8.8 C
Skopje
Tuesday, March 19, 2024
spot_img

Роза Биркановиќ: Ногата ми скапува, а немам пари ни за ампутација!

Роза останала вдовица на 45 години. Сама со 13 годишната Маријана и 10 годишната Тања, се борела да ги израсне. По смртта на сопругот, зетот од золвата ги брка на улица, па тие се снаоѓаат живеејќи под кирии, сè додека не соберат храброст да се вратат назад во својот дом, кој каков и да е, сепак е покрив над глава. Тешкиот живот почнува. Роза работела по ниви, само да ги прехрани девојчињата. Немала средства ниту да ги образува. Подоцна и тие работат по бавчите, за да и помогнат на мајката. Но, убав живот никогаш нема да доживеат.

– Сопругот почина и ме остави сама со две деца. Зет ми и золва ми ме избркаа од куќата и јас со двете деца бев на улица. Работев по ниви, се мачев, ама се мачеа и девојчињата-започнува да ја раскажува својата тешка животна приказна Роза.

До пред три години и Роза била работоспособна. Сè додека нозете сосема не и откажат послушност. Последните години направила над десет операции, но, без резултат. Болките само се зголемуваат, а, нејзиниот оптимизам дека ќе биде добро, се намалува. Минатата зима била и во приватна болница, каде останала должна 180.000 денари. Парите се тие кои ја спречуваат да го реши нејзиниот здравствен проблем, затоа што на државните клиники не се осмелуваат да и ја отстранат ногата.

Оваа жена последните години само плаче и се бори со болката. Чинам, и храна да нема секој ден, нема да се жали, само да не чувствува дека некој како со клешти да и ја кине ногата. И, покрај ваквиот живот, освен што преживува таа, преживува и нејзината 28 годишна ќерка, која веќе не знае што да прави со мајка и. Живеат само со 5000 денари. Дополнителен приход е само ако некој ден Тања подработи на некоја нива.

– Дење и ноќе чувствувам само болка. Постојано од ногата која ми скапува. Чувствувам како некој со клешти да ми ја корне. Од болки не спијам, не јадам, не живеам. На доктор не ми наоѓаат решение. Ме праќаат по приватни клиники, чии цени не можам да си ги дозволам. Еве, пред Нова година ме испратија во Скопје во приватна клиника, требаше да платам 3000 евра, но, од каде да платам кога живеам со 5000 денари. Ќерка ми собра некако 300 евра и ме пуштија. И здравјето зависи од тоа дали имаш или немаш пари-вели Роза.

– Од 12 години имам шеќерна болест. Последните три години поради влошување на состојбата, ми направија над десет операции. Понекогаш паѓам на улица во кома. Од тој стрес и девојчињата ми се разболеа. Тешко и сиромашно живеам. Што ќе најде ќерка ми по пат, тоа гориме во зима. Со денови не јадеме за да имам за лекови. Ми ја укинаа и социјалната помош, не знам зашто. Верувајте и куќата ми е пред распаѓање. Нека падне сè, ама оваа болка повеќе не се трпи. Само да ме излечи Господ и народот да ми помогне да не ме боли ногата, ништо друго не сакам. За мене среќен ден е ден без болки-завршува Роза.

Доколку сакате да и помогнете на Роза, тоа може да го направите на нејзиниот телефонски број

077/607107 или на следната жиро-сметка 500600019381955

Автор

Оливера Петрушевска

Текстовите, фотографиите и останатите материјали што ги објавува Приказна.мк се авторски. Крадењето авторски содржини е казниво со закон. Бесплатно преземање е дозволено само на 20 отсто од содржината со задолжително цитирање на медиумот и хиперлинк до оригиналната содржина на Приказна.мк.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

СЛЕДЕТЕ нѐ на

5,078FansLike
2,005FollowersFollow
spot_img

НАЈНОВИ