25.8 C
Skopje
Thursday, June 13, 2024
spot_img

Асистент д-р Милена Богојевска Доксевска: Ревматичните заболувања се појавуваат и кај децата

Системската терапија којашто е првата линија на лекување, ја одредуваат
ревматолозите. Следниот дел е всушност и почетниот, кога ќе се појави болеста, ние како ортопеди делуваме со интра артикуларна апликација, односно извлекување на содржината од самиот зглоб и поставување на соодветни лекови со коишто би се намалило воспалението. Лекот којшто се препорачува за вбризгување кај децата за жал, не е достапен кај нас, вели за Приказна, асистент д-р Милена Богојевска Доксевска – Универзитетска клиника за ортопедски
болести.

Дали ревматичните болести ја погодуваат само повозрасната популација?

Богојевска Доксевска За жал не, ревматичните заболувања се појавуваат и кај децата и понатаму во животот и кај возрасните пациенти. Кај некои се појавуваат и остануваат во текот на животот од нивната детска возраст, а кај некои се појавуваат во подоцнежните години, без правило дали тоа ќе биде во 20, 30, 40 – тите години или натаму во животот кај повозрасни пациенти.

Дали ова се болести на зглобовите или ги зафаќаат и другите органи?

Богојевска Доксевска Ревматските заболувања се автоимуни заболувања кои зафаќаат и други органи, понекогаш и примарната причина за постоење на ревматично заболување потекнува од друг орган, како на пример псоријатичен артритис, каде што кожно заболување е примарна причина за појавување на ревматично заболување. Овие заболувања може да се појават и како секундарни, односно како последица на примање извесни лекарства или како последица на други заболувања коишто ги имале пациентите.

Самите ревматични заболувања понекогаш знаат да бидат поврзани и со заболување на очите да се појави увеитис или воспаление на срцевиот мускул и заради тоа овие заболувања се кажува и се смета дека се мултидисциплинарни. Во секој случај, при ревматичните заболувања, примарно се зафатени зглобовите.

Кои се причините да се појави ревматично заболување?

Богојевска Доксевска Ревматичните заболувања во главно се идиопатски. Тоа значи дека причината за заболувањето не ја знаеме, исто како повеќето автоимуни заболувања. Ретко се знае која е причината, но во извесен број постои и генетска основа. Значи ако еден од родителите имал ревматично заболување, може да се случи и децата да го имаат истото.

Родителите кога ќе забележат проблеми кај децата прво се обраќаат на ортопед?

Богојевска Доксевска Доколку се појави оток на зглобовите, оние видливи отоци како на коленцата, на скочниот зглоб, логичниот след на упатување е прво да се  детето да дојде на ортопед и оттука се почнува да се отплеткува целата приказна. Така што често нашата улога е прва, иако не е единствена во лекувањето на овие деца и во поставувањето на дијагнозата.

Ние како ортопеди не ја поставуваме дијагнозата, туку ја поставуваат детските ревматолози или ревматолозите кај возрасните. Значи ние се соочуваме со оток и проценуваме со клинички и дијагностички алатки од типот на ултразвук кој најчесто се користи како примарен имиџинг метод, дали се работи за синовитис, дали се работи за излив во зглопчето или двете, што најчесто е случај и кои се зглобови се зафатени.

Дали тешко се поставува дијагноза?

Богојевска Доксевска Дијагнозата за ревматичните заболувања, особено за идиопатскиот јувенилен артритис не се поставува едноставно, бидејќи кај децата нема позитивен реума фактор. Тоа е дијагноза на исклучување, што значи нема конкретен тест со којшто може да се потврди дека е тоа заболувањето, туку се знаат клинички параметри по коишто интернистите, ревматолозите и педијатрите реуматолози ја поставуваат дијагнозата, така што многу често поставувањето на дијагнозата за јувенилнен идиопатски артритис се знае да се одолговлечи.

Според Вашата пракса, кои се најчести ревматси болести?

