15.8 C
Skopje
Friday, September 30, 2022
spot_img

Испитите ги полагав со мојата мајка – таа ми ги читаше предметите, а јас ја слушав!

Градоначалникот на Велес за своето лично искуство со дислексијата.

Дискриминацијата по кој било основ, вклучително и кон лицата со дислексија е широко присутна во нашето општество. Психичкиот момент е многу важен, бидејќи за жал дискриминацијата е на многу високо ниво и често сум бил мета на навреди и потсмев што придонесува за затворање и губење желба за одење на училиште. Додека соучениците ме исмеваа, наставниците ме тераа уште повеќе да читам, мислејќи дека со тоа ми помагаат да го совладам читањето- раскажува за Приказна, градоначалникот на општина Велес за своето лично искуство со дислексија.

Приказна Како и кога откривте дека имате дислексија?

Колев Целиот живот се соочував со тешкотии во читањето, за кои немав објаснување. Ниту јас, ниту семејството, ниту стручните служби од училиштето коишто работеа со мене. Подоцна одев и на испитување на очите и главата, но безуспешно, сè додека во еден неформален разговор со моја пријателка не го слушнав терминот дислексија. Ја распрашав подетално за што се работи и ги препознав моите симптоми. Ме упати во „Ајнштајн“, здружение специјализирано за работа со лица со дислексија каде за кратко време отидов и ми го потврдија токму тоа – јас имам дислексија. На 35 годишна возраст за прв пат дознав што е она со кое живеам целиот живот и ме мачи уште од прво одделение.

Приказна Дали се соочувавте со потешкоти во поглед на вашето образование? Колку вашите наставници, професори, знаеја и можеа да ја препознаат вашата состојба?

Колев Да, секако дека имав тешкотии во текот на целото образование, почнувајќи од основно, средно па подоцна и на факултет. Иако често стручните служби во училиштето работеа со мене, проблемот со читање го препишуваа на моето подолго отсуство од училиште на почетокот на прво одделение поради жолтица, или пак на фактот дека одев на училиште со една генерација постари од мене.

Препреките беа во однос на совладување на материјата, но и на дискриминација и навреди од страна на соучениците, нешто што за жал и денес е многу присутно кај нас. Најголем проблем претставува предметот по македонски јазик, каде што наместо да бидеме заштитени од наставниците, бевме мотивирани уште повеќе да читаме, што дополнително придонесуваше за продлабочување на тој психички момент.

Секогаш кога имало приредби или настани каде што треба да се чита текст, да се научи песна, секогаш се тргав на страна и ги избегнував за да избегнам реакции како на часовите. Проблемот продолжи и во средно училиште, кога поради временското ограничување, не успеав да го положам приемниот испит, онаму каде што сакав да се запишам.

Приказна Како реагираа вашите родители? Дали тие препознаа дека имате дислексија? Како ви помагаа?

Колев Моите родители од првиот момент знаеја за тешкотиите, дополнително затоа што и татко ми ја има истата состојба. Но, ниту тие не знаеле дека се работи за дислексија. Поддршката од семејството е неизбежна во вакви ситуации, посебно за пребродување на оној психички момент кога се соочуваме со навреди од околината. Она што до скоро не се знаеше за мене, е дека за време на студиите на природно – математичкиот факултет, дел од испитите ги положив со мојата мајка – таа ми ги читаше предметите, а јас ја слушав.

Приказна Како нашето општество реагира кон лицата со дислексија? Дали се стигматизирани и дискриминирани, па дури и навредувани дека недоволно се трудат, што не е точно?

Колев Дискриминацијата по кој било основ, вклучително и кон лицата со дислексија е широко присутна во нашето општество. Психичкиот момент е многу важен, бидејќи за жал дискриминацијата е на многу високо ниво и често сум бил мета на навреди и потсмев што придонесува за затворање и губење желба за одење на училиште. Додека соучениците ме исмеваа, наставниците ме тераа уште повеќе да читам, мислејќи дека со тоа ми помагаат да го совладам читањето.

Неретко не сме свесни, колкава е тежината на зборовите кои ги изговараме и колку тие можат да одбележат нечиј живот. Посебно во оние критични, тинејџерски години, кога се формираме како личности и кога сите позитивни или негативни реакции од средината можат да ни го трасираат патот за понатаму.

Иницијатива на Општина Велес за обука на наставниците и стручните служби во училиштата за дислексија

Приказна Вашето искуство го користите како инспирација да помогнете во подигање на свесноста за дислексија. Во вашата општина веќе има проекти. Што опфаќаат тие?

Колев За оваа тема во Македонија зборуваме од пред само 5 години, а според статистиките од 10 до 15% од населението се соочува со дислексија. Она што навистина недостига е посериозен ангажман од страна на државата.

Како лице со дислексија кое знае што значи потребата од обучен кадар, сметав дека како носител на функцијата градоначалник навистина можам да придонесам за чекор напред во ова поле каде што раната детекција и навремениот пристап е од клучно значење. Токму затоа иницијативата за обука на наставниците и стручните служби во училиштата, беше на Општина Велес.

Иницијатива на Општина Велес за обука на наставниците и стручните служби во училиштата за дислексија

Покрај оваа обука, во соработка со Здружението за дислексија Ајнштајн во наредниот период за сите наставници, родители и заинтересирани лица од Општина Велес ќе биде достапен и бесплатен курс кој ќе придонесе за уште поголема едукација и подигнување на свеста.

Иницијатива на Општина Велес за обука на наставниците и стручните служби во училиштата за дислексија

Приказна Која е вашата порака до наставниците, родителите, но и до лицата со дислексија?

Колев Задача на секој од нас е да тргнеме од себе, да се водиме по начелото дека не треба на другите да им го правиме она што не сакаме да ни го прават нас.

Неопходно е подигнување на свеста, но и преземање на конкретни чекори со реформи во образование, законски измени и едукација пред сè на стручните кадри, но и на сите останати. Полето за промени е широко, само треба да имаме волја за вистински да се заложиме.

Мојата порака до сите кои се соочуваат со дислексија или која било друга слична состојба е да не се откажуваат, истата да не им биде пречка, туку напротив, да им биде мотив за успех и личен напредок. Да ги откријат своите предности и силни страни кои ќе ги водат напред да ги надминат препреките и да ги остварат своите соништа.

За Приказна

Вики Чадиковска

Текстовите, фотографиите и останатите материјали што ги објавува Приказна.мк се авторски. Крадењето авторски содржини е казниво со закон. Бесплатно преземање е дозволено само на 20 отсто од содржината со задолжително цитирање на медиумот и хиперлинк до оригиналната содржина на Приказна.мк.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

СЛЕДЕТЕ нѐ на

3,649FansLike
1,467FollowersFollow
spot_img

НАЈНОВИ