26.8 C
Skopje
Saturday, April 13, 2024
spot_img

Ирена Лозана: Само среќни родители, можат да бидат инспиративен пример за своите деца

Ирена е мајка на три деца, но и жилав борец за правата на лицата со попреченост. Животните искушенија, желбата да се справи со анксиозноста и паничните напади, ја поттикнуваат да направи нешто за себе, сметајќи дека на тој начин ќе може да ги инспирира и своите најблиски. Влегува во светот на јогата, и денес е јога инструктор за деца со аутистичен спектар.

Што е јогата, што не е јогата и кои се придобивките за оние кои ја практикуваат?

Ирена Лозана Огромен е бројот на луѓето кои имаат погрешно мислење што е јога. Јогата не е одење некаде само за да се прошетаме, не е да се врзуваме во јазол и да правиме вежби кои изгледаат страшно на околу. Таа не е нешто кое нè поврзува со некоја религија и мора да правиме некакви работи кои се блиски до нас. Многу работи не се јога.

Јогата е една технологија којашто се грижи телото да се донесе во баланс, да се погрижи пред сè ’рбетниот столб да биде во баланс и сите други делови на себе.

Која е вашата приказна со јогата? Кога и зошто почнавте да практикувате?

Ирена Лозана Почнав да работам со јога кога јас имав потреба да менувам нешто во себе. Нашата медицина не се најде да помогне во тоа што ми беше предизвик со анксиозноста, паничните напади итн., се свртев кон јогата и за среќа си најдов добар одговор во тие практики и вежби кои ми ги даде оваа технологија.

Почнав да работам за јас да бидам подобра, да бидам подобар родител, подобар човек. Откако подлабоко навлегов во јогата, многу повеќе вежби научив, многу повеќе практики и повеќе почнав да ги работам. Навлегов со учење, со енциклопедии, со курсеви затоа што навистина сакав да видам која е длабочината на оваа технологија и што се може да направи за мене.

По некое време, откако во моето семејство се случи моето дете да е со аутизам, имаше однесувања коишто изгледаа многу страшно, кога без да знаеш што се случува со него ќе почне да се гребе, да се каса на рацете, се чувствував дека сум најнеуспешниот родител на светот. Не знаев зошто се случува ниту знаев како да му помогнам.

Кога веќе немаш избор, немаш каде да се свртиш, медицината ти вели „не знаеме што да правиме со сето ова“ јас решив. Ако мене ми помогнаа тие вежби за дишење, ако мене ми помогнаа тие вежби за фокусирано внимание, тогаш зошто да не се обидам и со него.

Почнав за него да го работам сето тоа. Сега почнав друга тура на истражување. Како со нив да работам и што може нив да им помогне, не само за децата со аутизам, туку и за сите лица со попреченост кои имаат проблем во говорот, разбирањето итн. Почнав со најосновната вежба како да дише, како да издише, како да застане и да се успокои. Немав цел кога тоа ќе се случи, немав идеја како тоа ќе се случи, само знаев дека сакам да го научам колку дишењето ја има силата и важноста во тоа како ќе се чувствуваме, како да излеземе од стрес и како да не бидеме повеќе во стрес. По неколку месеци секојдневно работење, тој научи тоа да го прави.

Како јогата им помага на децата со аутизам?

Ирена Лозана Јогата е технологија која на секое човечко битие може да му помогне. Она што го знаеме за аутизмот како состојба е дека тоа човечко битие е најчесто надвор од баланс, но не поради самиот аутизам како состојба, туку најчесто поради тие сензорни разлики коишто ги имаат и кои ги тераат да се чувствуваат многу стресно. Децата не знаат како да се справат и после одреден период почнуваат тие предизвикувачки однесувања да се појавуваат, дали е агресија или самоповредување, повлекување комплетно и сето тоа е проблем за нивното живеење.

Јогата како технологија дава многу алатки коишто можат да помогнат во сите тие аспекти. Досега сме виделе неколкупати, дека со вредно работење навистина има промени.

Кои се придобивките од јогата кај децата со аутизам?

