-2.2 C
Skopje
Monday, February 6, 2023
spot_img

м-р Стојанче Костов: Приказната за македонските ора, не треба да се заборави

За важноста на традиционалните танци, разговаравме со м-р Стојанче Костов, асистент истражувач на народните ора

Има една позната изрека, според која ние Македонците и пееме и танцуваме прекрасно. Колку народните ора се значајни за негување на традицијата и културата на секоја земја?

Костов Да, тоа е позната изрека, ако поминувате во Македонија немој ни да играш ни да пееш затоа што ќе те надиграат и натпеат. Тоа е навистина така затоа што македонскиот народ низ годините создавал специфични мелодии и ритми, па затоа и сме најпознати на Балканот по народните ора и песни. Секако дека овие народни ора, а и воопшто традиционалната култура не треба да се заборават, туку треба постојано да се негуваат и да им се посвети доволно внимание.

Како млад човек можам да кажам, дека низ сите овие години, со многу љубов го работам ова што го работам. Сум поминал и во аматерски ансамбли и во Танец. Мислам дека треба на младите поблиску да им се донесе, и да се најдат поприфатливи форми, да им се пренесе што значи тоа народна култура, ора, затоа што во последните години имаме некоја тенденција од помладата популација, кога ќе спомнете фолклор или народни ора и песни, некако со резерва го прифаќаат. Генерално, тој пристап и тој однос можеме да го промениме.

Колку е неопходно во образовните политики да се внесе едукација за традиционалните танци?

Костов Кога сме кај образованието, мора да напоменам дека од 2001 година е формиран оддел за традиционална музика и игра во средното музичко училиште Илија Николовски Луј, тоа е државно музичко балетски училиштен центар, каде што веќе 21 година се изучува традиционалната музика и игра.

Јас сум хонорарен професор веќе 10 години и предавам народни ора и пеење. Исто така и во состав на високото образование, во 2007 година се отвори оддел за етнокореологија, оддел за проучување на народната игра. Можам да кажам дека се направи голем чекор за изучување и негување на целата традиционална култура. Освен на македонскиот народ, делумно се изучуваат културите на останатите народи кои живеат тука.

Преку едукација во средното образование, младите луѓе имаат прилика да се запознаат со сите овие сегменти на традиционалната култура, затоа што имаме посебни предмети. Имаме предмет народни ора, народно пеење кое е индивидуална настава. Секој професор си има ученик, буквално индивидуално да му ги пренесе знаењата. Имаме програма која ги прифаќа сите подрачја во Македонија. Има перспектива, за разлика од тоа што било претходно. Нашата фела, од година во година, има прогрес.

Како се создавале народните ора? На кој начин се граделе и менувале?

Костов Во минатото, народните ора и игра имале за цел да ги собира луѓето. Порано, секоја недела се одело на собор и се играло. Тој собор, може да го гледаме и од социјален контекст.

Ако денес тоа ни се забави, журки, порано тоа било поразлично. Секогаш кога оделе на оро, се облекувале во најубавата носија. Тука ергените се истакнувале во однос на играњето. Во минатото не смеело ерген да не знае да игра, затоа што нема да може да се ожени. Тоа било буквално собор за бендисување на младите. До Втората светска војна, бил застапен строго патријархалниот начин на изведба на самите ора, каде што мажите играле на една страна, во еден дел од орото, жените играле на друг дел. Во минатото било срамно ако девојка се фати до некое момче. Тоа значело дека е ветена за него, и нема бегање. Ората не се само да се игра и искаже задоволството, има и подлабоки нешта кои се истражуваат.

Зошто е важно Тешкото?

Костов Тешкото е едно од најпознатите македонски ора. Сè уште се изведува во некоја посовремена форма, на свадби во Галичник.

Тешкото претставува културен белег на Македонија. Тоа на некој начин е создадено во пределите од мијачијата, Галичник, Лазарополе, Гари итн. Претставува израз на самиот народ што живеел таму. Преку тешкото движење и играње, клекнувања, сето тоа е градација на едно оро, кое почнува бавно и завршува во еден побрз ритам и доаѓа до екстаза кај игроорците.

