се едуцираат погрешно. Додека пак, постарите не читаат толку интензивно, не ги користат толку интензивно медиумските алатки, но кога доаѓаат на сесија се на некој начин поотворени да слушнат експертско мислење и да искреираат една вистинска реална слика за тоа што ги интересира.

Дали одењето на психолог и психијатар се сè уште табу теми кај нас? Дали луѓето полека се отвораат и сфаќаат дека тоа треба да го направат затоа што се грижат за самите себе?

Тиана Сметам дека сè уште се табу теми, токму поради таа неинформираност. Луѓето сè уште сметаат дека на психолог одиме кога не сме добри со паметот, за жал. Секогаш нагласувам дека психотерапевтите работат со здрава категорија на луѓе, не работиме со луѓе кои имаат состојби кои се на ниво на ментална болест. Многу е важно да го препознаат својот здрав капацитет и на него да работат.

Не постои човек што е 100% здрав или 100% болен. Секогаш има дел што е здрав, дел болен. Идејата е преку работата на себе, преку психолог и психотерапевт да се јакне тој здрав капацитет. Токму тоа е нешто што ги руши тие табуа за одење на психолог.

Како да ја едуцираме јавноста дека постои разлика помеѓу ментално здравје и ментална болест?

Тиана За мене број еден приоритет е да не „гуглаат“. Така за состојбите креираат слика дека се болести. Честопати во секојдневието се среќавам со ситуации во коишто луѓето бараат комфор, да им е убаво, удобно во сè што прават. Кога ќе ни се случи некое мало нарушување на емоциите, да почувствуваме тага, лутина, гнев, болка, нешто што излегува контрола, го перципираме како болест. Токму поради тоа, секогаш тежнеам на клиентите да им донесам дека тие негативни емоции, што тие ги велат дека се негативни, имаат за цел да ни предизвикаат раст, напредок и затоа добро е понекогаш човек да се почувствува дека не е во ред, за да може да посегне кон тоа да прогресира.

Кај нас честопати срамота е да плачеш, да те видат дека ти е тешко, дека имаш траума кога некој ти починал. Срамота е ако е машко да се пожали дека чувствува тага. Како тоа да го разбиеме и да објасниме дека не е срамота да се зборува за чувствата, не е срамота да се зборува емоциите?

Тиана Тие елементи во психотерапијата ги викаме културолошко наследство во воспитувањето. Можеби ќе ни биде потребно малку повеќе време да се променат генерациите, бидејќи тие восхитувања се дело на едни родителски стилови кои припаѓаат на други времиња и самите тие родителски стилови искреирале луѓе кои едноставно имаат проблем да бидат ранливи, да заплачат, особено мажи да покажат слабост.

Сметам дека денешните родители и модерното родителство во голема мера тежнее кон тоа да уважи емоција, да дозволи на дете да се расплаче, да покаже ранливост, слабост. Резултатите на промените во родителските стилови, допрва ќе ги чувствуваме во годините што доаѓаат.

Колку е важно родителите да го препознаат тој развој на емоции кај децата, социјалната и емоционалната интелигенција?

Тиана За мене тоа е број еден. Ако вие успеете на израснете и да воспитате дете кое успешно препознава и зборува за емоции, вие сте завршиле 80% од работата, затоа што тоа дете нема да ги задоволи може очекувањата дека ќе биде доктор на науки, но секогаш ќе тежнее да го бара правото место за себе и секогаш ќе тежнее да ги бара правите луѓе за себе. Тоа е вештина што трае цел живот.

Семејство, партнери кои имаат отворена комуникација, кои отворено зборуваат за емоции меѓу себе се средини во кои растат деца кои не се срамат да зборуваат за своите чувства. Од друга страна имаме едно типично балканско семејство кое е затворено на емоционални теми, каде емоционалниот конфликт во семејството се решава со чашка ракија или се решава со избегнување на проблемот или ставање на проблемите под тепих, така да во таквите семејства, децата немаат од каде да научат како да зборуваат отворено. И тие самите подоцна прераснуваат во индивидуи кои се затворени на емоционален план и се најекстровертните луѓе.

