4.8 C
Skopje
Wednesday, November 30, 2022
spot_img

Петар Георгиевски: „Оган под ѕвездите“ е несудена емотивна химна на нашата држава

На 11 мај, групата Меморија ќе одржи концертот, кој е замислен како концертна матурска рокенрол забава на генерациите. Заради најавата за невреме и исклучително лоши временски услови на територијата на Скопје в сабота, 11 јуни 2022 година, закажаниот концерт под отворено небо на групата „Меморија“, од стадионот на АРМ во Градскиот парк, е префрлен во спортската сала А1 Арена – „Борис Трајковски“. Фронтменот на бендот е исклучително инспиративен со многу приказни зад себе. Петар Георгиевски е дипломиран актер на Факултетот за драмски уметности, а покрај оваа диплома, има уште една, од завршен факултет на Психологија. Во Приказна дојде со неговата убава енергија, да сподели многу негови приказни, поврзани со неговото убаво хоби, трчањето.

Приказна: Дали сметате дека трчањето е животен предизвик, но во исто време и животна приказна?

Петар: Трчањето во нашите мозочни келии создава два хормона, серотонин и ендорфин. Тоа се хормони на среќата и радоста, и затоа во одреден момент ние трчаме се повеќе и повеќе, бидејќи стануваме зависни од таа хормонска доза која треба да ја примиме, во некој дел од денот, зависи од тоа кој како се распоредил. Тоа има добри, но и лоши страни, бидејќи не штедејќи го телото за да добиеме таква доза од серотонин и ендорфин, понекогаш правиме и сопствени повреди на телото, па после тоа, кога ќе паузираме, ни паѓа многу тешко.

Приказна: Кој беше предизвикот кој ве мотивираше да трчате?

Перо: Мојата приказна за трчањето е малку чудна, како и сè во мојот живот. Јас никогаш не сум сакал да трчам должини. Бидејќи сум бил атлетичар, сум бил спортист во повеќе дисциплини, без разлика дали е џиуџицу, борење, џудо, кикбокс итн. Сè требало да се реши во 3 рунди од по 2 минути или во трчањето, сум трчал 100-200 м најдолго, и кога бил тренинг за должина во Работнички, каде што и тренирав, скоро никогаш не одев на тој тренинг, бидејќи ми беше досадно. Трчавме од градскиот стадион до Зајчев рид, а јас одев со велосипед, глумејќи дека ме боли коленото за должина, и поради тоа не станав успешен атлетичар.

Подоцна се докажа дека должината е кралица на сите спортови. Но, на 50 години почнав со трчање, и направив 99 трки од кои дел се маратони, дел полумаратон и планински трки.

Приказна: Дали за трчањето треба некоја посебна подготовка во поглед на исхрана, консултација со стручно лице, кое може да ве насочи колку да тренирате, каква треба да биде опремата и сл.?

Перо: Јас мислам секој што ќе посака да трча треба да трча, затоа што е тоа лична определба. Во последно време трчањето стана многу модерно. Има разни клубови каде се споделуваат и разменуваат лични искуства за каква треба да биде опремата и поради тоа е многу полесно.

Пред 10 години кога почнав јас да трчам на Скопски маратон, ми се чини дека имаше вкупно 200-210 учесници, а сега бројката достигнува и до 3000-4000 учесници. Да не зборуваме за трките до 5 км, каде бројката е помасовна и достигнува до 10.000-15.000 луѓе кои трчаат во Скопје. Секој што ќе се осмели да го помине прагот на комфорна зона, прави многу добро за себе, но треба да биде одмерен во сè што се прави. Секој гледа, секој ден да е подобар. Но без пауза, сето тоа е невозможно.

Приказна: Трчањето поттикнува и еден социјален момент којшто ги спојува сите што трчаат. Колку ова е за важно, за Вас?

Перо: Тоа е во суштина најдобриот дел од оваа приказна. Јас стекнав стотина нови пријатели и другарства. Патувајќи низ светот осознаваме многу нови средини, нови луѓе кои имаат поинаков животен стил. Личното искуство кај нас, во Македонија е дека се создаде една критична маса за патување по светот. Одморите на плажа ги заменив со тркачки патувања.

Документарен магазин Приказна на тема физичка активност

Приказна: Која песна од „Меморија“ е најчесто мотив за поголеми предизвици во поглед на спортскиот резултат на трчањето?

Перо: Кога ќе прашате татко на многудетно семејство, кое дете ти е најпаметно, ќе одговори сите деца се паметни. Но, времето покажа дека „Оган под ѕвездите“ е некаква несудена емотивна химна на нашата држава, додека „Дирлада“ е несудена свадбарска песна. Во тоа многудетно семејство, да биде толку големо, учествуваа сите членови од „Меморија“ а без нив ова не би било така успешно.

Во сабота во спортската сала А1 Арена – „Борис Трајковски“ се гледаме на концерт, да ги споделиме сите убави и емотивни музички приказни со кои Меморија не разгалува со години.

За Приказна,

Вики Чадиковска

Текстовите, фотографиите и останатите материјали што ги објавува Приказна.мк се авторски. Крадењето авторски содржини е казниво со закон. Бесплатно преземање е дозволено само на 20 отсто од содржината со задолжително цитирање на медиумот и хиперлинк до оригиналната содржина на Приказна.мк.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

СЛЕДЕТЕ нѐ на

3,818FansLike
1,514FollowersFollow
spot_img

НАЈНОВИ