Ако ја погледнеме поезијата на Блаже Конески, тој ја пренесува врската помеѓу орото и тешкиот живот на Македонците. Но, тоа е повеќе негово гледање. Ние етнокореолозите гледаме да најдеме различен начин на интерпретација, затоа што луѓето во минатото играле, затоа што им било мерак да играат. Па, така Тешко, се вели затоа што има многу тешки движења.

Од почетокот на 19 век, досега нормално е дека ќе има промени. Луѓето кои живееле во тие краишта, се враќаат за Петровден, бидејќи Тешкото е препознатливо по тој празник, печалбарите се враќаат од печалба за да го одиграат орото, да направат свадби и повторно заминуваат на печалба. Тешкото, како танц, како оро, ќе остане еден бренд на Македонците и воопшто како едно од култните народни ора.

Документарен магазин Приказна

Медиумите се важни за продолжување на животот на народните ора. Зошто социјалните мрежи не се користат малку повеќе за проширување на знаењето за народните ора на нашата земја? Особено затоа што преку нив може да комуницирате со младите луѓе.

Костов Овие социјални медиуми, се достапни на младата генерација. Јас можам да кажам од мое искуство, со учениците од средното музичко училиште, голем дел од нив, секогаш кога настапуваат и кога одат на турнеја, тие не можат да престанат да се сликаат и снимаат. И тоа секогаш го објавуваат на социјалните мрежи. Меѓутоа, тоа е би нагласил е лична перспектива на самите ученици коишто имаат потреба тоа да го истакнат, да кажат дека не се срамат од тоа. Сакаат да носат носија, да играат, да настапуваат.

Во однос на медиумите како институционално да се покрива, имаме примери каде што се снимаат одредени кратки репортажи за млади луѓе кои изработуваат инструменти, коишто ткаат, везат, меѓутоа генерално ако се земе, колку е застапена културата, странската музика, можам да кажам во споредба со нашата, е многу мал процент. Но, тоа е затоа што луѓето кај нас многу повеќе би прифатиле нешто што им се сервира од надвор, отколку тоа што ние го имаме како наше.

Како да ги промениме работите заедно? Како да се зголеми интересот за традиционалните танц?

Костов Во иднина мислам дека со поголема промоција и со поголемо внимание, со снимање на документарни филмови, многу повеќе гостувања на лицата од фелата која се занимава со традиционална игра и култура, може да се доближи повеќе до младите и да се популаризира.

Ние како училиште и како Институт за фолклор, се трудиме преку записи, трудови, истражувања да пробаме да допреме до помладите генерации, да осознаат што значи да се игра и што значат народните ора.

Зошто Танец е исклучително важен, практично е своевидна институција за традиционалните танци?

Костов Да, институција е затоа што знаеме дека е формиран 1949 година и Танец е единствениот професионален ансамбл за народни игри и песни кај нас. Ние немаме друг професионален ансамбл.

Веќе 70 години ансамблот функционира така што на некој начин професионално ќе ги обработи, ќе ги донесе на сцена оние ора кои некогаш во минатото биле подзаборавени. Во првите 10 години повеќе биле презентирани ора коишто биле повеќе достапни на терен, во 60-те години имаме неколку генерации на кореографи коишто успеваат на страна и во поголемите центри како Белград, Загреб, Софија па дури и Москва да се школуваат во однос на стилизирана кореографија. Танец е бренд од коишто најголем дел од КУД учат. Секогаш кога во Танец ќе се постави одредена кореографија, голем дел од КУД Танец го земаат како репер, и во однос на носија, инструментариум, народните ора.

Вики Чадиковска

Текстовите, фотографиите и останатите материјали што ги објавува Приказна.мк се авторски. Крадењето авторски содржини е казниво со закон. Бесплатно преземање е дозволено само на 20 отсто од содржината со задолжително цитирање на медиумот и хиперлинк до оригиналната содржина на Приказна.мк.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

СЛЕДЕТЕ нѐ на

3,896FansLike
1,528FollowersFollow
spot_img

НАЈНОВИ