Дома Став Интервју ИНТЕРВЈУ Бежоска: поголема вклученост на жените, подобра економија!

ИНТЕРВЈУ Бежоска: поголема вклученост на жените, подобра економија!

Кога зборуваме за родова еднаквост, не зборуваме само заради родова еднаквост и поправедна позиција на жената во општеството. Она што е многу поважно е дека поголемата вклученост на жената во општеството – носи бројни економски придобивки за целото општество. Ова не се само теоретски тези, напротив има и емпириски истражувања кои јасно укажуваат на тоа, вели во интервјуто за Приказна, гувернерката на НБРСМ, Анита Ангеловска-Бежоска.

 

Приказна Народната банка на нашата земја е убав пример доколку се анализира застапеноста на жените, особено во топ менаџментот. Каква е застапеноста во однос на секторите, дали е иста застапеноста на жените и на другите позиции во централната банка?

Ангеловска Бежоска Прво би кажала дека прашањето за родовата балансираност е многу актуелно кое добива сè поголемо значење во глобални рамки. Ова прашање во основа се реализира од три аспекти. Првиот аспект е вкупното учество на жените во бројот на вработените, понатаму, особено е значаен процентот на учество во одговорните структури на институцијата и третиот значаен аспект е разликите во примањата меѓу жените и мажите.

Јас навистина со големо задоволство можам да констатирам дека централната банка е добар, позитивен пример за родовата застапеност. Бројот на жените, од вкупниот број на вработени е близу 60 проценти, а она што е уште поважно, процентот е поголем ако се земе учеството во раководните структури. Таму бројката е близу до 70 отсто. Оваа констатација е релевантна на сите нивоа на раководство. Ние имаме оперативно, тактичко и стратешко раководство.

Во поглед на стратешкото раководство, би потенцирала, дека од тројца вице-гувернери, две се жени. Мојот предлог до Собранието, за нивен избор, не беше затоа што тие се жени, туку затоа што имаат соодветни квалификации, да можат да одговорат на такви исклучително одговорни позиции.

Овие состојби кај нас се отсликуваат и преку податоците за платите. Кај нас просечната плата во институцијата за жените е повисока за 5 проценти во однос на таа на мажите. Овој податок кај нас е различен ако споредиме со вкупните состојби на ниво на економијата. Кај нас на ниво на цела економија постои родов јаз во однос на примањата, односно платите на мажите се за 20 проценти поголеми во однос на жените. Од кој аспекти да погледнеме ние како институција сме навистина позитивен пример.

Во однос на индексот којшто го објавува британската тинк-тенк организација ОМФИФ, веќе 8 години по ред и ако се погледне кванитатативно оцената што ја имаме таму, сепак не ја говори целата приказна за поставеноста во Централната банка. Нашата оценка таму е околу 30, впрочем тоа е над просечната оценка во индексот и е иста со оценката на Европската централна банка, но суштински ако се погледне, разликата е многу голема. Зошто е тоа така?! Тоа е индекс за родова балансираност. Кај нас, учеството на жените е доминантно, а од друга страна истата оценка кај ЕЦБ е заради доминантното учество на мажите.

Состојбата во Европската централна банка е сосема поразлична, таму жените учествуваат само 30 проценти во вкупниот број на вработени и оттаму ЕЦБ презема голем број на мерки, вклучително има и таргети за зголемување на учеството на жените во банката и тоа на сите нивоа. Таргетот им е достигнување на 40-50% учество на жените до 2026 година.

 Гувернерката на Народната банка, д-р Анита Ангеловска-Бежоска во интервју за Приказна

Приказна: Ако се анализираат податоците, жените играат важна улога од аспект на родовата еднаквост во поглед на економијата. Важно ли е жените да бидат еднакви во поглед на економските параметри?

Ангеловска Бежоска Кога зборуваме за родова еднаквост, не зборуваме само заради родова еднаквост и поправедна позиција на жената во општеството. Она што е многу поважно е дека поголемата вклученост на жената во општеството – носи бројни економски придобивки за целото општество. Ова не се само теоретски тези, напротив има и емпириски истражувања кои јасно укажуваат на тоа. На пример, ако појдеме од тоа дека половина од популацијата се жени, а само половина од тие се вклучени во работната сила, тоа упатува на фактот дека ние имаме огромен потенцијал во глобални рамки, којшто не е ставен во функција на растот. Од друга страна, знаеме дека човечкиот потенцијал е еден од клучните фактори за долгорочен раст на секое општество и оттаму, ставањето во функција на овој потенцијал којшто сега не е искористен може да донесе бројни предности.

Секако, ставањето на женскиот потенцијал во функција, не е од аспект само на квантитетот, дека ни треба повеќе работна сила. Напротив, се смета дека жените се одликуваат со посебни карактерни особини како што се прагматичност, нетрпеливост кон ризик, поголема темелност и сè тоа тоа придонесува за една поконзистентна средина, дава една поинаква перспектива во процесот на одлучување и на крајот тоа доведува до носење на некои пооптимални одлуки во процесот на стратешко одлучување на институцијата. Оттаму, јасно е дека поголемото учество на жените носи поголеми придобивки за сите.

Во овој контекст може да ги споменам и истражувањата којшто се фокусираат на централнобанкарската заедница, којшто упатуваат дека поголемото учество на жените во телата за одлучување на монетарната политика значи и поголемо ниво на ценовна стабилност.

Приказна Сликата на централната банка е малку поразлична од сликата за деловните банки од овој аспект. Дали овој факт е точен?