Ирена Лозана Создадов визуелни картички кои се наменети за оваа работа. Кај нас и во околината немаме таква практика, но во светот може да се најдат неколку. Не само што ќе се подобри физичкото здравје, многу повеќе ќе се подобри менталната состојба и многу работиме на тоа како да ја зголемиме емоционалната интелигенција на децата, за да можат да почнат да работат и со своите емоции.

Очекуваното е да се намали агресијата, да почнат да се ослободуваат и во некои случаи говорот да почне да се појавува. Во секој случај да биде поспокојно дете кое ќе има повеќе капацитет да учи, како на училиште, така и оние секојдневни вештини кои треба да ги совладаат за да имаат понормален живот.

Дали пристапот што го применувате е индивидуален или сепак постои општа метода која се применува кај децата со аутизам?

Ирена Лозана Јогата може да се работи и во група, но може и поединечно. Разликата како и кај сите други активности и практики, кога се работи во група, се грижиме да бидат основните вежби кои се најважните и да можат сите да ги совладаат и да трае подолго.

Кога би се правеле јога вежби конкретно за едно дете како што имавме во короната, имаше многу позитивни аспекти, иако беше онлајн. За една година видовме толку многу промени кај децата, но беше насочено, поконкретно и пофокусирано. Родителите е важно да се вклучат во овој процес.

Која е улогата на родителите во работата на децата со аутизам и колку е важно родителот освен вас да работи на третман во домашна средина?

Ирена Лозана Родителите се главната алка на целата приказна, не само кај децата со аутизам туку и кај децата со попреченост. Аутизмот е најсложената состојба. Секој човек со аутизам е со поинакви карактеристики. Родителите треба да се целосно вклучени. Ние треба да разбереме дека и ние треба да се менуваме.

Децата треба да ги оставиме понастрана, да ги набљудуваме будно, да бидеме како детективи, за да може да ги откриеме сите работи кои им пречат. Важно е за родителите да откријат која е радоста, желбата на тоа дете. Тоа ќе ни даде еден темел, на кој ќе може да градиме сè што треба да направиме.

Ако ние откриеме која му е радоста. Тогаш ќе биде полесно да ги надминеме сите работи, и ќе може детето лесно да се вклучи во сите процеси. Родителите се тие кои ќе ги научат вежбите, пред сè за себе, а и понатаму тие се лицата кои ќе дадат убав пример за детето да види. Тие ќе ја знаат информацијата, зошто одредена вежба се прави.

Кога имаме предизвикувачко однесување, сигурно нема да се јават кај мене, туку ќе знаат самите која вежба или практика да ја применат, за да може детето да се смири.

Работите ли и со родители покрај работата со деца?

Ирена Лозана Да. На почетокот кога почнав да работам, на првиот час кога го организирав во првите 5 минути, јас сфатив дека тотално погрешна ми била идејата дека ќе работам само со деца. Точно знам како да работам со децата, сè беше прекрасно, но сфатив дека јас работам со родителите. Во изминатиот период работам процени во домот, процени каде што заедно со родителите и сите членови во семејството, посебно во семејствата има деца со аутизам, правиме процена до каде е состојбата, каква е комуникацијата помеѓу сите.

Продолжив да работам јога со цел на тие родители да им помогнам, затоа што не можат да влезат они во процесот на менување на целокупното семејство. Не може семејството да функцинонира, ако родителите пред сè не почнат да работат на себе. Важно е и родителите да работат на себе.

Документарен магазин Приказна

Знам колку мене ми беше тешко да најдам време и начини, за да дојдам до решение да се чувствувам подобро и да можам да дадам назад нешто од тоа што го собрав изминатите 10 години.

Секако, менталното здравје на родителите е многу важно. Тоа е и суштината за да се влезе во овој процес, додава Ирена за крај. Само среќни родители, можат да бидат инспиративен пример за своите деца.

Ване Маркоски

Текстовите, фотографиите и останатите материјали што ги објавува Приказна.мк се авторски. Крадењето авторски содржини е казниво со закон. Бесплатно преземање е дозволено само на 20 отсто од содржината со задолжително цитирање на медиумот и хиперлинк до оригиналната содржина на Приказна.мк.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

СЛЕДЕТЕ нѐ на

5,231FansLike
2,800FollowersFollow
spot_img

НАЈНОВИ