8.8 C
Skopje
Wednesday, October 5, 2022
spot_img

Стојна Маџовска: За да ја спасам внуката и душата би ја дала

Стојна Маџовска имала нормален семеен живот, со планови да направи соодветен дом и да обезбеди убави услови за децата и внуците. Можеби ќе успеела, доколку пред три години не се случила несреќа во нивниот дом. Наместо да се подготвуваат за свадба тие резервирале болнички кревет, бидејќи нејзиниот сопруг, како возач на камион, направил тешка сообраќајна несреќа која им ја менува судбината на сите членови од семејството. За да може да ја спаси главата на семејството, Стојна зема кредит кој ги исцрпува финансиски и ќе направи подоцна да немаат ниту за елементарни услови за живот. Во такви услови живеат и денес, а вработена е само таа. Сопругот поради здравствената состојба е спречен да работи, а синот на Стојна, Тоше, е лице со попреченост. Тој е оженет со Ели, негова соученичка и денес имаат две мали деца. Ана, две години и Давид, кој е сè уште бебе. За жал, капката од преполната чаша со проблеми ја претура состојбата на малата Ана, која боледува од епилепсија и за која ова семејство нема основни финансиски средства за да го лекува понатаму. Но, и состојба која го вади од колосек нормалниот живот на ова семејство и ги прави премногу тажни и беспомошни.

Стојна за својот живот ќе рече дека немала премногу, но, имала колку за да го минат месецот и пак да бидат среќни. Пред дваесетина години одлучува со сопругот да почнат да прават нова куќа, која за жал, до ден денешен не е завршена и од неа функционираат само две соби. Причина за тоа е сообраќајната несреќа на нејзиниот сопруг кој како возач на камион ја направил при враќање од Турција и за чиј спас, таа морала да земе кредит кој и ден денес го плаќа. Во меѓувреме се жени и Тоше, нејзиниот син, па, семејството се зголемува, а со тоа и потребите за живот. Вработена е само Стојна и нејзината снаа, но, платите кои се минимални, се однапред изедени од рати за кредити, па, некогаш ова семејство останува и без платени сметки и најчесто и без наполнет фрижидер.

– Тоше и Елена се заљубија во училиштето во кое учеа. Двајцата се лица со попреченост. Токму кога се подготвувавме за веридба, добивме лоша вест. Мојот сопруг доживеа тешка сообраќајна несреќа и ситуацијата му беше тешка и критична. Бев принудена да земам кредит кој и ден денес го исплаќам. Имавме планови да ја доправиме куќата. Еве остана вака, без фасада, без соби. Нема, не стасува-вака започнува да ја раскажува својата тажна приказна тетка Стојна од Ајватовци.

Најтежок проблем во моментов е состојбата на малата Ана, која има само две години и која им задава навистина големи стресови. За жал, таа има епилепсија со тешки епилептични напади, па, и последните пари Стојна некогаш ги дава на испитувања и доктори, а понекогаш за жал мора и дополнително да работи, за да не ги остави без леб децата.

– Ниту куќа, ниту луксуз не ме интересира. Најмногу ме повредува состојбата на внуката. Има само две години, а докторите и открија епилепсија. Многу е тешко кога добива напади. И се појавува дури пена на устата. Да можам животот би го дала за неа. А јас немам ниту пари за на лекар-низ солзи раскажува Стојна за малата Ана.

Стојна во моментов е и маж и жена во домот. Никој, вели таа не ја прашува како и е, и дали може да издржи. Мора да работи и во смени за да земе пари за да преживеат, но, и кога е на работа паметот и е дома кај децата. Не може да опстане финансиски ќе рече таа, нема ниту за дрва, ниту за пелени и млеко, а често се случува поради неплатени сметки да живеат и на свеќи со болно дете.

– Одам и во смени. Работам хигиеничарка на Инфективната клиника, но, земам минимална плата која уште првиот момент ја раздавам за кредити и сметки. Па, одам дополнително, пеглам, чистам, помагам кај луѓе, за еден пакет млеко или пелени. Нема, ако јас не донесам, нема кој. И струјата ми ја исклучуваат, па, живееме и на свеќи. Дваесетина години како ја почнавме куќата, еве вака остана. И да загрееме со штици, топлото бега зашто не е доправена. Кога сум на работа, паметот ми е дома. Во децата. Барем син ми да се вработи. Да не биде целиот товар врз мене, би била пресреќна – вели Стојна.

Спас за ова семејство покрај финансиска помош за да преживеат и да ја лечат малата Ана, е вработување за Тоше, за да може и тој да преземе дел од товарот кој на плеќи го носи Стојна, и за да не мора да остава жена со болно дете и да замине во странство да работи.

Сите што сакате да помогнете на ова семејство тоа можете да го направите на оваа жиро-сметка 250-5000224788-66 Шпаркасе банка или на овој телефонски број 072/242435

Автор Оливера Петрушевска

Текстовите, фотографиите и останатите материјали што ги објавува Приказна.мк се авторски. Крадењето авторски содржини е казниво со закон. Бесплатно преземање е дозволено само на 20 отсто од содржината со задолжително цитирање на медиумот и хиперлинк до оригиналната содржина на Приказна.мк.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

СЛЕДЕТЕ нѐ на

3,651FansLike
1,466FollowersFollow
spot_img

НАЈНОВИ