Богојевска Доксевска Најчест е ревматоидниот артритис со којшто ние како ортопеди се соочуваме во секојдневната пракса. Исто така постојат и други заболувања со кои се соочуваме, а тоа се анкилозирачкиот спондилитис, полимијалгија реуматика, реактивен артритис поради постоење на претходно заболување од воспалителна или бактериска природа, или поради постоење на некоја претходно автоимуна состојба итн.

Статистиката вели дека жените почесто се соочуваат со ревматичните заболувања. Дали се знае зошто?

Богојевска Доксевска Не се знае половата предоминанца, со тоа што во различни возрасти на појавување на болеста, различна е и половата предоминаца. Па така кај децата од 1 до 3 години почести се женските, но за разлика од нив вториот пик којшто се појавува околу 9 години, па во таа фаза почести се машките како популација што е зафатена со ревматични заболувања.

Дали физичката активност може да помогне?

Богојевска Доксевска

Да, целта на лекувањето на ревматичните заболувања и отоците во зглобовите е да се прекине еден волшебен круг којшто со појавувањето на отокот во зглобот, ги имобилизира мускулите, настанува спазам настанува кој потоа доведува до контрактура на самиот зглоб. Нашата цел е да го прекинеме тој процес на укрутување на зглобот.

Да, секако физичката активност игра огромна улога, меѓутоа понекогаш може да биде поттик за поголемо воспаление. Затоа треба да се внимава каков тип на спорт се препорачува кај децата и кај возрасните и каков тип на физичка активност, но најчесто препорачани активности се пешачење, пливање, возење на велосипед, танц, активности со понизок интензитет.

Дали е лесно достапна терапијата?

Богојевска Доксевска Системската терапија којашто е првата линија на лекување ја одредуваат ревматолозите. Следниот дел е всушност и почетниот, кога ќе се појави болеста, ние како ортопеди делуваме со интра артикуларна апликација, односно извлекување на содржината од самиот зглоб и поставување на соодветни лекови со коишто би се намалило воспалението. Лекот којшто се препорачува за вбризгување кај децата, triamcinolone hexacetonide, за жал, не е достапен кај нас.

Како што веќе наспоменав, целта е да се спречи тој волшебен круг којшто се појавува кај овие пациенти, но ако не успееме, следно би биле хируршки зафати. Тоа е синовектомија за која е дискутабилно колку е ефикасна. Меѓутоа, во некои случаи е неопходна за спречување на контрактурите кои се појавуваат, и на крајот секако и последниот тип на оперативни интервенции коишто би можеле да се направат од страна на ортопедски хирург тоа е поставување на ендопротези, најчесто на колк и колено. Постои еден дијапазон на нешта кои можеме да ги сториме за тие пациенти. Ние како ортопеди цело време сме дел од мултидисциплинарниот тим на лекување на пациентите со ревматични заболувања и посакувам да бидат достапни сите лекарства и интервенции кои им се неопходни на пациентите со ревматични заболувања.

Документарен магазин Приказна

Дали постои целосно излекување или станува збор за примање доживотна терапија и ремисии?

Богојевска Доксевска Да, ремисии се можни, меѓутоа станува збор за еден циркулирачки фактор кој секогаш ќе биде присутен во организмот. Се очекува со терапијата да се намалат симптомите, меѓутоа, тоа е темпирана бомба. Едноставно не знаеме во кој момент ќе се појави повторно. Комплетна ремисија може да се очекува кај дечињата кои првите симптоми ги имаат на помала возраст и кај оние кај кои се појавува после пубертетот, во адолесценцијата што значи дека може да се очекува и потполно повлекување на симптомите.

Наташа Јанкуловска Торевска

Текстовите, фотографиите и останатите материјали што ги објавува Приказна.мк се авторски. Крадењето авторски содржини е казниво со закон. Бесплатно преземање е дозволено само на 20 отсто од содржината со задолжително цитирање на медиумот и хиперлинк до оригиналната содржина на Приказна.мк.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

СЛЕДЕТЕ нѐ на

5,498FansLike
3,121FollowersFollow
spot_img

НАЈНОВИ