Ангеловска Бежоска Точно е, за жал. Учеството на жените во раководните структури во деловните банки е значајно пониско. Ако кај нас во централната банка е близу до 70%, кај деловните банки тој процент е до 30. Тоа е јасно и преку податоците за учество во управните одбори, но и преку податоците за учеството во надзорните одбори, како највисоко управувачко тело. И во двата случаи, учеството на жените е само околу 30 проценти. Има и банки каде што жените воопшто не се застапени во управните одбори, тоа се пет банки, а има и две банки каде жените воопшто не се застапени во надзорните одбори.

Е, сега, дали оваа состојба кај нас дали значајно се разликува и со состојбата во меѓународни рамки во банкарската индустрија, во основа податоците на кои се реферирам се од ОМФИФ, бидејќи нема многу податоци преку кои конзистентно ќе се анализираат овие бројки. Самиот индекс покажува дека состојбата не е многу поразлична дури и во поразвиените економии.

Во просек, оцените се дека жените учествуваат во управните одбори со 23 проценти, а во надзорните одбори учествуваат околу 30 проценти. Она што изненадува е дека Европа изостанува значајно во овој дел, САД предводат во овој сегмент. Податоците упатуваат на тоа дека дефинитивно е потребно преземање на голем број активности и мерки за стимулирање на поголема вклученост на жените во овие одлучувачки тела.

 Гувернерката на Народната банка, д-р Анита Ангеловска-Бежоска во интервју за Приказна

Приказна Каква е состојбата со жените од аспект на корисници на банкарските услуги. Анализите велат дека жените често се соочуваат со отежнати околности за добивање кредити што на некој начин ги оневозможува да остварат некој кариерен напредок. Каков е вашиот став во поглед на искористувањето на можностите на жените од аспект на кориснички услуги на банкарството?

Ангеловска Бежоска Ова е многу релевантно прашање, бидејќи вклученоста на жените и можноста да имаат пристап до финансии, во голема мера влијае и на нивниот кариерен развој.

Во меѓународни рамки постои и посебна статистика на ММФ за пристап до финансии и оваа статистика покажува дека во глобални рамки во сите економии не е ист пристапот до финансии, помал е пристапот до финансии во помалку развиените економии и ако се гледа родовата структура – дефинитивно се гледа помал пристап на жените до финансиите. Овие генерални ставови и заклучоци се релевантни и за кај нас.

Вообичаено аспектите преку коишто се анализира пристапот до финансии се два, едниот е можноста за отворање на банкарски сметки и вториот е пристапот до кредити. Податоците кај нас покажуваат дека 80 проценти од мажите имаат банкарски сметки, а околу 70 проценти од жените, значи постои некој родов јаз. А во однос на пристапот до кредитите, слични се заклучоците ако се зема вкупниот број на кредитокорисници, според последните податоци на Централната банка – 45% од нив се жени, а 55% се мажи.

Доколку пак се земе вкупниот износ на кредити коишто ги користат жените и колку користат мажите, уште е полоша бројката, само 38 проценти од кредитите на население ги користат жените. Овие бројки укажуваат голема потреба од преземање на натамошни мерки.

Една од значајните активности за подигнување на пристапот до финансии е финансиската писменост и финансиската едукација. Ние бевме дел од еден проект на ОЕЦД, којшто правеше истражување во регионот на Југоисточна Европа за да видиме каква е финансиската писменост, имајќи го предвид и родовиот аспект.

Јасно е дека постои одредена дискрепанција во однос на финансиските познавања кај жените, особено од помалку доходовните сегменти во општеството и оттаму бидејќи сега сме ние во фаза на изготвување на првата Национална стратегија за финансиска писменост и финансиска инклузија, посебен акцент ќе ставиме на родовата структура и промовирање активности во оваа насока.

Емисијата Приказна за жени во банкарскиот сектор

Приказна Дали пандемијата го продлабочи јазот во секторот банкарство, како што се случи во многу сектори?

Ангеловска Бежоска Генерално се смета дека пандемијата неповолно се одразува на родовиот јаз. Причината за тоа е затоа што оваа пандемија е во вистинска смисла на зборот глобална, нема економија којашто не е погодена. Но, од друга страна сите сектори не се подеднакво погодени.

Статистиките покажуваат подоминантно учество на жените во оние сектори кои се повеќе погодени од пандемијата. На пример, кај нас ако ги земеме оние сектори коишто се најпогодени – таму работи една третина од вкупниот број на жени коишто работат, од друга страна пак, само 20 проценти од мажите коишто работат. Ова се гледа и низ податоците за активност на работна сила. Има разлики, минатата година, во услови на пандемија, дојде до намалување на стапката на активност на жените кај нас. Тоа се случи и во рамки на ЕУ, не сме ние исклучок, меѓутоа, кај нас што е тоа воочливо и различно од ЕУ е тоа дека дојде и до продлабочување и на родовиот јаз.

Јасно е дека се потребни повеќе политики и мерки, некои од институциите во меѓународни рамки воведуваат посебни програми, тука би потенцирала пофлексибилно работно време, работа од дома, програми за промовирање на лидерските вештини кај жените, зголемување на нивните предзнаења, мерки за детски додаток затоа што пандемијата направи промени во животот на сите нас.

Да споменам едно интересно истражување коешто кажува дека секоја четврта жена поради овој нов контекст, новите семејни обврски и новиот начин на живот, размислува да се откаже од својот кариерен развој или да ја напушти работата за да може да одговори на семејните обврски. Јасно дека на жената и е потребно да се растовари од товарот и да се спречи намалувањето од активното учество на жените во работната сила, затоа што е јасно дека тоа носи придобивки за сите во општеството.

За Приказна,

Вики Чадиковска

Exit mobile version