Кога станува збор за теми за добросостојба, за евалуација на персонални релации тогаш се затворени и немаат капацитет.

Колку е значајна менталната хигиена и што всушност подразбира таа?

Тиана Менталната хигиена е свесност за сопственото ментално здравје и проверка на тоа што мене ми се случува во моментот. На почетокот на овој процес потребно е да кажеме повеќе време да ние се спознаеме себе си и да научиме што ни одговара, а што не. Со тек на време тие нешта ни доаѓаат природно. Тоа е еден принцип, навика да човек зборува сам со себе и да проверува што му се случува, без разлика како се чувствува. Едноставно треба да го имаме капацитетот да видиме што е она што ни се случува и дали јас ова можам сама да го менаџирам или ми треба помош од стручно лице.

Жените се поотворени да признаат дека имаат проблеми со менталното здравје и да преземат нешто, односно се пописмени за разлика од мажите. Има ли некоја вистина во овие податоци?

Тиана За жал да. Жените се и поотворени да посетуваат психотерапија. По мене ова не се должи во биолошкиот организам или карактеристики, туку е чист предмет на домашно воспитување. За жал на нас како жени ни е дозволено да покажеме слабост, дури и се бара од нас да покажеме ранливост, бидејќи тоа е стереотип на женска карактеристика, жената е нежна, ранлива, топла, мила, негува, искажува љубов и вербално, додека од мажот се бара да биде строг, силен, цврст, стабилен, да го носи целиот товар на семејството, да биде карпа на која секој може да се потпре.

Самото воспитување, начинот на кој ние ги растеме нашите деца дури и ако погледнете во семејства каде има момче и девојче, ќе забележите дека момчето е воспитувано на еден, девојчето на друг начин. Момчето се идентификува со таа улога на маж, и дека тие карактеристики мора да ги поседува. Ако почне да се чувствува поинаку, тогаш би требало да се идентификува со жена и да излезе од сопственото место, што е многу поразително.

Токму поради тие восхитувања ние имаме зголемен процент на кардиоваскуларни нарушувања кај мажите. Тие и на глобално ниво живеат пократко од жените. Имаме зголемен процент на самоубиства кај мажите. Сето тоа оди во насока на отежнување на процесот на работа на менталното здравје и кај едните и кај другите.

Документарен магазин Приказна

Како да научиме да преземеме поголема грижа и да препознаеме кога имаме проблем со менталното здравје и да најдеме решение?

Тиана Би рекла дека во ова време и овој свет, луксуз е да имаш време за себе. Луксуз е да имаш половина час во денот во кој не комуницираш со никој, не го држиш телефонот туку седиш сам со себе и мируваш. По мене, тоа време е клучно за да се препознае што е она што се случува во нас.

Кога живееме во динамични времиња, ние имаме константна потреба да трчаме, да одиме напред во шеста брзина, сето тоа, нас не трга далеку од себе и она што е наша човечка природа. Секојпат кога се враќаме кон себе и учиме како да проаѓаме време сами со себе, без никој околу нас, без зависност од партнерска релација, без пријатели, работа, да имаме едни чисти минути во денот кога сме сами со себе и може да провериме што е она што се случува, тоа е нешто што е најздраво да се практикува со цел да се превенира какво било ментално нарушување.

Колку светот би бил подобар доколку покажеме поголема грижливост кон нашето ментално здравје?

Тиана Многу подобар. Може не можат да зборувам за цел свет, но би кажала дека нашата држава би била многу подобра. Секојпат кога се грижиме за менталното здравје овозможуваме самите ние како индивидуи да застанеме на вистинското место за нас, а потоа и да ги ослободиме и останатите места, да во нив влезат личности кои се соодветни за тие места.

Вики Чадиковска

Текстовите, фотографиите и останатите материјали што ги објавува Приказна.мк се авторски. Крадењето авторски содржини е казниво со закон. Бесплатно преземање е дозволено само на 20 отсто од содржината со задолжително цитирање на медиумот и хиперлинк до оригиналната содржина на Приказна.мк.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

СЛЕДЕТЕ нѐ на

5,513FansLike
3,140FollowersFollow
spot_img

НАЈНОВИ