Дома Инспирација Крик на Јасмина Петровска: Куќа може да урне врз деца со попреченост!

Крик на Јасмина Петровска: Куќа може да урне врз деца со попреченост!

Јасмина Петровска има само четириесет и шест години, но и многу мачен живот. Пропадната, истрошена, несреќна и разочарана, оваа тажна мајка не знае дали повеќе да се плаши од болестите на нејзините деца или од стариот дом кој надвиснал врз нив. Чиниш и тој го оплакува нивниот страден живот. Тешко ги минуваат деновите. Но, уште потешко ноќите. Тогаш е најтешко. Стуткани сите во два искршени кревети, се дотоплуваат со шишиња топла вода за да не премрзнат до утрото. Но, и така, Јасмина, око не може да склопи, го чува сонот на најмилите и ги пази во случај нешто да се руши, да ги разбуди, за да не и ги поклопи децата.

Јасмина пред дваесетина години, можеби не сонувала за раскошен, но, сонувала за мирен и стабилен живот. За жал, живот ќе и зададе тешки удари уште додека е многу млада. Можеби ќе и ја испрати љубовта на животот, но, ќе и ја одземе среќата да се радува на здрава рожба. Можеби ќе и дарува семејство, но, нема да ја научи како да преживее кога сите во домот се болни освен неа. Домот во кој живее е толку стар и дотраен, што ја прелева чашата преполна грижи, зашто им се заканува во секој момент да ги затрупа и да ги убие.

– Ме боли за сите три деца. Исто како прстите од раката. Ме боли што се осудени на ваков живот. Сите тројца ми се родија со попреченост. Ивица се роди како здраво дете, но, до една година што му се случи, не знам. Денес, ниту зборува, ниту е способен сам да се грижи за себе. Другите деца ми се со полесна попреченост. Барем се движат и колку толку разбираат-вака започнува да ја раскажува својата несреќна судбина оваа напатена мајка за емисијата „Срце на дланка“.

Во страдањата се појавуваат најсилните души. И, можеби токму суровиот живот ќе ја направи силна оваа жена, која би дала сè за своите деца, но, за жал, не може она основното, соодветен дом и грижа. Веројатно во дел од нивната здравствена и ментална состојба, прсти замешала сиромаштијата. Немала како да ги лекува и образува. И, тука се јавува апсурдот. Јасмина е силна за себе, но, немоќна е да ги заштити децата на кои им се заканува да бидат затрупани од ѕидовите, кои им се единствен сведок на нивното тешко секојдневие

– Спиеме сите четворица во една соба. Јас со едниот син, другите двајца на другиот кревет. Сопругот легнува во другата соба, ама, толку е ладно, што морам да му ставам топли шишиња со вода во креветот за да не замрзне. Едвај купив кубик-два дрва. И, тие се при крај. Кога ќе ја поминеме зимава, еден Господ знае-тажно раскажува Јасмина, за нивното секојдневие.

Кај што е најтенко, токму таму се кине-ќе кажат возрасните. За да биде уште потрагичен животот на Јасмина, таа пред две години добива инсулинска кома и едвај преживеала, како да сакал Бог сè уште да има кој да се грижи за овие невини деца, но, не дал среќа на сопругот на Јасмина кој поради сериозна болест денес е инвалид, неспособен за каква било работа.

– Пред две години, од стрес паднав во кома. Не можев повеќе да издржам. Фала му на Господ, докторите ме спасиле, инаку што ќе беше со овие деца не знам. Се плашам за нив и денес. Во секој момент овие дотрајани тавани може да се срушат и да ги поклопат. Тоа нема да можам да си го простам. Толку се трудам за да им го олеснам животот. Целиот живот сум жртва. Малку посилен дожд или снег, ќе го направат тоа од кое најмногу се плашам-потиснувајќи ги солзите во себе, го кажува најголемиот страв оваа напатена мајка.

– Имав една крава и едно теле. Од нив ги хранев децата, бидејќи живееме со една нега и инвалидска пензија од сопругот која е многу мала. Мислев со парите од кравата, ќе купам цигли и ќе почнеме да градиме. Но, не сме моќни. Моравме да побараме помош од народот. Не барам многу,само две соби и тоалет. Зашто не можам децата да ги кревам и да ги бањам во корито. И јас веќе стареам. Целиот живот живеам со тежина. Две соби ќе ми ја вратат вербата во животот. Тие за мене ќе бидат палата. Ќе направам,прашинка да не падне во нив. Куќата ќе ми грее. Ќе ми грее и во душата-со надеж и веќе подотворени очи, чиниш веќе ги гледа изградени собите пред себе, зборува Јасмина.

Се вели „Силните луѓе не се оние кои никогаш не плачат. Силни се оние кои плачат, ги бришат солзите и продолжуваат да се борат. Многупати досега Јасмина можела да се откаже. Тешко е за жена да трпи ваков товар и немаштија и покрај внатрешната сила која и извира и самата не знаејќи од каде. Но, сепак и таа и семејството веруваат во надежта и во светлиот ден кој еден ден ќе светне и над нивните глави.

Сите што сакате да му помогнете на ова несреќно семејство, тоа можете да го направите на следниот телефонски број 077/690349 или на следната жиро-сметка: 300027056380756 Комерцијална Банка

Автор Оливера Петрушевска

Exit mobile version