9.8 C
Skopje
Thursday, December 8, 2022
spot_img

Битката на самохраниот татко Даниел Ангеловски: Посакувам синот да го ослободам од прангите на сиромаштијата

Даниел има 37 години, но, многу маки и тешкотии преживеал сите овие години. Немал пари да заврши средно училиште. Многу мал почнува да работи тешка физичка работа за дете. Но, кога егзистенцијата е во прашање, целта ги оправдува средствата.

– Живеев сиромашно уште како дете. Немаштијата ме натера веднаш по завршување на основно училиште да се фатам за работа. Работам од мои тринаесет години-ја започнува својата приказна Даниел од Драгоманце.

Пред десет години Даниел се жени и создава семејство. Веројатно сиромаштијата и мачниот живот ќе ја принудат и неговата сопруга набрзо да си замине од неговиот дом. За жал од тешкиот живот најмногу ќе патат децата, Кристијан и Софија, зашто синот Кико останува во домот на таткото да тажи по мајката секојдневно, а малата Софија заминува со неа.

– Се оженив во 2012 година мислејќи дека сè ќе биде во ред. Ми се родија и две деца. Но, жена ми не можеше да издржи ваков живот и замина со ќерка ми Софија. Кристијан има девет години и живее со мене. Ако може ова да се нарече живот-вели Даниел.

– Тука сум со тато, ама ја сакам мама. Среќен сум само кога сум со неа. И татко ми ме чува добро. Ама многу е сиромашен и некогаш нема пари да ми купи овошно јогуртче и чајна-срамежливо раскажува малиот Кристијан.

Ова семејство од татко и син, живеат многу тешко. Со минимални средства од платата која веднаш ја одземаат извршители. Средствата од работата што ја работи Даниел не стигнуваат ниту за кредити, па, за да го прехрани синот тој мора постојано да работи приватно, а Кристијан цело време да седи сам дома. Но, затоа кога е дома,тој постојано му готви и не го остава детето гладно никогаш. Но, не го остава ниту кога има училишни обврски, па заедно учат и решаваат задачи.

– Кристијан ми е најважен. Тешко ми е што мора рано да излезам и по цел ден да работам дури и приватно, па не можам ни да го однесам, а ни да го земам од училиште. Многу е мал за сам да оди и да се враќа, па тука е брат ми кој многу ми помага. И, кога останувам без пари ми позајмува, па кога ќе земам некој денар, го враќам долгот. Нема потешко за родител кога ќе му побара дете, да нема да му купи. Еве, син ми постојано ми бара овошен јогурт и чајна, а немам да му купам. Во фрижидерот има само две паштети, еве погледнете-продолжува да раскажува Даниел за емисијата „Срце на дланка“.

Многу работи му фалат на ова семејство. Од мебел, облека, бела техника, до храна и средства за хигиена. Сиромаштијата не му дозволува на овој човек да купи ништо со кое детето би се радувало.

– Еве, скоро му е роденден, ама и оваа година ќе го прескокнеме славењето зашто прво, нема каде да ги поканиме дечињата, а и нема со што да ги послужиме. Кристијан не знае како изгледа прослава за роденден или празник. За нас секој ден е ист, со тага и немаштија-завршуваа Даниел.

Сите што сакате да му помогнете на ова семејство тоа може да го направите на следната жиро-сметка 270-7000314544.30 Халкбанк или на телефонскиот број 076/753456

Автор Оливера Петрушевска

Текстовите, фотографиите и останатите материјали што ги објавува Приказна.мк се авторски. Крадењето авторски содржини е казниво со закон. Бесплатно преземање е дозволено само на 20 отсто од содржината со задолжително цитирање на медиумот и хиперлинк до оригиналната содржина на Приказна.мк.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

СЛЕДЕТЕ нѐ на

3,820FansLike
1,515FollowersFollow
spot_img

НАЈНОВИ