16.8 C
Skopje
Wednesday, October 5, 2022
spot_img

Софијанова: пандемијата предизвика стрес кај децата

Педагозите, училиштето и оние кои се грижат за менталното здравје имаат исклучителна голема улога. Сега психолозите се исклучително важни и со таквите дечиња мора да работат бидејќи тие не се свесни што се случило, а начинот на разбирање не е кај сите подеднаков. Кај едни може да појави голема тага, кај други одреден револт, бидејќи не може да објасни зошто на неговите родители им се случило тоа, додека пак други не можат да го сфатат тоа така лесно, бидејќи се сепак деца, и за нив сето тоа е горчина која понатаму доведува до одредени фрустративни проблеми, кои понатаму раѓаат комплетно други состојби. Ако не се работи на фрустрацијата, без разлика дали ќе биде преку родителите или преку педагозите, може да доведе понатаму до одредени девијантни форми на однесување, вели директорката на Клиниката за детски болести, проф. д-р Аспазија Софијанова.

Приказна: Колку стресот ги погодува децата?

Софијанова: Пандемијата е нешто што сакаме да биде минато. Нашето секојдневие се базира на тоа каква е состојбата со ковид статистиката, колку има заболени, каква е епидемиолошката ситуација кај нас и во светот. Почнавме да живееме еден комплетно различен живот од она што беше претходно. Балканот важи за регион којзнае да го живее животот. Пандемијата со короната комплетно ни го промени, доведувајќи не во сосема друга ситуација. Со кратењето на дружењето, смеата и можноста да комуницираме едни со други, влеговме во еден друг статус, кој како одминува доведува до други форми на стрес. Тој стрес се однесува и на тоа дали ако излеземе надвор може да се заразиме со ковид, дали другарчето е заразено, учителката, и слично. Тоа се работи кои сакале или не влијаат на детето.

Ако ние како возрасни подолго време седејќи дома се чувствуваме изолирани, истото се случува и кај децата, од причина што тие не се во можност да ја трошат нивната енергија, немаат повеќе другарувања, не излегуваат, се применува друг тип на настава, а сето тоа доведува до стрес. На повеќето вебинари кои се спроведуваат, се повеќе се зборува за стресот, кој индиректно се чувствува кај децата, со создавање на една друга структура во развојот на нивното однесување.

Нема достапен опис

Приказна: Како да го препознаеме? Кои симптоми ни укажуваат дека децата се под стрес?

Софијанова: Детето е научено да биде технолошки зависно и пред пандемијата. Но сега, тотално ги вклучи во еден затворен систем, во кој се гледаме, не комуницираме, енергијата и емоцијата ја споделуваме технички, често сме само дома и детето не ја изнесува таа енергија.

Стресните ситуации детето ги манифестира преку одбивањето нешто да направи, бидејќи сака едноставно да излезе и да се дружи, да отиде до блискиот ресторан и да купи нешто со своите другарчиња, да споделат симпатии, и сето тоа е сведено на технолошко споделување, а за нашиот животен организам потребно е тоа да го прави на друг начин.

Седењето дома во една иста атмосфера, немањето физичка активност, произведува едно однесување кое психолозите и психијатрите го нарекуваат ковид однесување кај децата.

Приказна: Кои фактори можат да стимулираат позитивна стресна ситуација?

Софијанова: Стресот има и друга страна, понекогаш тој не поттикнува за некои работи. Желбата да ослободиме од сето она што го предизвикува стресот е огромна, и затоа треба навистина да ги најдеме правите начини, и како политика што треба да се води во државата, да не се заборават децата, дека не е само инфектот тој којшто е проблематичен, туку и однесувањето на децата.

Кризата ќе помине, запознавањето на природата, движењето надвор и физичкото учество во секојдневието сепак е здравје. Се’ друго е повеќе или помалку адаптација. Нивната адаптација ќе биде во иднина да ја користат што е можно повеќе природата.

Документарен магазин Приказна посветен на стресот кај децата

Приказна: Дали можеби треба педагозите проактивно да разговараат со децата до 5-то одделение, па дури и оние кои веќе поминуваат во фаза на пубертет, бидејќи честопати имаме ситуации кога им заминуваат родителите буквално преку ноќ?

Софијанова: Педагозите, училиштето и оние кои се грижат за менталното здравје имаат исклучителна голема улога. Сега психолозите се исклучително важни и со таквите дечиња мора да работат бидејќи тие не се свесни што се случило, а начинот на разбирање не е кај сите подеднаков.

Кај едни може да појави голема тага, кај други одреден револт, бидејќи не може да објасни зошто на неговите родители им се случило тоа, додека пак други не можат да го сфатат тоа така лесно, бидејќи се сепак деца, и за нив сето тоа е горчина која понатаму доведува до одредени фрустративни проблеми, кои понатаму раѓаат комплетно други состојби. Ако не се работи на фрустрацијата, без разлика дали ќе биде преку родителите или преку педагозите, може да доведе понатаму до одредени девијантни форми на однесување.

Улогата на педијатрите не е само да лекуваат, туку и да спречат, не само болест туку и ментална болест на која многу често забораваме. Односот што треба да го имаме со детето ќе биде и трајна приказна за неговото понатамошно комплетно однесување во иднина.

Приказна: Дали стресот може да предизвика здравствени последици кај децата?

Софијанова: Стресот може да провоцира одредени автоимуни болести коишто ги носиме ние во својот геном. Ние забораваме дека педијатријата, особено во нашите сегментите кои ја сочинуваат педијатријата, влегува и генетиката. Таа сега е многу важна, затоа што на тој начин е откриен вирусот и неговите форми на деформирање што ги има, ги гледаме варијациите коишто доаѓаат, кои пак се дел токму од таа генетика која ја носиме сите ние.

Сите различно реагираме на вирусот, што впрочем се виде, некој полесно поминува, некој потешко, некој никако, друг пак ексклузивно брзо. Стресот ги поттикнува оние кои имаат одредена генетика, којашто, на база на она што се ослободува во текот на тој стрес, односно одредени супстанции, кои знаат да направат нарушувања во самиот геном, можат да откочат систем на болести, кои можат да бидат нешто што можеме да го спречиме. Тоа е причината поради која секогаш се поставува прашањето: „Дали некој е болен во фамилијата?“ Детето е рефлексија на своите родители, на бабите, дедовците, и на генетиката што ја носи од своите предци. Откочувањето на нешто во таа генетика која може да биде покриена, доколку нема стрес или нема вознемирување, сигурно нема да дојде до нарушување. Но, овој тип на стресови, како што сега ни се случуваат, може да откочат токму такви генетски моменти коишто можат да доведат до посериозни, вистински болести и клинички состојби, кои ги знаеме и гледаме во секојдневието. Ние сме опкружени со детски дијабет, на неделна основа. Тоа е нешто што претходно не сме го гледале толку често.

За Приказна

Вики Чадиковска

Текстовите, фотографиите и останатите материјали што ги објавува Приказна.мк се авторски. Крадењето авторски содржини е казниво со закон. Бесплатно преземање е дозволено само на 20 отсто од содржината со задолжително цитирање на медиумот и хиперлинк до оригиналната содржина на Приказна.мк.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

СЛЕДЕТЕ нѐ на

3,651FansLike
1,466FollowersFollow
spot_img

НАЈНОВИ